Добивај вести на Viber
Субрата Рој во недела пристигнува во Македонија, за да биде домаќин на Балканскиот мировен фестивал што Сахара Груп - компанијата на Индиецот го организира во Македонија. Како гостин се споменува поранешниот британски премиер, Тони Блер, кој треба исто така да дојде до Скопје. За време на Фестивалот, своја порака ќе донесе и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, чија фондацијата дава поддршка на Фестивалот. Сепак Клинтон според најавите, нема да дојде во Македонија, туку ќе има свое обраќање преку голем видео бим.
Пораката за мир и единство ќе биде упатена на 1 и 2 октомври за време на фестувалот.
„Сахара Групацијата одлучи мировниот фестивал да се организира тука, затоа што овие простори некогаш преживеаја бурни времиња а денес уживаат во благосостојбата на мирот. Тоа значи дека семето на мирот е засеано тука, ги нема веќе бурите од вчера, утре ќе го живееме она што ќе го создадеме денес и затоа денес е сè што имаме. Затоа е време да започнеме и ние да размислуваме за оваа тема, што би можеле да направиме како индивидуалци за зачувување на мирот“, изјави пред неколку дена Амриш Чандра, главен координатор на Сахара Балканскиот мировен фестивал.
Тој ќе се отвора со штафета на мирот која што ќе ја носат македонски јавни личности, а официјалното започнување на фестивалот е со полноќниот настан на Камен мост, кога симболот на обединување и премостување како и центарот на Скопје ќе бидат обоени во сино.