27 Април, 2024
0.0265

Македонскиот сојузник и бизнис партнер - Германија

Објавено во: Колумни 02 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Нема сомнежи дека Германија претставува најголем сојузник и бизнис партнер за развој на македонската економија. Имено, ако се погледнат бројките во официјалните статистики, може да се забележи, назад во годините, еден тренд на нагорна линија со константен суфицит на македонската економија во контекст на меѓусебната трговска размена со Германија. Исто така, во последната декада, се забележува и зголемена активност и интерес за инвестирање во нашата економија, од страна на германските стопанственици. Тоа, со право, ја оправдува тезата за нашиот најголем сојузник во растот на економијата. Покрај другото, ефектите од ваквата нагорна динамика во економските релации со Германија, може, првенствено да имаат директно влијание врз намалувањето на неврабoтеноста кај домашните граѓани, како и обид за привлекување на лицата, кои, претходно ја напуштиле татковината. За таа цел, преку трансфер на технологии и системи на работа, од страна на германските компании - инвеститори, се врши директно имплементирање на нивните практики, тука, како и стимулирање на побрзи реформи во образованието. Крајната цел на ова, ќе биде позитивен притисок за брз развој (трансформација) од општото кон стручно образование (читај: дуално). Во иднина, тоа ќе биде персонализирано кон одредени модерни занаети, како што се: електроника, програмирање, дигитални и дизајн комуникации, сметководство, банкарство, контролинг, мобилни апликации, како и занаетите од машинството и металургијата.

На средината на 2017 година, како реципроцитет на добрите односи со Германија и низа позитивни искуства со успешни инвестициски проекти во зоните и надвор од нив, група влијателни професори и стопанственици, предводена од управата на „ФОРУМ Институтот за менаџмент“ од Хајделберг, носат одлука да се основа, првата германска образовна установа во Западен Балкан, и тоа, со седиште во Скопје. Добро се сеќавам, институцијата, препознатлива како Хајделберг Институт, беше регистрирана во октомври, 2017 година, во Скопје како приватна научна установа во доминантна сопственост на две германски компании. Како главен „мотор“ за развој беше професорот Улрих Зеител, кој, како ко-основач на „ФОРУМ институтот за менаџмент“ во 1979 година во Хајделебрг (Германија) важи за еден од најголемите создавачи на стручно образование (со над 100 вработени, 15 милиони евра приходи годишно и повеќе од 4.500 настани во годината) и еден од важните луѓе во економскиот совет на „партијата на Меркел“. Во таквите намери, беше поддржан, преку малцинско учество во институцијата на висок член во управата на престижната Франкфуртска школа за финансии и менаџмент (Читај: Универзитет за банкари и финансисти во Франкфурт), поточно од професорот Роналд Глеих и неколкумина влијателни стопанственици. Ете, почитувани читатли на ФАКТОР, така некако започна германската приказна за создавање на еден т.н. различен период во едукацијата. 

Има моменти, каде, понекогаш, се прашувам: Што е тука различно? 

Во насока на прашањето, ќе започнам со една паралела. Имено, цената на еден универзитетски час, тука и во земјите од регионот, изнесува околу 20 евра - нето (во просек). Додека истата таа цена, во Германија, за нивните професори изнесува околу 200 евра. Оттука, ако сакате да направите квалитетна едукација со „увоз“ на германски предавачи, на мисла сум, тоа ќе ве чини не помалку од 2.000 евра за еден ден, или преведено во школарина за слушателите, истото ќе изнесува не помалку од 10.000 евра (за каква било неформална диплома-сертификат со потпис на професор од „Deutschland“). Значи, ако сакаме трансфер на знаења и практики со знакот на „DE“, тоа може да подразбира еден вид на луксуз. За да не е така, ние се одлучивме да ја поддржуваме идејата за привлекување на основачи, тука, во Скопје. Поточно, со тоа, се направи еден вид на „win-win“ ситуација и за двете страни. Тие (мислам на управата од Германија) лобираа за учество на врвни професори во нивната филијала, тука во Скопје, но по македонски цени, а за сметка на тоа, ние, добивавме прифатливи понуди со знакот на „DE“ и многу често ја промовиравме (како и во колумава) германската филозофија на образование, со крајна цел: да дојде големиот капитал од Германија, преку странските директни инвестиции во зоните кај нас, последователно на ова.  

Во поглед на мерилата за општествено достигнување на високите слоеви на поединци и групи, во развиените земји, ако направам уште една паралела, помеѓу Франција и Германија, тоа би изгледало вака: она што за Франција, претставува, една од најголемите општествени придобивки, особено за високите слоеви на пединци и групи, а тоа е делувањето преку едукација врз западен дел од Африка, и со тоа, трансфер на француските практики и знаења, така, на сличен начин за Германија, како чин на голема општествена награда за богатите општественици и бизнис групи, претставува трансферот на знаења и практики преку присуството на едукативни институции во земјите од Западен Балкан. Тука, ние треба да сме мудри, и во таквите нивни намери преку компететивна трка, да го извлечеме сето она, што, ги направило тамошните системи добри, ако можам така да ги наречам. Имено, под добри, ги подразбирам системите со одличен квалитет на живот.   

Според тоа, како чин на општествена награда од тамошната јавност и политичкиот естаблишмент, настан под името „Балканска недела на бизнисот“, за германската бизнис заедница претставува еден нов правец за трансфер на знаења и практики кон земјите од Западен Балкан. За таа цел, по одржаната седница, седма по ред, управата на германскиот Хајделберг Институт во Скопје,како пракса од редовната координација помеѓу претседателот д-р Зеител и членовите на неговиот одбор: проф. д-р Роналд Глеих д-р Бриџит Спилман, и проф. д-р Мајк Шулц, на почетокот на годинава, беше поддржана иницијативата за регионализација, за прв пат, на глобалниот настан, со наслов: „BALKAN BUSINESS WEEK“ (кој ќе се одржи online, од 7 - 11 ЈУНИ 2021 година, во соработка со „нашиот АБИТ“ - Академијата за банкарство и информатичка технологија). Во пет дена, на настанот ќе имаат свои излагања повеќе од 80 домашни и странски говорници, и тоа: високи државни претставници, истакнати членови од германскиот Бундестаг и НАТО парламентарното собрание, високи членови на управите од централните банки во регионот, европските и регионалните асоцијации за банкарство, управите на водечките стопански комори, управите на големи светски компании во ТИРЗ-овите и надвор од нив, како и експерти во повеќе области (како што се: дуално образование, ризици, дигитална трансформација и контролинг).

проф.д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД