29 Март, 2024
0.0247

Миле Сирма

Објавено во: Колумни 24 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Една од најсјаjните коцкички во мозаикот на скопските урбани легенди ја вклопив дури неодамна. Велат никогаш не е доцна!

За волја на вистината уште од памтивека се чудевме какво е тоа име Миле Сирма,кому му припаѓа, кој е и што е? Катадневно поминувавме покрај домот на Нестор Алексијевски на улицата Орце Николов (сега тоа би дошло на просторот меѓу владата и поштата,поточно на почетокот на блокот на градски sид кај Агромеханика на одење у кино од Дебар Маало во Куклен или Младина или подоцна на плажа и на утакмица од правецот на Циган маало). Секогаш во дворот на таа куќа нешто се случуваше за кое ние копиљаците не ни наслутувавме, секогаш имаше луѓе, беше преполно со разни предмети и со масивни трупци и избичени ореови талпи.....нејсе.

Миле Сирма го запознав и како да се знаеме од памтивек (тој е постар од мене 15-тина години) со зачудувачка свежина на духот и до најситен детаљ ми раскажува мене, односно нам што сме со него, со кафе или чашка пијачка, за многу работи од неговото богато минато се разбира минато и на градот во кој Мирчевци дошле од Осој во минатиот век пред последната војна. Татко му Нестор е претпоследниот изданок на копаничарската тајфа на мирчевци,кои заедно со фрчковци и рензовци ја претставува мијачката длаборезачка школа. Миле уште од мали нозе му помага на татка си,го учи занаетот во средно уметничко, каде што тој предавал резбарство,а најмногу од него самиот помагајќи му и извршувајќи разни помали задачи (добил и оценка-ќа бидет нешчо од тебе). Несторовци се потпишани како автори на безброј ремек-дела, изрезбарени со длета купени некаде надвор, во црковни објекти низ целиот Балкан,делови од мебел во домовите на многумина значајни и помалку значајни личности, портрети, рамки......крстови!

Со восхит ја освежува меморијата за посетата на Ужичка 15 во Белград во 1968 по повод Титовиот роденден. До детаљ Миле се сеќава на секоја секунда од престојот и аудиенцијата кај Маршалот, ама и за името на лицето што од безбедносните структури се грижело за него и стариот мајстор. Нестор му пожелал на Претседателот да живее уште долго и да го надживее, а тој во свој стил му одговорил „крепаќу ја раније, не треба ми тако дуг живот.....нек живи наша земља.....”

Со растрепереност и видлива возбуда раскажува за трескавичните моменти на 21-дневната изработка на дрвениот изрезбарен саркофаг во кој во 1946 године се префрлени посмртните останки на македонскиот идеолог и херој Гоце Делчев од Софија во Скопје врз база на договорот Тито-Димитров. Несторова е заслугата што монументалниот скапоцен резбарен олтар на скопски Свети Спас не го зеле германците на кои бугарите им го подариле во знак на внимание и благодарност. Тој излегол пред нив и на течен и точен германски им кажал дека ремек-делото е македонска творба и дека тој има добиено голема награда на Берлинската изложба  неколку години пред тоа. Германците се поколебале и си заминале, а длаборезот и ден денес е во црквата покрај Калето за да му се восхитуваат генерации скопјани и добронамерници од целиот свет.

За Миле Сирма велат дека нема дете во Скопје што не научило да плива од него. Тој не е пливач со диплома, научил да плива од мали нозе првин на Треска, потоа на скопските плажи, а со радост и возбуда се сеќава и на студената вода на базените во Авијатаика и Сарај, но и на базенот под Кале. Еден е од основоположниците на пливањето кај нас, но и на ватерполото. Слушнав дека и сега во овие поодминати години подучува скопски деца да ја научат  вештината со која се дичи секој скопјанец!

За мене беше новост и интересен детал сеќавањето на Миле Сирма на убавите предземјотресни свирки во неговиот дом и домот на семејството Алексиеви со членови на бендот на Радиото на чело со Шпато, Масевски, Лимо, Чарли и  многу други знајни и незнајни инструментални виртуози со кои изобилуваше дружината на радиото чија зграда беше во близина се до земјотресот (на Марксова улица некаде каде што е камбанаријата на Соборен) толку биле гласни и опуштени што морале да затвораат прозорци од домот за да не ги вознемируваат комшиите. Стариот дом на Сирма е урнат и сега со синовите живее во срцето на Дебар Маало. Ќе ја продолжиме приказната со стариот интересен соговорник, се надевам! Прочитав се што е интересно за Миле Сирма но претпочитам за се да го слушнам мајсторот со кој се гордее секој скопјанец, што си го сака и почитува градот.   

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?