Мендух Тачи се промовира како вицепремиер
Објавено во: Македонија 13 Март, 2020
ДПА ја поднесе кандидатската листа на пратеници со која ќе настапи на парламентарните избори на 12 април, а впечатливо на синоќешната конвенција беше пораката со која лидерот Мендух Тачи се промовираше како вицепремиер на Владата.
На говорницата на која се обрати претседателот на ДПА беше испишано „Мендух Тачи за вицепремиер“. Тачи посакуваше предизборна коалиција со СДСМ и БЕСА но под услов да му биде обезбедено вицепремиерско место подоцна во власта.
- Не сум кариерист, на 33 години бев крал во Македонија, но мрачни сили ме оштетија, рече Тачи а за амбициите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за победа во шестата изборна единица му порача дека „Тетово не е Струмица, туку е Албанија“.
Тачи ќе биде носител на листата во ИЕ6, додека во Изборната единица еден ќе ја предводи Ниметула Демири. Орхан Ибраими е носител во ИЕ2, Сами Рушиди во тројката и Васфи Доко во „петката“.