19 Март, 2024
0.0227

Малку по малку, колку да не боли, се до балчак

Објавено во: Колумни 20 Мај, 2018

Добивај вести на Viber

Човек ако сака да си вежба глупост, добра прилика е да си прави комбинаторики со името на нашата татковина Република Македонија, особено што нашето уставно име им пречи на Грците, на многумина им пречи тоа што долго врема беше во оптек Горна Македонија, сега од ракав се вади адут Илинденска Македонија, арно ама тоа име не го прифаќаат политичките елити на албанските партии во Република Македонија, демек во тоа име нема опфат на Албанците или не се гледаат себе си во таквото име. 

На првиот Илинден беше прогласен Крушевскиот манифест кој ги повикуваше сите сограѓани, Македонци, Власи, Турци, Арнаути да се обединат и приклучат во заедничката борба за слобода, против робството наметнато од османлиската власт. Ако некои денес не се наоѓаат во тој документ се поставува прашањето зошто, веројатно тоа говори дека тогаш тие биле на страната на некои други.

На вториот Илинден за прв пат се конституира Македонска држава, како рамноправна заедница на сите граѓани што живеат во неа. Очигледно дека и оваа општествена творба не била по мерак на некои што денес не можат да се препознаат и во нашиот свет втор Илинден...можеби и тогаш биле со некоја друга страна.

Третиот Илинден се случи месец дена после денот Илинден, на 08. Септември. И во третиот Илинден некои не можат да се препознаат?! Па каде биле тие тогаш, под кревет да не се криеле, за што се залагале, за кого работеле, чии интереси застапувале?!
По оваа логика, Србите, Бошњаците и Ромите во Република Македонија исто така можат, кои повеќе, кои помалку, со мирна душа да реагираат и да не го прифатат последниот предлог од кумовите.

Тогаш, ако не е прифатлив предлогот Република Илинденска Македонија и покрај трите илиндена кои се темел на македонската борба за слобода и остварување на вековното тежнение за конституирање на македонска држава, особено за Албанците, евентуално и за Србите, Бошњаците и Ромите, тогаш наместо Грците, да оставиме помалите етнички заедници во Република Македонија да ни бидат кумови.

Република Бајрамско Светосавско Ѓурѓовденско Илинденска Македонија, верувам би било име што би го прифатиле велемудрите политички елити во земјава, без разлика која етничка заедница ја претставуваат (ако воопшто некого претставуваат). Во едно вакво име, се живо и диво може да се најде и да се собере во него, би можеле да ни завидуваат сите држави. 

Земете ја Америка за пример, таму, сакале не сакале сите мора да се декларираат како Американци, без разлика дали се со латино американско, шпанско, ирско, германско или кое било потекло...пих и тоа ти било демократија. Германија, чудна некоја земја, во неа живеаат неколку милиони турци, преку милион расселени лица од кризните региони во Азија и Африка, неколку милиони граѓани од различни делови од Европа, особено од балканските земји и најновите земји членки на ЕУ, но замислете, не им паѓа на памет да го сменат името Германија во некое друго име за во него да се препознаат сите припадници на етничките заедници што живеат во неа...и некој ќе каже дека Германија била демократска земја, ма немојте ви се молам, каква демократија какви бакрачи.

Грчката опозиција не го прифаќа името Република Илинденска Македонија, затоа што токму во тоа име се криел иридентизмот ?!  Да не го кажеа тие тоа и ден денес немаше да знам каде се крие нашиот македонски иридентизам и колку голема закана можеме да бидеме ние за една минорна држава како Грција, а многу пати се прашував од каде им доаѓа тој страв во коски на кутрите Грци...тоа тука лежел зајакот, во Илинденската Македонија!

За малку ќе заборавев дека кај нас во Република Македонија живеат и граѓани кои се најбројна заедница во државата, и се декларираат како Македонци, мислам на нас што немаме земано бугарски пасош и државјанство. Дали некој нас не прашува дали прифаќаме какво било кумство?! Дали некој не прашал што нам ни одговара, па мора се некој друг од надвор или од внатре да ни биде кум, да не крсти и покрстува, па онака како лош секс, ќе треба на рати да не сексаат се додека не се преобразиме...еве, случајно, но добра идеја за новото име кое сугерирам на преговарачите во процесот на доброволно обезличување на граѓаните кои се чувствуваат единствено како македонци - Република Преобразена Македонија. Не, не го поврзувам со 19. Август, со празникот Преображение Христово, го поврзувам со вкупната преобразба која ни се нуди на рати, онака, секс, малку по малку, колку да не боли, ама се до балчак. Не знам, но имам впечаток дека многумина уште долго време ќе вежбаат глупост.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?