22 Јуни, 2018
0.3834
    ALK 8331.04    0.37%     BESK 9899    1.01%     COMA 306    0%     GRNT 848.09    2.11%     KMB 5322.64    1.79%     MPT 43620.21    5.11%     MTUR 4790.91    1.94%     OHB 6376.92    -0.37%     OKTA 4747    9.98%     POPK 15    7.14%     RMDEN16 95.5    0%     RMDEN17 95.6    0.21%     RZLV 82.6    1.98%     RZUS 149.5    6.03%     STB 981.83    1.27%     STBP 896.62    0.28%     STIL 153.87    3.97%     TETE 2299.91    0.45%     TNB 13946.7    1.16%     TPLF 1113    -9.95%     TTK 1030.25    2.55%     UNI 2618.83    8.01%     ZILU 262.98    2.73%

МАНУ да го редефинира поимот проституција

Објавено во: Колумни 29 Мај, 2018

Уште во време на раното детство кога некој ќе спомнеше проституција, проститутка или проституирање не обземаше некое необјасниво чувство на срам од изустениот збор, на страв, на нешто нечисто, нечесно, нешто страшно. Подоцна разбравме дека тоа бил најстариот занает на светот и подразбира продавање на телото за пари или за некаков друг бенефит (некаква имотна корист, подоцна за кариера и сл).

Арно ама со "развојот" на плурализмот и демократијата, проституцијата метастазира во сите пори на општествениот, политичкиот и економскиот живот, без разлика на тоа за која земја станува збор, едноставно времињата се такви и ништо не може да изненади.

Кај нас, ја има на секој чекор и во сите форми, од онаа генеричката до политичката, економската. 

Ако поминете покрај бензинската пумпа на Макпетрол, непосредно после зградата на граничната полиција до МРТВ во Скопје, таму се нуди проституција од генерички вид. Меѓутоа, денес може да говориме за проституција која отстапува од тој поим на кој сме навикнати - проституција во која не се нуди и продава само телото за пари. Со децении на назад се продава, се распродава и се купува душата и тоа во и од сите власти во државата, од законодавната, преку извршната до судската и при тоа без да го загубите намузот, безсрамна проституција и со разорна моќ врз фундаменталните столбови на општеството. Збунувачки е фактот што јавно и без срам се нудат и договараат услугите, а сполај му на бога, за секоја стока на пазарот има и соодветни купувачи. Така, можете да си купите некого што ќе ви го зголеми мнозинството во парламентот; можете да си купите коалиционен партнер во владата, да му дадете министерско, заменик министерско или некое друго раководно место во популарните трети ешалони, без разлика колку им сечи на тие, не водејќи сметка дека таму некаде во администрацијата има луѓе кои знаат, умеат и станале тоа што се затоа што се стекнале со општествено верификувана диплома, квалификации, компетенции и вештини, со искуство за да извршуваат и најсложени работи и работни задачи и да носат клучни одлуки за работата која ја вршат, но се луѓе со интегритет па не се за продажба; можете да си смените јавен обвинител или судечки судија што ќе се препотува при изрекување на пресудите, затоа што и самите тие не се убедени во тоа што го говорат, но пустото кариера е во прашање...и што уште и каде уште не?!

Очигледно и не е така лоша проституцијата како занает, особено во овие турбулентни времиња кога многумина ја практикуваат како национален спорт со можност да се биде фенси, да се има престиж, за што дури и вокабуларот се менува. Ете, на тие на кои до скоро им се потсмеваа, ги плукаа, псуеја им се закануваа, им се к'начеа пожувајќи им среден прст, сега наеднаш во позиција на коленичење не само што се додворуваат, користат мекани, одбрани и милозвучни зборови, се за нив и со нив, а при тоа три пати се откажаа од претходните им пајташи како св. Петар од Исус, пред да запее првиот петел.

И не изненадуваат таквите што коленичат, многу повеќе изненадуваат тие што ги купуваат, тие што прифаќаат да купат лесно расиплива и контаминирана стока, односно да прифатат такви подлизурковци и луѓе без интегритет во сопственото друштво, што јасно говори и за едните и за другите, впрочем и во пазарот, како и во љубовта треба да има најмалку двајца, по можност со сродни души. 

Сега овој занает се проширува и на меѓународен план. Република Македонија е во позиција да коленичи за подобра иднина, но при тоа треба да ги опслужи без малку сите што ни фрлиле мерак, сите што ни имаат дури и задни намери и тоа безплатно.

За едни, треба да си одбереме некое сексиљаво име, заради нивната импотенција да можат да општат со нас; за други треба да ги смениме учебниците по историја, затоа што кутрите не можат да се возбудат ако во учебниците стои дека и во првата и во втората светска војна биле на погрешната страна и дека биле окупатори и зулумќари низ населените места на територијата на нашата татковина Република Македонија.

Сепак врв на сето тоа е идејата за заеднички дипломатски и конзуларни претставништва со Република Бугарија. Еден народ две држави (?!), не знаете кој кого секса, но во секој случај ние сме страната која е во позиција на коленичење. Дојде ред, да водиме заедничка надворешна политика со друга држава при што, тие треба да ги застапуваат нашите интереси во земји во кои Република Македонија нема дипломатско или конзуларно претставништво?!

Со Виенските конвенции, еден дипломат може да биде акредитиран за повеќе држави и воопшто не е разумно некој (кој и да е) да очекува дека дипломат од соседна држава ќе се заложи за интересите на Република Македонија со иста посветеност како и за својата земја. Кога го велам ова не мислам само на крупни економски и политички прашања, туку мислам и на оние ординарни, обични прашања, кога македонски државјанин би се нашол во притвор или затвор во некоја земја и замислете да дојде бугарски дипломат да се интересира за неговите права, за третманот кон него...пу, пу, скраја било, лично не би прифатил такво душебрижништво.

И додека проституцијата, не онаа од генеричкиот поим ни цвета во сите пори на општеството и станува добро платена "спортска" дисциплина, добро би било МАНУ да се обиде да го редефинира поимот и да ги идентификува сферите во кои се' има метастазирано, но при тоа да се стават и себе си под лупа. Белки во тоа МАНУ ќе биде поуспешна, редно е, по онаа народната - трета среќа. Најнапред се охрабрија, за потоа да се повлечат под кошула со Енциклопедијата; не беа подобри и околу ставот за името кое ги возбудува грците, па белки ова ќе им се позлати. Очекувањата се да изнајдат дефиниција која ќе го детерминира поимот, но да биде како во еден добар стар виц, да сме свесни за појавата, ама да не се нервираме.

Сепак ѓаволот ја тргнал шегата на страна од оваа појава. Редефинирањето на поимот проституција треба да помогне повторно да се врати чувството на срам како кај проститутките, така и кај тие што се проституираат, не толку за повозрасните, туку за генерациите што доаѓаат, битно е тие да научат што е долично, а што не, да научат и да знаат што значи срам и јавен презир, белки тогаш некои работи ќе дојдат на свое место за птиците повторно да ни се вратат на југ.

Воислав Зафировски


Можеби ќе ве интересира

Русија најавува тензии во Македонија

Русија најавува тензии во Македонија

ЕФТИНА НАфТА – ПОГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ

ЕФТИНА НАфТА – ПОГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ

Време ли е за оптимизам: Што очекувам од членството во ЕУ

Време ли е за оптимизам: Што очекувам од членството во ЕУ