Министерство за финансии: Обезбедени 10 милиони евра за патот Крива Паланка-Деве Баир
Објавено во: Економија 04 Август, 2018
Обезбедени се 10 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој за рехабилитација и проширување на патната делница Крива Паланка – Деве Баир (граница со Бугарија), информираа од Министерството за финансии.
Дополнителни 2,6 милиони евра ќе бидат обезбедени како грант средства преку инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“ на Европската унија.
„Со ова ќе биде затворена финансиската конструкција за рехабилитација и проширување на 13 километри од Коридорот VIII. Министерството за финансии изготви предлог закон за гаранција на заемот од ЕБОР, кој е влезен во собраниска процедура. По усвојување на законот од Собранието, ќе се склучи договор за заем помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и ЕБОР. Заемот е под исклучително поволни услови. Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР плус 1%, додека рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од 3 години. Ова е нов чекор кон унапредување на патното поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Заедно со новиот експресен пат Ранковце – Крива Паланка, оваа делница ќе обезбеди современо патно поврзување со нашиот источен сосед“- велат од Министерството за финансии.
Се очекува меѓународниот тендер за избор на компанија што ќе го реконструира патот да биде објавен до крајот на годината.