28 Март, 2024
0.0527

Меркел во Русија и Украина- мисијата незавршена!?

Објавено во: Колумни 23 Август, 2021

Добивај вести на Viber

Во петокот во Москва, вчера во Киев. Германската канцеларка Ангела Меркел

ги заврши своите проштални посети, после онаа која ја имаше неодамна со претседателот Џо Бајден во Вашингтон. Веројатно и остануваат само посетите на Британија и Франција.

Но до 16 септември, кога официјално ќе ја напушти канцеларската функција останува неполн месец. А таа не се откажува од она што мисли дека и е мисија. Да организира уште една средба на „нормандската четворка“ на највисоко ниво. Да ги седне на иста маса уште еднаш, пред да замине, рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Владимир Зеленски, заедно со нејзиниот француски колега, Емануел Макрон. Ако може да го заврши мандатот со некаков резултат на меѓународен план. Иако тешко може да се верува во такво нешто пред крајот на мандатот. Го знаеме ние тоа со историјата за нашето членство во НАТО на Самитот во Букурешт, пред крајот на мандатот на претседателот на САД Џорџ Буш. Прашањето се оддолжи речиси десет години.

Со што се соочи Меркел во Москва, со што замина за Берлин и со што дојде вчера во Киев. Во Москва посетата беше проследена со симболика. Канцеларката прво што направи положи цвеќе на Гробот на незнајниот јунак. Потег што го потенцираше и на почетокот на разговорите со Путин и на почетокот на заедничката прес конференција. Нагласувајќи дека тоа го направила за да спомене дека „пред 80 години хитлеровска Германија го нападна Советскиот Сојуз“. Но најмногу впечаток остава една реченица која таа ја искажа пред официјалниот почеток на разговорите со Путин. Реченица која ги карактеризира германско руските односи, за разлика од други земји од Запад. „Без оглед на тоа што имаме разногласија во мненијата, јас мислам, а тоа е добро, што разговараме еден со друг, и ние имаме намера и во иднина да го поддржуваме контактот и да разговараме еден со друг“, рече Меркел. Впечаток остава и обраќањето со „драг Владимире“ или едно време на „Ти“, кога стануваше збор за Либија, барем според стенограмата од сајтот на Кремљ.

ДОГОВОР СО ГАРАНЦИИ

Оставајќи ги настрана отворените дискусии за човековите права во Русија, невладините организации, економската соработка, Авганистан и др. некои од нив и за внатрешна употреба, не може да се одбегне Украина. Она што се случува на истокот на земјата, но и гасоводот „Северен поток - 2“ и транзитот на гас низ Украина кои и носи на земјата околу две милијарди долари годишно.

Слободно може да се зборува дека Русија и Германија останаа на своите позиции. Кога станува збор за „Минските договори“ Путин побара од Меркел да го притисне Киев за нивна реализација. Дека таму се носат закони кои се во спротивност со духот на „Минските договори“. Како да сака Украина да се откаже од нив. Се добива впечаток дека Русија тешко би одела на нов самит на „Нормандската четворка“ се додека не се остварат обврските од парискиот самит на „четворката“ во 2019 година. Од друга страна Меркел нагласи дека е лошо да се нарушува територијалната целосност на Украина. „Нашата позиција е, дека анексијата на Крим  е нарушување на територијалната целосност на Украина и ќе ја браниме таа позиција, и јас ќе се застапувам за обезбедување на територијалната целосност на Украина“, рече Меркел пред новинарите по разговорите со Путин.

Многу поактуелно е прашањето на гасот. Русија е задоволна од неодамнешниот договор меѓу САД и Германија за „Северен поток – 2“. Таа одново потврди дека е подготвена да води преговори за транзит на рускиот гас  низ Украина и по 2024 година, кога истекува сегашниот договор. Дека ќе ги исполни обврските за транзитот и по заминувањето на Меркел од функцијата. Но можното продолжување на договорот го врзува со подготвеноста на Европа, европските партнери да кажат кои количества гас ќе им бидат потребни, на каков рок. Европа да гарантира за користењето на гасоводот низ Украина. Русија не сака да продава гас според принципот„транзитирај или плати“. Зашто на тој начин и да не транзитира би морала да плаќа како да има транзит на гас. А со тоа да го поддржи украинскиот буџет. Затоа Кремљ зборува за нов договор со определени гаранции. На пример да се зголеми количеството на закупен гас. Инаку, според Путин во заблуда се оние кои велат дека „Северен поток – 2“ е политички проект. Тој е две илјади километри пократок отколку украинскиот транзит, тврди Путин. И станува збор за модерен, еколошки чист систем и транзитот низ него е многу поевтин отколку низ Украина.

ЗЕЛЕНСКИ БАРА ОРУЖЈЕ ОД ГЕРМАНИЈА!

Посетата на Меркел на Украина исто започна со симболики. Полагање цвеќе пред Споменикот на вечна слава. А Претседателот Зеленски и додели на канцеларката орден „Слобода“, за „многугодишна поддршка на Украина“. За возврат таа изрази почит за активностите на претседателот во судските реформи и вети поддршка и натаму во тој поглед.

Зеленски, како што пренесоа некои медиуми, по средбата пред новинарите изјави дека  Украина очекува оружје од Германија. „Навистина и Европа и Германија не поддржуваат. Но нас ни требаат конкретни работи. И ние знаеме во кои насоки Германија би можела да не поддржи. Ние сметаме на тоа и очекуваме“, изјави Зеленски. На украинскиот претседател му е јасно од каде може да очекува оружје и какво оружје, дека Германија не е меѓу тие земји, но сепак за пред домашната публика ваквите изјави палат.

Уште пред да дојде Меркел во Киев се најавуваше дека главни прашања ќе бидат истокот на земјата и транспортот на гас. И двете работи во светлината на договорот што го имаа САД и Германија за „Северен поток - 2“. А во кој се споменува и спроведувањето на „Минските договори“, иако САД не се дел од нив. Ова особено што Зеленски ќе треба да оди, ако не се случи нешто непредвидено, кај Бајден во Вашингтон на 31 август.

Ангела Меркел и во Киев го спомна „нормандскиот формат“ за преговори. Но, се пожали дека работите не одат како што треба да одат. „Јас би сакала да организирам средба во „нормандски формат“(нормандска четворка), на највисоко политичко ниво и да ги поканам претседателите на Русија, Франција и Украина. Би било добро  ако можеме да разработиме добра агенда, тогаш ја сметам дека тоа е возможно“, рече Меркел пред новинарите. Но, за Зеленски е важно во рамките на „четворката“ Германија и Франција да имаат „консолидирана позиција за планот за мирно решавање на конфликтот на Донбас“.

ПРЕЦЕНУВАЊЕ НА МОЌТА

Дали ова не значи дека постојат разлики меѓу Франција и Германија? Според она како Меркел се однесуваше досега кон Украина и конфликтот, тешко може да се каже дека Германија е „построга“ кон Киев. Да не станува збор за Франција, па Зеленски ја става Меркел во непријатна положба пред заминување од функцијата. Обично јавно не се зборува за трети, ако тие не се присутни на разговорите. Или пак Зеленски се преценува за својата моќ, политичка, над оние кои утре треба да ги молиш за да те заштитат од евентуално несакани руски дејства. Или за влез во НАТО или ЕУ. Како ни велеа нам: „Грција е внатре, а вие сте надвор“. Исто и сега со Бугарија. Затоа не се случајни гласовите што доаѓаат од Киев дека Зеленски е на прагот да ги расипе односите со Западот. Или пак дека му се ниша столчето. Многу работи ќе бидат појасни кога ќе се врати од Вашингтон.

Иако, според Зеленски, тој најмногу со Меркел зборувал за Донбас, не можеше да се одбегне темата на гасоводите. Нему како да не му е јасен договорот на Бајден со Меркел. Па прашува „што ќе добива Украина после 2024 година и што може да изгуби после таа година и кој и какви гаранции ќе и даде на Украина? За него „Северен поток – 2“ е „опасно геополитичко оружје на Кремљ“. За Меркел, пак, нормално е поважно да се склучи договор со Русија за транзит на гас низ Украина по 2024 година. За Германија гасоводот „Северен поток – 2“ не е политички, туку економски проект.

Од сето она што во петокот и вчера се случуваше во Москва и Киев може да се заклучи дека Ангела Меркел дојде во две земји кои во минатото и донесоа многу нервози. Дека работите и по разговорите многу не се променија. Барем јавно. Односите со Русија од година во година се оладуваа. Можеби тоа е и најдобро, бидејќи сега тие се прагматични. Секој си го гледа својот интерес, но не ја треснува вратата за разговори. Канцеларката Меркел беше еден од најголемите поддржувачи на Украина од 2014 година до ден денес. Но претседателот Зеленски се однесува како да не го знае тоа. А во Украина неговото опкружување зборува за Меркел како човек кој е веќе минато. Во повеќе интервјуа за западни медиуми, германски и американски, Зеленски се однесуваше како навредено дете. Им се лутеше и на Емануел Макрон и на Меркел. Тој смета дека сега со заминување на Меркел односот на Германија кон Украина ќе се промени. Па и дека Бајден ќе го смени својот однос, по „шурувањето“ на Зеленски со конгресмените.

Сето ова може да се покаже како правење сметка без крчмар. Да не се чуди Зеленски ако Западот му се закани дека ќе ја остави Украина сама против Русија, а најмногу со земји од некогашниот Исток, Полска, пред се, и некогашните советски републики од Балтикот. Особено по најновиот развој на настаните околу Авганистан.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?