19 Април, 2024
0.0265

Место да отвориме конзулат во Барселона, Санкт Петербург или Шангај, МНР Османи го избра ски-центарот Златибор!?

Објавено во: Колумни 11 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Вчера македонската јавност дозна дека минатата недела Владата донела одлука за отворање на македонски почесен конзулат во Србија со седиште во Златибор. Се работи за планинско населено место кое по бројот на жители е помало и од една Демир Капија. Згора на тоа, таму воопшто не живеат граѓани со македонско потекло. Тоа значи дека нема никаква оправданост за отворање на конзулат во ова место.

Македонската јавност треба да знае дека Република Македонија има голем број на амбасади кои со години стојат непополнети со наши дипломати што делумно го објаснува и нашиот неуспех на меѓународен план во последните години: француско вето, бугарско вето, недостаток на вакцини, бламажи итн.

Дотолку повеќе што претседателот Стево Пендаровски на почетокот на својот мандат најави дека ќе го намали бројот на македонски дипломатски претставништва низ светот, а сега гледаме дека Македонија всушност отвора нов конзулат во Златибор!? Оваа спротивност во ставовите и гледиштата на македонскиот државен врв само ни покажува колку е неусогласена македонската дипломатија и колку ниско е паднато нивото на работата на Министерството за надворшени работи до степен да биде целосно девалвирано. Но што друго да се очекува кога македонската дипломатија ја води МНР Бујар Османи, кој не доаѓа од областа на дипломатијата и надворешните односи? Тоа ви е исто како да ставите градинар да раководи со нуклеарна централа. Можете ли да замислите што ќе се случи?

За крај само ќе ви набројам светски метрополи каде Македонија нема свои дипломатски претставништва, а каде корисно би било да отвори во иднина пред сè од економски и трговски аспект. Македонија не е претставена во: Барселона, Амстердам, Лисабон, Лион, Единбург, Санкт Петербург, Шангај, Сеул, Сингапур, Џакарта, Јоханесбург, Максико Сити, Лос Анџелес, Ванкувер и Мумбај. Во овие гигантски градови нема ни трага ни глас од македонската дипломатија. Едноставно не знаат дека постоиме. Да се разбереме, јас не велам дека треба да отвориме конзулати во сите гореспоментати градови, но секако би им дал предност пред Златибор.

Што се однесува конкретно до Република Србија, економски и политички покорисно би било да отвориме почесен конзулат во Ниш или Нови Сад отколку во ски-центарот Златибор. Меѓутоа, изгледа дека нашата дипломатија се води по некои други параметри кои служат само за задоволување на лични суети и желби, а не за унапредување на меѓународната позиција на Република Македонија и одбрана на нејзините национални интереси. Сега со сигурност можам да кажам дека го допревме дното.

Пишува: М-р Филип Ивановски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок