МИНИМАЛНА ПЕНЗИЈА ОД 900 ЕВРА: Oва ги скара Германците?
Објавено во: Економија 04 Февруари, 2019
Минималната пензија од 900 евра ги скара германските партии. Во демохристијанска-социјалдемократската коалиција на канцеларката Ангела Меркел деновиве се разви дискусија за предлогот на социјалдемократите од воведување на минимална пензија од 900 евра.
„Мојата цел е да не ги зголемуваме пензиите за 20 евра, бидејќи тоа нема да помогне никому. Зголемувањето треба да биде многу повисоко“, изјави министерот за труд, Хубертус Хејл (од Социјалдемократската партија на Германија, СПД) во интервју за јавниот радиодифузен сервис АРД, објаснувајќи го својот концепт за воведување на минимална пензија.
Хејл сака да им помогне на оние работници кои цел живот работеле за минимална плата и кои во моментов примаат пензија чиј износ е малку над 500 евра.
Овие пензионери во моментов имаат право на финансиска помош во рамки на социјалната заштита, а износот зависи од висината на пензијата и местото на престој.
За Демохристијанската унија ЦДУ/ЦСУ, предлогот на министерот за труд Хејл оди малку предалеку.
„Ние и натаму се залагаме за добро насочена финансиска помош, а не за произволно зголемување на пензиите“, рече Петер Вајс, портпарол на парламентарната група за социјално-политички прашања на Унијата ЦДУ/ЦСУ.
Меркел реагираше укажувајќи на коалицискиот договор во кој се одредува најнискиот износ на пензија, која ќе биде за 10 отсто повисока во однос на т.н. социјален праг, додека предлогот на Хејл практично значи зголемување од 20 проценти.