Мицкоски убеден дека „Рекет“ без Заев не е можен
Објавено во: Македонија 16 Август, 2019
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски денеска ја обвини власта и премиерот Зоран Заев дека стојат зад „Рекет“ и ги штитат осомничените и криминалот.
На прес-конференција во партиското седиште, Мицкоски кажа дека „Рекет“ не е можен без поддршка и знаење на Заев. Посочи дека Катица Јанева се уште го води компромитираното СЈО, и оти треба дополнително да се испита улогата и на сите останати обвинители и помошници и можноста за постоење други вакви случаи.
Мицкоски забележа зошто Јанева не е во притвор, кога во минатото СЈО барало притвор за многу помали случаи.
– Јанева не е во притвор, може да избега, да влијае на сведоците и да го повтори делото. Нема правна држава. Ако ја имаше, Катица ќе беше во притвор, а главата на октоподот наместо со лисици на рацете немаше да се заканува на новинари и да забошотува криминали, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како лажна ја оцени изјавата на Јанева дека ниту свесно ниту несвесно имала врска со „Рекет“. Објавените снимки, според него, покажуваат дека СЈО и првиот човек се вмешани.