29 Март, 2024
0.0256

Меркел не паѓа во прегратките на Путин

Објавено во: Колумни 17 Август, 2018

Добивај вести на Viber

На покана на германската канцеларка Ангела Меркел утре во Берлин ќе дојде рускиот претседател Владимир Путин. По пат тој ќе намине во Австрија на свадба на австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл. Навистина добар вовед пред средба на двата највлијателни политичари во Европа. Веројатно во добро расположение од приватната забава Путин ќе замине да седне на маса со својата најголема опонентка во ЕУ. А притоа задоволен што, ете, сепак е посакуван, не само во САД, каде што го чекаат на почетокот на идната година, туку и во Европа.

Утре вечер или во недела ќе знаеме како поминале разговорите меѓу двата лидера, дали се расипало расположението на Путин или пак уште повеќе се кренало. Сето ова од причина што на дневен ред, барем официјално се прашања од кои боли глава. Билатералните односи, Сирија, Украина, енергетските проекти. И сето тоа во светлина на новата американска политика на претседателот Доналд Трамп.

Што може да се очекува за Сирија? Војната таму е пред крај. Веќе се разговара со поствоено уредување, за враќање на бегалците, за политички реформи... Германија не е директно вклучена вовојната, но со оглед на тоа дека беше главен спонзор на Турција да и се дадат шест милијарди евра помош за справување со бегалците, неа многу ќе ја интересира ставот на Русија за иднината на состојбите во Сирија. Ова и од причина што Меркел дома губи од популарноста, меѓу другото и од политиката која ја застапува во поглед на бегалците. Вестите од Сирија велат дека наводно во покраината Алеп се вратиле околу 300.000 воени бегалци. Но има индиции дека и натаму кон Европа одат повеќе бегалци од Сирија, отколку што се враќаат таму. Згора на ова САД и Велика Британија како да не се заинтересирани за бегалците и инсистираат прво да се направат политичките промени, па дури потоа луѓето да се враќаат во земјата. Така барем тврдат Русите. Очигледно е дека таму работите се пред неизвесен расплет, па Германија сака да да знае на што е за да ја изгради не само својата, туку и политиката на ЕУ во поглед на мигрантите.

Украина? И овде работите не се многу јасни. Уште поматни стануваат од причина што догодина на пролет таму ќе има претседателски избори, па сите украински политичари наместо да водат сметка за спроведување на „минските договори“, или пак постигнување на траен мир во земјата на друг начин, тие сега се занимаваат со мерење на своите рејтинзи. А тоа ќе трае уште половина година најмалку. Тоа пак може да доведе до замрзнување на конфликтот, кое би можело да трае со децении. За што има примери во соседството на Украина. Придњестровје, на пример, па Јужна Осетија, Абхазија, Нагорно Карабах...Дека работите не се едноставни зборува и податокот дека вчера украинскиот претседател, Петар Порошенко, имал разговор со канцеларката Меркел. Најверојатно ги испорачал своите желби за разговорот меѓу Путин и Меркел, а оваа му го измерила пулсот во поглед на неговите идни намери за земјата и се она што се случува во неа и со неа. Тој разговарал со Меркел за мировни сили во Украина за мирно решавање на состојбите на истокот од земјата, но може да се претпостави дека побарал од неа да помогне околу ослободувањето на режисерот Олег Сенцов од затвор во Русија, каде што тој повеќе од 90 дена штрајкува со глад. Околу Украина тешко ќе биде да се постигне некаков договор во разговорот на рускиот претседател и германската канцеларка. Можеби ќе се излезе со политичка обланда за тоа прашање. Кон ваков заклучок води неодамнешната изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој изјави дека сега засега не гледа потреба од средба на министрите за надворешни работи во „нормандски формат“. Од едноставна причина што Украина не е заинтересирана за спроведување на „минските договори“. И тој не гледа нешто ново што би можело да биде предмет на разговор.

Енергетското прашање во односите меѓу двете држави се чини ќе биде најмалку болно за разговор. Станува збор главно за гасоводот „Северен тек-2“. Тој треба да биде завршен идната година. Гласни противници на изградбата беа балтиќките земји и Полска, а секако и Украина, која по неговото пуштање би можела да губи добивка од три до пет милијарди долари. Русија пред многу години имаше проблеми со транзит на нејзиниот гас низ Украина. Или проблем беше цената. Или „крадењето“ гас од страна на Украина, или тешкотиите во договарањето, уцените и сл. Оттука беа замислени и „Северен тек 1и 2“ и „Јужниот тек“, со цел Украина да се заобиколи во транспортот на гас во Европа. Бугарија, под американски притисок, не дозволи да се изгради „Јужен тек“, па сега се гради „Турски тек“. Германија, поточно нејзини компании, се длабоко влезени во инвестирањето во „Северен тек“. Но, поради заедничката европска енергетска политика, таа  мораше да влијае врз Русија во некои сегменти на транспортот на гасот. Меркел беше кај Путин пред некој месец и при тоа се договорија дека Русија и натаму ќе транспортира гас низ Украина, но количествата ќе бидат диктирани од пазарот.

Врз ова прашање дополнително влијаеше и претседателот на САД, Доналд Трамп. Навистина тој даваше неконзистентни изјави около „Северниот тек-2“, но последната беше дека Русија ќе го изгради него, ама Европа ќе купува и американски гас. Значи Русија ќе нема монопол, туку ќе има конкурент во САД на пазарот на гас.  Тоа беа зборови на Трамп по неговата средба со Путин во Хелсинки. Неодамна при посетата на италијанскиот премиер Ѓузепе Конте на САД, Трамп најави дека ЕУ разгледува можности за изградба на терминали за течен природен гас кои би се полнеле со гас од САД. И тоа со европски пари.

Не се знае што ќе одгвори Европа на ова, но факт е дека американските законодавци донесоа акт со кој се предвидени санкции за компаниите кои учествуваат во изградбата на гасоводот. Ќе биде интересно да се види дали заканата со американски санкции ќе се оствари и дали таа може да биде повод не само за економска, туку и за политичка солидарност меѓу Германија и Русија. Секако овде треба да се додаде и прашањето на Иран. И вчера од Вашингтон стигна предупредување дека ќе следат санкции против европски компании кои нема да ги почитуваат едностраните американски санкции кон таа земја.  Ставовите на ЕУ, значи и Германија, околу ова прашање се совпаѓаат со руските.

Што може Меркел и Путин да си кажат за билатералните односи? Меркел е една од првите европски политичари, која односите со Русија ги гради под капата на САД, НАТО и ЕУ. На времето кога работев во Москва канцеларот Хелмут Кол беше вистински поддржувач на тогашниот руски претседател Борис Елцин.  Веројатно и заради фактот што Русија директно и индиректно го поддржа обединувањето на двете Германии. Кол даваше и финансиска помош на Русија. Може да се зборува дека тие години беа најдобри во соработката меѓу двете држави уште од времето на канцеларот Бизмарк. Овој беше пруски амбасадор во Руската империја. Потоа ја обедини Германија и стана нејзин канцелар и еден од кројачите на Европа. Бизмарк своевремено велел: „Склучувајте сојузи со кој сакате, започнувајте кои било војни, но никогаш не ги чепкајте Русите“. Тој уште тогаш зборувал дека „Војна меѓу Германија и Русија е најголема глупост. И имено поради тоа таа и ќе се случи“. Што се потврдило со Првата светска војна, која Германија ја загуби, а потоа и Втората.

Изјавите на Бизмарк ги актуелизираше неодамна рускиот министер за одбрана Сегеј Шојгу.  Тој во директна форма даде изјава која личеше на закана кон Германија.  Тој во едно интервју рече дека руската страна нема да трпи разговори од позиција на сила и ги повика Германците да си ја спомнат историјата и тоа кон што можат доведат разговори со Русија „од позиција на сла“. „Прашајте ги дедовците што значи тоа да се разговара со Русија од позиција на сила. Тие веројатно ќе можат да ви раскажат“, рече Шојгу во интервјуто за телевизијата „Русија 24“. Поводот за вака остриот коментар на Шојгу беше една изјава дадена претходно од германската министерка за одбрана Урсула вон дер Лајен.

Таа на заседание на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент изјавила дека разногласијата со Русија во текот на преговорите треба да се отстрануваат од позиција на сила. „Нашата позиција е таква што ние сакаме да имаме разумни односи со Русија, но ние разбираме дека тоа треба да се случува од позиција на сила“ Според неа конфликтите треба да се решаваат на маса за преговори. На ова Шојгу додава дека имајќи го предвид минатото на Германија, германските власти ваквите изјави би требало да ги даваат повнимателно. „После се’ она што Германија го направи во нашата земја, мислам, по тој повод, таму уште двесте години не би требало да зборуваат...“  Според него Русија е отворена за кави било контакти, и за рамноправна соработка.

Ваквите изјави можат да станат предмет на разговорот меѓу Путин и Меркел, но најверојатно ќе бидат премолчени, како знак дека доволно било тоа што се „испукале“ двајцата министри. Впрочем и нивните изјави зборуваат за некаков став по одредени прашања. Но нема да бидат премолчени погоре споменатите теми. Особено за американското влијание врз Европа, кое како да заслабнува кај врз големите европски играчи. А тоа е повод Меркел да ја актуелизира во ЕУ потребата од внатрешно единство и за надеж во сопствените сили. Но притоа да води сметка да не отвора два фронта. Ќе го парафразирам, повторно Бизмарк, кој сметал дека за Германија е погубна борба на два фронта. Токму затоа посетата на Путин е добредојдена и навремена. Меркел изворно да се  информира за руските намери околу актуелните прашања за светот и за Германија.

Средбата на Меркел и Путин, сигурно нема да биде отворање фронт кон САД, иако овие и претседателот Трамп прават се’ таа да оди во „прегратките“ на Путин. Шансата за такво нешто е пропуштена по доаѓањето на Меркел на замена на Кол. Оттогаш наваму односите меѓу нив се прагматични. Што е и најдобро. Се разбира со повремени искрења, кои се неопходни за да биде атмосферата податлива за вакви средби.

Инаку, што се однесува до Македонија, ајде Балканот, тие можат да бидат споменати во пауза за кафе или чај. Не дека не се интересни. Не дека Германија со нејзината инцијатива за Западен Балкан е главен спонзор кон негова европеизација. Но Русија си има свои принципи кон ова парче од Европа и ќе си ги тера. Тоа впрочем го кажа неодамна и Марија Захарова, портпаролот на руското министерство за надворешни работи при посетата на Србија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?