Милион награди само да помине „уставот на Путин“
Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2020 09:58
Во Москва ќе се организира голема програма за поддршка на бизнисот и населението „Милион награди“. Во рамките на програмата на граѓаните ќе им бидат поделени сертификати за купување од 10 милијарди рубљи. Подготвени се над два милиона сертификати со кои ќе можат да се платат производи и услуги. Иницијатори на програмата се дваесетина компании. Официјални претставници на Москва велат дека „вакви програми има практично во цел свет, кога владата дава различни сертификати или купони, за да му помогне на бизнисот во опоравување после мала рецесија“. За возврат во над три илјади продавници бизнисот ќе ги намали цените и ќе има бонусни акции.
Се до овде е во ред. Бизнисот за време на пандемијата од корона вирусот страда во цел свет. Насекаде се зборува за рецесија. И владите преземаат мерки за помош преку разни програми. Но Русите на овој план, посебно московската власт, се многу иновативни. Десетте милијарди рубљи треба да ја поттикнат градската економија. Но, тие ќе треба да бидат мотив и да ги поттикнат граѓаните да излезат на референдумот-гласањето за поправките во уставот. Значи, сертификат можат да добијат само московјаните кои ќе учествуваат во гласањето! Дискриминација? Сертификатите ќе можат да се користат до 31 јануари. Програмата „Милион награди“ почнува на 25 јуни. Токму на денот кога ќе почне и гласањето за промените на уставот. Гласањето ќе заврши на 1 јули.
Во јануари годинава претседателот Владимир Путин предложи да се менува Уставот. Некои велат „уставот на Путин“. Тоа е и во традицијата на Русите. Па така имаа „Сталинов устав“, Па „Елцинов устав“. Предлогот на Путин по расправи во Државната дума, беше усвоен со мнозинство гласови и соодветен законски документ. Потоа поддржан и во Советот на Федерацијата и од сите федерални единици. Има над 200 промени. Подобро ќе беше да се подготви нов устав. Промените се однесуваат на поглавјата за федеративното уредување на земјата, претседателот, Федералното собрание, владата, судската власт и обвинителството, локалната самоуправа. Најконтраверзен е предлогот што се однесува на „бришење“ на досегашните претседателски мандати на Путин. Доколку тоа помине, а во такво нешто не треба да се сомнева, тогаш Путин ќе има право да се избира уште два мандата. Сегашниот му истекува во 2024 година. Тоа значи дека тој може да биде биран за претседател до 2036 година. Тогаш би имал 84 години. Во најдобрите традиции на раководење во Советскиот Сојуз, се разбира, ако претходно не го наваса некоја болест или пак, да биде симнат од власта од блиските соработници.
Путин предложи референдум за измените, кој не е неопходен, бидејќи правниот пат е сосема друг. Демек, да се изјасни и народот. Референдумот ќе се смета за успешен ако за промените гласаат над 50 проценти од оние кои ќе излезат на гласањето. Се гласа во пакет за сите измени. „Дали ги одобрувате измените во Уставот на Руската Федерација“ е референдумското прашање. Главното гласање на изборни места е на 1 јули, но од 25 до 30 јуни ќе може да се гласа надвор од изборни места, дома, електронски (во Москва и Нижнегородската област), па со механизмот мобилен избирач. За овие гласања имаше многу контраверзи. Една од нив е дека тие се воведени за да не може да се контролира гласањето. И на тој начин власта ќе сака да си обезбеди гласови колку што и се потребни.
Што значат наградните игри за мотивирање на гласачите? Дотолку повеќе што мерката „милион награди“ не е воведена на територијата на цела Русија. Зарем на бизнисот надвор од Москва не му е потребна помош како на московскиот? Во прв ред, во Москва власта стои најслабо. Таму е и најбројната опозиција. Москва не е Русија, но Путин сака да покаже дека и во неа има голем доверба од граѓаните. Во овој период се спроведуваат разни анкети кои не зборуваат за масовна поддршка на уставните промени. Па така анкетата на Истражувачкиот центар на порталот Superjob, спроведена од 1 до 3 јуни, во која се анкетирани 1600 претставници на економски активно население од цела Русија, покажува дека излезноста на референдумот би била 45 проценти. За пакетот измени во уставот би гласале 18 проценти , 42 се против, а други 28 проценти се’ уште не одлучиле. Овие резултати, сепак се претерани. Пореални се оние на Левада центарот. Според овој центар, за измените би гласале 44 проценти од оние што ќе излезат на референдумот. Против би биле 22, а се’ уште не знаат 24 проценти. Блискиот до власта ВЦИОМ, пак, вели дека излезноста ќе биде 67 процнети. За би гласале 61, против 21, а не одлучиле 18 проценти.
Во пресрет на референдумот во Русија почнуваат да се олабавуваат ограничувачките мерки воведени поради коронавирусот. Укинат е карантинот. Бројот на заразените, над 500.000, секојдневно расте за околу 9.000, а тоа како да не е пречка да се одржи референдумот. Многумина се плашат дека после 1 јули ќе се јави нагол раст на бројот на ново заразени. Меѓу верзиите за укинување на карантинот има и една која вели дека на власта и треба поголема излезност на референдумот. Гледано од страна можеби е така, но неа најмногу и е потребно половина од оние кои ќе излезат на избори да гласаат за измените на уставот. Па затоа и не може да се тврди дека неа толку многу и е важна излезноста. Дотолку повеќе што таа го организира референдумот. А патем, да кажеме дека поради коронавирусот забранети се секакви манифестации се до 24 јуни, кога ќе се одржи големата воена парада посветена на 75 годишнината од победата во Втората светска војна. А која требаше да се одржи на 9 мај. Нема агитација ни за ни против референдумот! Некои се сомневаат дека таквата забрана ќе продолжи и во јули. Се’ со цел, по обнародувањето на резултатите, незадоволните да не можат да излезат на улиците.
Но незадоволството од резултатите од референдумот ќе бидат само капак на се’ она што се случува во Русија во изминативе години, а сега е засилено со пандемијата од коронаврусот. Сведоци сме дека Путин ја управува земјата затворен во резиденцијата во Ново Огарјево. Некои се потсмеваат дека е затворен во бункер. Главни се премиерот Михаил Мишустин и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. Социолози тврдат дека Путин изградил систем кој не работи, дека не ги оправдал очекувањата...Дека нездоволството е од пензиската реформа, зголемените даноци, финансиската немоќ на населението. Се зголемува невработеноста. Средната класа полека се губи. Се зголемуваат казните, растат цените. Но се зголемува и бројот на незадоволните. Полицијата добива невидени овластувања. А коронавирусот е како катализатор за нездоволството. На есен се очекува влошување на економската ситуација, се најавува дека ќе има девалвација. Есента, велат социолозите, е подигање на негативни настроенија кои имаат политичка проекција. Па затоа референдумот се организира на пролет или во лето. Во лето ќе се намали и излезноста. А власта е свесна за сето тоа.
Андреј Колесников еден од авторите на првата биографија на Путин, пред 20 години, важи за одлично информиран новинар за она што се случува во и околу Кремљ. Според него, пандемијата без проблем го направила посложено движењето на политичкиот систем кон негова „сатрапизација“ – и негово конечно претворање во „вечна“ персонална автократија, но не го сопрела. Вниманието е префрлено врз медицинските проблеми. Па „Политибирото 2.0“, кое одговараше за безбедноста, за разлика од медицинското „Политибиро3.0“, времено го загуби значењето. Колесников вели дека бројот на незадоволните од власта од нејзината неефикасност и недоволните мерки за социјална поддршка е зголемен. Власта ја изгубила поддршката од претприемачката класа, кон која не сметаше дека е можно и нужно да и пријде на помош навреме. Затоа Русија сега може да се спореди со доцниот СССР.
Колесников го споменува и парадоксот на пандемијата. Рејтингот на мнозинството лидери во западните демократии за време на епидемијата растеше, а кај Путин опаѓа. Таа ситуација само го нагласува персоналниот карактер на рускиот политички режим. Во убави години автократот го собира кајмакот од се' што е добро, пред се’ од економскиот раст, но во тешки времиња негативната енергија на незадоволните од тековната состојба на работите се врти целосно против него, колку и да се обидува тој да ја подели одговорноста со другите. Епидемократијата, во чии рамки нацијата, речиси, се обединува околу лидерот(лидерите), одигра не за, туку против Путин, вели Колесников.И во таа смисла бришењето на мандатите на претседателот, кое требаше уште во фебруари да влијае мобилизирачки врз масите, веќе во март се сврте против него.
Од референдумот во Русија не делат неполни две недели. Како и да се вртат работите Путин ќе добие можност по 2024 година да оди на избори уште два мандата. Може да се мери со членот на советското политбиро Нурсултан Назарбаев, по распадот на СССР претседател на Казахстан и со белорускиот претседател Александар Лукашенко, претседател на Белорусија од 1994 година. Тој во јули повторно ќе оди на избори за претседател, па може да се случи да биде на чело на државата над три децении. Но за него во наредниот текст во Фактор.
А нашиве како да се договарале со Русите, па, оп ваучери пред избори. Ем добро за народ, ем за бизнис. Се е шоу-бизнис.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





