Добивај вести на Viber
Длабока загриженост изрази претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите за пресудата за новинарот на весникот Нова Македонија, Томислав Кежаровски кој денеска беше осуден на 4 години шест месеци затвор.
„Јас сум згрозена од денешната пресуда. Оваа претерано строга осуда е загрижувачки развој и праќа јасна порака за цензура до другите новинари во земјата", се вели во писмената изјава на Мијатовиќ.
Оваа пресуда според неа има сериозни последици за слободното изразување и медиумските слободи во Македонија.
„Кривичниот прогон на репортери за нивните новинарски активности го прекршува основното човеково право за слободно изразување и обврските на земјата кон ОБСЕ за развој и заштита на слободни медиуми", вели Мијатовиќ.
Таа ги повика властите во Македонија да го ослободат Кежаровски и уште еднаш побара да го посети новинарот во притвор.
За ЗНМ пак оваа одлука не го осуди само новинарот Кежаровски, туку е вперена против слободата на изразувањето и слободата на медиуми.
Реагираше и Македонската асоцијација на новинари, смета дека пресудата за новинарот Томислав Кежаровски е неочекувано строга,особено во споредба со другите изречени казни.
„Оттука произлегува дека сторителите на делото и изворот на информациите за заштитениот сведок се безмалку невини во однос на новинарот кој го објавил идентитетот" се вели во реакцијата.