01 Мај, 2024
0.0253

Медиумска слобода – мит или реалност

Објавено во: Колумни 04 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Слобода - о колку возвишено и гордо звучи овој збор, збор толку често употребуван, во поезија, во проза, низ говорите на интелектуална, политичка, научна елита, збор вткаен во илјадници редови пишан текст, збор кој секој од нас катадневно го употребува. Слободата е збор кој злато вреди, пранги отвора, лица ширум милува, песни опејува, вдахновува, понесува, разнежнува, милнува. Секој од нас, свесно или несвесно, наменски или случајно, го изговара зборот слобода, но некогаш така рутински и без посебна мисла и размисла, што дури ни дава за право да заклучиме дека е еден од оние зборови што секојдневно е во нашиот вокабулар, но не сме доволно свесни и рационално избистрени што не ја сфаќаме силината на овој збор. Во мигови кога сивилото те окупира и со замагливи очила едвај ја наѕираш светлината на денот, е тогаш ја сфаќаш смислата на слободата Но, како велат, за нештата да станат појасни треба прво да се изместат од колосек, за да ја сфатиш суштината на одредена појава, проблем или збор и неговото вистинско поимање и значение што го има во нашето битисување, треба да го загубиш-за миг, за кратко, или за навек. Во мигови на беспаќе, во мигови на пореметување на сето рационално и волево, во мигови кога сивилото те окупира и со замагливи очила едвај ја наѕираш светлината на денот, е тогаш ја сфаќаш смислата на слободата. Кога нештата ти се на дланка, безрезервно ги користиш и безвременски ги уживаш со сето сладострастие, кога хедонистички и се насладуваш на секоја слобода и на секој избор кој ти е даден, тогаш можеби и тоа толку силно не го цениш, но штом мигот ќе ја урниса слободата, штом поматениот разум ќе ја изгуби битката за слободата, штом пранги ти го оковуваат умот и железен катанец ти го затвора срцето за внес на слободата е тогаш го сфаќаш богатството кое си го имал, а не си умеел да го сочуваш. Колку и да сте медиумски далтонист, сепак и она малку совест што секој од нас во себе ја носи иронично ќе се насмее на ваквото прашање 3 Мај - ден на слободата на медиумите, ден можеби обичен како и секој друг, но ден за многумина посебен, за оние кои се дел од медиумскиот простор, за оние кои го креираат, создаваат, развиваат и менуваат јавното мислење, е за нив овој ден е на пиедесталот на посебен празник. А што слават и за што ќе проговорат на овој ден-за слобода на медиуми? Колку и да носите катадневно розови наочари, колку и да сте медиумски далтонист, сепак и она малку совест што секој од нас во себе ја носи иронично ќе се насмее на ваквото прашање. Слобода на медиумите кај нас е мисловна именка, замислена и посакувана во секој случај, но никако реалност, повеќе утопија. Секој самосвесен човек знае и умее да оцени и процени дека медиумската слобода е одамна изумрена, маргинализирана, скриена во глувчешка дупка, длабоко закопана и опколена со коров. Секој оној кој барем малку ѕирнал во медиумскиот простор го гледа не само сивилото, туку црнилото кое ја навјасало медиумската слобода, ја опколило, ја вјаремило, ја потседнало и таа никако не може да извири или се изнедри. Ни ѕирка ни проѕирка од медиумската слобода, ни реланост ни фикција за медиумска слобода. За каква слобода може денес да говориме во медиумите кога се уништени темелите на слободна мисла и размисла на секој поединец, за каква слобода може да говориме кога слободата на говор, на мисла, на размисла, на избор е одамна исчезната... И сигурно ве боли и мене ме боли оваа констатација, но тоа е нашата реалност кога станува збор за медиумската слобода, тоа е нашето сурово секојдневие кое го битисуваме и во кое се запрашуваме-до кога, дали пак ќе изгрее сонцето на медиумската слобода? П.С. А генерации и генерации, наши предци, храбри, умни и стројни јунаци се бореле за да ни ја донесат неа - слободата, таа им била помила и од сопствениот живот, и затоа во нивно име и во името на сите оние кои себе си се жртвувале, во името на минатото, но и во името на сегашноста и иднината, мора сите сплотено да ја вратиме неа-слободата. Тоа ни е завет, оставштина, тоа е наша должност, тоа е идеал на секој родољубец кој исконски и искрено си ја сака милата ни држава. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија, Филозофски факултет – Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД