29 Март, 2024
0.0246

Менаџирање со трошоците во период на криза

Објавено во: Колумни 23 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Германец, кој, за многумина бил оспоруван, а за многумина е идол, во 1999 година е прогласен за мислител на милениумот, како и шест години подоцна, во 2005 година, е прогласен за светски најголем филозоф, за да на крајот, во 2013 година, му ја доделат наградата светски најдобар научник. Тука, мислам на Карл Маркс. Додека ги склопувам речениците, се присетувам, како дете, израснав во духот на неговите најголеми дела, бидејќи татко ми, беше, и секако, уште е, силен почитувач на неговите најголеми дела, меѓу кои, се издвојува „Капиталот“. Во контекст на ова, секако, ни најмалку немам намера да елаборирам делови од неговите ставови во ова писане, иако, би рекол, и тоа како, денес, светот е гладен за неговата филозофија... Но, да сопрам тука за да не се појават некои несакани контроверзии по основ на текстов. Имено, само ќе дополнам дека јас и мојата генерација, сме едни од последните кои, покрај, основи на економија, на Академик Фити, изучувавме и делови од „Капиталот“ на Маркс. Но, како и да било, сега да гледаме напред... А, што има напред? Има пандемија, која, на еден синхронизиран начин истовремено ги погодува речиси сите економии во светот, и која, за разлика од големата економска криза од 2008 година не е резултат на слаби економски фундаменти или слабости на финансискиот систем, туку е здравствена криза којашто брзо се прелеа во реалниот сектор, и тоа веднаш уште во вториот квартал на минатата 2020 година. Токму затоа, во оваа анализа се одлучив да дебатираме за трошоците и нивното управување во услови на криза.  

Што, навистина значат трошоците?   

За таа цел, на почетокот ќе се обидам да протолкувам една теза, токму на Маркс. Како што пишува тој, она што го чини капиталистот и онолку колку што чини самото производство на стоката, се секако две различни големини. Од ова, произлегува дека, колку стоката го чини капиталистот се мери со издаток во капитал, а колку вистински го чини стоката се мери со издаток во трудот. Затоа, капиталистот по правило стоката го чини помалку од нејзината вредност, и тоа, за дел од вишокот на вредноста, односно за износот на неплатениот труд на работниците. Сега, тој јаз или простор кој го нарекуваме „неплатен труд на работниците“, се пополнува со процесот на производство, кој, се одвива така што човекот, работејќи, делува на предметите на трудот со помош на средствата за работа. Резултат од процесот на производство е производот. Услов, пак, за добивање на производи се средства за труд и работна сила. Бидејќи овие елементи на вложување имаат своја вредност заради тоа, велиме дека ТРОШОЦИТЕ претставуваат во пари изразена вредност на потрошениот труд, како и на сите средства и добра што во претпријатието се потрошени со цел создавање нови производи. Комплексен е Маркс, нели? Затоа, сум на мисла, дека оваа реченица е подобра: трошоците претставуваат свесно уништување на корисните предмети во процесот на производство, со цел да се добијат уште покорисни производи или други учиноци. Оттука, можеме да констатираме дека трошоците се најважната категорија на менаџерското сметководство (контролинг).  

Според тоа, за македонските компании, во услови на криза, во процесот на одлучување, контролерот користи за (она што Германците го викаат „drittblisk“) трето гледиште. Или, да се изразам, на малку народен начин, тој, поставува прашања за кои, менаџментот „е слеп“. Имено, менаџерот на компанијата е многу блиску до предметот на набљудување, и е вообичаена пракса, истиот да биде во неможност да ги согледа работите од подалеку. Тој е нестрплив; сака работите да се завршат веднаш или „до утре“. Јас велам, менаџерот е „извичник“, а контролерот е „прашалник“ во компанијата. Затоа, за една компанија да „танцува добро“ во пандемските услови, нужно е менаџерот и контролерот да работат заедно, во спрега. Токму затоа, во овој период анализираме теми, за кои, економијата покажува потреба, а такви се сите оние професии кои имаат за цел, да ја антиципираат прецизно финансиската иднина на компанијата, независно каква и да биде таа.  

Што е улогата на контролерот во функција на cost management?

Кога зборуваме за трошоците, особено во компаниите, во кои, преовладуваат негативни ризици, да се размислува од позиција на менаџер од една, и од позиција на контролер од друга страна, воопшто не е исто. Еден член на управа на силна македонска компанија, во една прилика, ми рече дека улогата на својот контролер ја гледа како улога на спаринг парнер во боксерски ринг. Во контекст на ова, ќе го цитирам: „подобро е, темелно да се претресат работите, однапред, отколку да бидешфатен на дело, кога камерите ќе бидат вистински вклучени“.

Во земјите од ЕУ, за жал не може точно да се диверзифицира одговорноста на менаџерот и контролерот, во насока на тоа, каде започнува, а каде престанува истата. Нема иделни, туку има добри системи на систематизација. Тука, мојот субјективен став е на иста линија со Германците, и вели - одделот за контролинг, треба да биде надвор од одделот за финансии, и тоа, сосема независен и неутрален. Да, тој, треба да биде до управата, но не многу блиску до неа... Луѓето, понекогаш се обидуваат да го решат овој проблем на преклопување (меѓу менаџментот и контролерот) со помош на детално и прецизно формулиран опис на работата.Меѓутоа,со тоа, само се вплеткуваат вобирократски описи и не се блиску дорешение.За таа цел, еве една добра идеа: вистинско решение е помалку регулатива, а повеќе управување по основ на слобода. Описот на работата на контролерот треба да се формулира во духот на Наполеоновата максима за Уставот: „Elle doeit etre sourte at obscure“- кратко и не премногу прецизно. Но,она што нас ни е потребно се насоките. Насоките обединуваат, описот на работата – разединува.

Препораки за управување со трошоците (Cost Management) во време на криза  

Прво, кога зборуваме за трошоците во македонските компании, треба да биде јасно, ние зборуваме за една паралелна анализа кон нив. Поточно, од стојалиште на претприемачи, фиксните и варијабилните трошоци ги набљудуваме во нивната целосност (читај: како влезни фактури) или како вкупни трошоци. Од друга страна, пак, контролерот ги набљудува истите во нивната просечност. Тука, е вештината на занаетот. Имено, кога ги анализираме трошоците од нивната просечност, ние всушност работиме со варијации, кои имаат, и тоа како, различни импликации, во оној момент, кога треба да носиме одлуки (подолу следува коментар).

Второ, за фиксните трошоци, може да се коментира дека се константни (неменливи) во целиот период на работа. Тоа е вистинито, и така, ако ги гледаме од стојалиште на претприемач. На пример: цело време гледаме ануитет (фиксен трошок) за кредит во износ од 20.000 денари. Но, ако се набљудуваат од стојалиште на контролер, тие ќе бидат земени како просеци, или ставени во сооднос со учиноците (читај: трговските стоки). Оттука, ќе влечеме поинакви заклучоци, како овој: треба да се направи максимално искористување на капацитетите, ако сакаме овие трошоци (фиксни) да не ја оптоварат нашата компанија. Како, во услови на криза? Решение: со позајмување на евтини пари од државата / банките или со користење на претходна наша ликвидност. Практично, треба да правиме се, само да не застанеме со движење. Иако, можеби споро, но компанијата мора да се движи, без разлика на стапката на профитабилност. Резултат од „позитивна нула“ е идеален во криза.  

Трето, (и најважно) за варијабилните трошоци, анализата на претприемачот ќе биде на два начини. Тоа значи, овие трошоци се набљудуваат во нивната целосност (читај: како влезни фактури), но и како просечни трошоци (по продукт). Оттука, во оваа анализа, претприемачот добро ја прави паралелата со двете состојби на варијабилните трошоци (вкупни и просечни). Тоа е така, бидејќи варијабилните трошоци, значат, влезни фактори за оперативниот бизнис на компанијата (читај: производство на коли или трговија на стоки). Од друга страна, пак, контролерот ќе ги стави во фокусот, маргиналните трошоци. Зошто? За цели на управата, тој мора да направи сценарио, за тоа, колку, и дали може да расте компанијата во обемот на производство (или на трговија). Маргиналитетот, како правило, вели дека компанијата ќе расте, или има оправданост да расте, само ако, новото зголемување на маргиналните трошоци е под, или највеќе до нивото на актуелните просечни трошоци на компанијата. Во спротивност на оваа теза, претприемачите ќе ја изложат компанијата на негативни ризици.  

проф. д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?