29 Април, 2024
0.0301

Макрон ќе подготвува самит меѓу Бајден и Путин

Објавено во: Колумни 21 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џо Бајден го прифатиле предлогот на нивниот француски колега Емануел Макрон за средба, соопштија доцна синоќа од Елисејскиот дворец. Содржината на самитот ќе ја подготват државниот секретар Ентони Блинкен и неговиот руски колега Сергеј Лавров. Според Макрон, самитот ќе се одржи доколку Русија не ја нападне Украина. Пред некој ден беше најавено дек Лавров и Блинкен ќе се сретнат на 24 фебруари во Европа. Очигледно францускиот претседател игра на се’ или ништо. Доколку успеат неговите вчерашни дипломатски напори, тогаш тој ќе ги добие лесно изборите за претседател и ќе се наметне како прва виолина во ЕУ.   

Во очекување на одржување на таква средба треба да се каже дека деновиве само мрзливите политичари во САД и Британија не лицитираат со напад на Русија врз Украина. Ќе биде денес, ќе биде утре, ќе биде наредниве денови. Ставена е Украина меѓу чеканот и наковалната. Од една страна е руското оружје, а од друга се санкциите против Русија, кои треба да ја „уништат“. Да, но санкциите се исто така закана за Украина, како и оружјето на Русија.

Тоа најдобро го илустрираше украинскиот претседател Владимир Зеленски на Минхенската конференција за безбедност одржана викендов. Украинскиот претседател во Минхен дојде и покрај повикот на американскиот претседател Џо Бајден да не оди на конференцијата. Бајден минатата недела го кажа тоа, а и дека разговарал со Зеленски неколку пати, но одлуката била на украинскиот претседател. Дали Зеленски не го слуша Западот? Или од таму го притискаат. Да не се случи, ако нема војна во Украина Зеленски да треба да оди на предвремени избори. Со Западот нема играње.

Можеби Бајден го советувал Зеленски да не патува во Минхен знаејќи, што тој таму ќе зборува. Се разбира за Западот. И навистина, украинскиот претседател беше отворен. „За да се помогне вистински на Украина не треба постојано да се зборува за датумите од веројатна инвазија. Ние ќе ја штитиме својата земја и на 16 фебруари, и на 1 март, и на 31 декември. Нам многу повеќе ни требаат други датуми“, рече Зеленски. А тоа за него се роковите за влез во ЕУ. Тој е лут на Унијата која не им парира на руските тврдења дека Украина одбрала погрешен пат и дека никој во Европа не ја чека. „Зарем Европа не треба постојано да зборува и да покажува со дела, дека тоа не е вистина. 

УРНАТА БЕЗБЕДНОСНА АРХИТЕКТУРА

Второ, рокови за влез во НАТО. „ Нам ни велат вратата е отворена. Но, засега не е дозволен влез на надворешни лица. Ако некои членки на Алијансата не сакаат да не видат или сите членки не сакаат да не видат, кажете чесно“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател раскажа и за средба со претставник на една земја, кој го убедувал дека руската инвазија е „неминовност“. Но Западот не сака да ги публикува санкциите наменети за Русија, ниту сака превентивно да ги воведе. А тоа за Зеленски претставува манипулирање. Последиците од тие манипулации се паниките и последица од нив падот на гривната. А Западот не сака да дава кредити за нејзина поддршка без политички условувања.  Секогаш давањето пари го условува со разни реформи. Паниката и последиците од неа влијаеа врз економијата и ја натераа украинската власт да бара финансиски гаранции од Запад. Претставници од САД и ЕУ  соопштија дека САД ќе дадат гаранции од една милијарда долари, дек ЕУ ќе даде помош од 1,2 милијаради евра. Но секако со поставени услови. А еврокомесарот Жозеп Борел му одговори на Зеленски дека ЕУ вложила во Украина многу пари, но на неа и претстои уште долг пат  за да стане членка на ЕУ.

Некои посматрачи сметаат дека Зеленски има чувство дека го „шетаат“. Западот го „шета“ со заканата од руски напад за да го направи попослушен за повеќе прашања, од исполнувањето на Минските договори, до назначувањето на првиот човек на Советот на антикорупциското обвинителство. За последново наводно се лутеле и во САД, зашто било договорено одамна меѓу Бајден и Зеленски.   Москва, пак, го „шета“ Зеленски со разните евакуации, мобилизации, експлозии на џипови, се’ за да се даде повод за признавање на двете одвоени републики на истокот од страна на Русија. За Зеленски сето ова не е важно, па дури смета дека ќе нема никаква војна.

Малку невообичаено украинскиот претседател проговори за една работа за која се залага Русија во последно време и го бара тоа од Западот. Според украинскиот претседател „урната е архитектурата на светската безбедност“. Таа, вели Зеленски е „кршлива, треба да се обнови Правилата за кои светот се договори пред десетици години повеќе не  функционираат. Како пример за тоа Зеленски ги посочи потезите на Русија кон Украина, а светот гледал на тоа рамнодушно. 

ВИСОКИ ВЛОГОВИ

Конечно Зеленски прозборе и за Минските договори. И нормално вината за неспроведувањето ја префрли врз Русија.  „Украина прави се’ што е можно за да се помрдне разгледувањето на политичките прашања. Во Тространата прегварачка група има наши предлози – предлог закони, но се е блокирано, никој за нив не зборува“, реагираше Зеленски. За волја на вистината треба да се каже дека предлог законите досега требаше да бидат подготвени и за нив се спомна неодамна, како обврска на Украина, произлезена од самитот на „Норманската четворка“ во Париз, 2019 година. Веројатно Зеленски сега е притиснат од Германија и Франција конечно да ги подготви таквите закони. 

Си има Украина големи маки. Но маки имаат и ЕУ и САД и НАТО и Русија. Влоговите во играта околу Украина се многу високи. Америка и Британија како да настојуваат по секоја цена Русија да нападне. За потоа да воведат санкции кои би ја поткопале нејзина позиција во светот. Пред се’ економска. Иако, се повеќе се зборува дека со санкциите не помали последици ќе има и за западните земји. Особено оние кои имаат развиени економски односи со Русија. А тоа не се ниту САД, ниту Британија.  Можеби затоа англосаксонците се упорни дека рускиот напад е неминовност. А тоа сега го поткрепуваат со наводните провокации на сепаратистите на истокот од Украина. Независно што пак во Русија се споменува, дека провокација можат да направат и западњаците во Украина. 

Најновите настани на истокот на Украина беа повод за интензивни разговори меѓу политичарите. Дури два пати разговара вчера Путин и францускиот претседател Емануел Макрон. По првиот разговор, Франција ги најави плановите за средба на највисоко ниво за определување на „новиот мировен поредок и безбедноста во Европа“. Од Елисејскиот дворец соопштија дека за достигнување дипломатско решение на кризата на истокот од Украина во наредните денови ќе се сретнат министрите за надвоешни работи Жан-Ив Ле Дриан и Сергеј Лавров. Освен тоа се планира, колку што е можно побрзо да се свика средба на Тристраната група за преговори во која влегуваат претставници на Русија, Украина и ОБСЕ. „ Оваа дипломатска работа треба да овозможи  да се оди напред со вклучување на сите заинтересирани страни (европјани, сојузници, Руси и Украинци) , при почитување на условите, да се одржи средба на највисоко ниво и да се определи новиот мировен поредок и безбедноста во Европа“, се вели во соопштението на Елисејската палата.

ВАЖНА НЕДЕЛА

Веројатно Французите во својот дипломатски обид имаат желба за некаков голем самит на лидери, но пред се’ сакаат да ги соочат главните играчи. САД и Русија. Токму затоа Макрон инсистирал за средба на Бајден и Путин. Зашто тие ако се договорат тогаш работата повеќе од половина е завршена. Се’ друго ќе биде техникалии. Дотолку повеќе што Макрон по разгововорот со Путин, разговараше со Зеленски, а овој ветил итно воведување режим на тишина на границата со сепаратистичките територии. И учество на состанокот на Тристраната група за преговори.

Емануел Макрон вчера разговараше и со британскиот премиер, Борис Џонсон. Во разговорот се совпаднале нивните мислења дека Минските договори мора да се спроведат без поговор. Британија досега зборуваше само за „руски напад“ врз УКраина. Ова е прв пат да се даде изјава за Минските договори. Џонсон во разговорот со Макрон изразил мислење дека обврските што ги презел Путин пред Макрон „биле долгоочекуван признак“ за тоа дека Русија е подготвена да ја решава ситуацијата околу Украина по дипломатски пат. И Џонсон и Макрон очекуваат, неделава пред нас, да стане најважна за обидите по дипломатски пат да се реши украинскиот конфликт.

Што се договориле Путин и Макрон. Што си ветиле еден на друг.  Па работите да добијат вакво забрзување? До вчера САД, Бајден се закануваше дека ако Русија се втурне во Украина ќе биде „уништена“. Државниот секретар Блинкен најави санкции дури и за „ниско или средно зовривање на ситуацијата“,Русите дури и да не би влегле во Украина! Бајден вчера одржа и седница на Советот за национална безбедност.

ВЕТУВАЊАТА ЗА НЕШИРЕЊЕ НА НАТО

Дали на ваквиот развој на настаните не влијаеше и објавувањето на документи од деведесеттите години во кои станува збор за неширење на НАТО на Исток? Запад, САД, а и НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг, на пример постојано зборуваат дека немало такви ветувања. Но францускиот весник „Фигаро“ вади архивски документи. Факсимил од белешките од разговорите на министертот за надворешни работи на СССР, Едуард Шеварнадзе, со државниот секретар Џејмс Бејкер.  Во факсимилот на белешките разгововорот запишано е дека Бејкер изјавил: „Ако обединета Германија остане во НАТО, тогаш треба да се погрижиме за нераспространување на неговата јурисдикција на Исток. А кон тоа и обврските на Германија кон хемиското и биолошкото оружје“.   

И германски „Шпигел“ објави документ од пред 30 години. Времето на распад на СССР. Документот потврдув дека Запад тогаш му ветил на Советскиот Сојуз дека НАТО нема да се шири на исток. Станува збор за средба на раководители од Стејт департментот на САД, Британија, Франција и Германија во Бон на 6 март. Варшава и Будимпешта најавувале заинтересираност за Алијансата, но Британците, Американците, Германците и Французите се согласиле дека членството на тие земји  во НАТО е неприфатливо.

Во документот најден од американски научник во Британија се вели „Во преговорите во формат „2+4“ ние јасно дадовме до знаење дека нема да го шириме НАТО зад Елба. Па затоа не можеме да и предложиме на Полска и на други членство во НАТО“, изјавил тогаш претставникот на Бон, Јурген Хробог, кој веројатно Елба ја помешал со Одра. Претставникот на САД Рејмонд Зајц се согласил со Хробог, ветувајќи дека Америка „нема да извлече полза од повлекувањето на советските војски од Источна Европа...НАТО не треба да се шири на исток, ни официјално, ни неофицијално“. 

 ПРОГРАМИ МАКСИМУМ И МИНИМУМ

Независно дали ова влијаело на договорот меѓу Макрон и Путин, а најверојатно и не влијаело и денес не е важно, бидејќи Алијансата веќе има 30 членки. Важно ќе биде за барањето на Русија писмени гаранции за нејзината безбедност, на што таа инсистира, имајќи го предвид искуството од минатото. Читајќи ги соопштениата од Елисејската палата, се наметнува впечатокот дека, доколку не дојде до војна наредниве денови, Путин исполнил дел од своите цели. Најважно – да се седне да се разговара за руските барања. Кога се оди во преговори се оди со програма максимум и програма минимум.  Максимумот за Русија е неширење на НАТО, повлекување на инфраструктурата од земјите членки од 1997 година наваму, писмени гаранции за безбедноста и преговори за разни договори од безбедносен аспект. Нормално и Западот, САД и НАТО имаат свои програми максимум и минимум. Ќе биде интересно каде ќе се совпаднат двете програми. И каков ќе биде договорот. 

Пред некоја недела на овие страници имавте можност да прочитате текст озаглавен. „Чекајќи ги Бајден и Путин“. Во него најавивме дека кризата ќе се реши со нивна средба. Се чини дека ќе ги дочекаме. Да го почекаме уште решението. А Украина? Таа ќе ја има судбината на предмет на разговор. Се разбира доколку нејзиното раководство не застане и не се спротивстави на она што ќе го договараат Бајден и Путин, без да се почитува нејзиниот интерес. Туку ќе се види големината на првиот човек на државата. Дали е човек со храброст и решителност, кој не би попуштил пред непочитувањето на државните интереси. Да даде до знаење дека неговата држава не може да биде монета за поткусурување, колку и да копнее кон интеграции во НАТО и ЕУ. Цел која е вградена во нејзиниот устав. Нема да му биде лесно на Зеленски. Тој има голема опозиција во државата во поглед на  догово со Русија. Но од друга страна, токму тука се гледа големината и храброста на претседателот. По цена на губење на функцијата да донесе траен мир и просперитет на својата држава. Поддржан од мнозинството граѓани на Украина. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД