25 Април, 2024
0.0253

Мисли со своја глава!

Објавено во: Колумни 27 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Одамна е поминатото времето на колективизмот, на ставање на интересите на групата пред своите, на постоењето на харизматични и мистични лидери на кои луѓето безрезервно им веруваат, и ги обожаваат. (Каков што е примерот со Јосип Броз Тито, личност околу која беше создадена нескршлива илузија, постојано потхранувана со ефикасна пропаганда). Луѓето денес не се исти, како порано. Многу повеќе се скептични и недоверливи, што можеби е и добро, бидејќи така секој си создава свој систем на оценување и вредување, следејќи ги своите искуства и интуиција. И така треба да биде, бидејќи ние не сме блискиот исток, каде индивидуата е помалку важна од идеалот, а феноменот на религиозното лудило посилно дури и од смртта. Луѓето не се наивни! Дури и да се дел од некоја група, тоа е поради нивниот личен интерес, а не бидејќи веруваат во некоја колективна идеологија. Речиси и да не сум сретнал човек кој нема кажано дека се претерало со изградбата на споменици во Скопје, дека листата на оштествени приоритети треба да се смени, а сепак истите луѓе се внимателни каде и со кого тоа го зборуваат, и се дел од структурата која тоа го спроведува. Некој ќе рече можеби се плашат да не ја изгубат работата! Секој е одговорен за својата судбина, и зависно од тоа што прави или не прави, така и ќе живее. Опции секогаш постојат, можеш да работиш во администрација, приватна компанија или пак да одиш во странство. Нашата иднина е во постапките на обичните луѓе, во луѓето кои со своите примери и однесување заслужуваат вистинска почит. Македонија може да се развива само ако сите ние како поединци се развиваме. Одамна не верувам во национални лидери, во туѓа помош, во седмица на лото или било што слично, туку само во себе! Веќе не важи фразата “што направила државата за мене, за да направам јас за неа”, зошто денес се што правиме, правиме за себе и за најблиските. А богами и политичарите прават сѐ прво за себе, а потоа на народот му мачкаат очи! Сите оние кои се борат против неправдата, кои сакаат повеќе од животот, без притоа да наштетат на друг, кои работат чесно и мислат со своја глава се за почит, и го заслужуваат нашето внимание. Таков е примерот со професорите од Штипскиот факултет кои покажаа карактер и издржливост и покрај сите предизвици се спротивставија на незаконитостите и личните каприци на еден декан, не престанаа да мислат со своја глава, иако повеќето луѓе ги убедуваа да се откажат од штрајкот. Потребата да се мисли со своја глава е особено изразена денес, во време на силна пропаганда. Речиси и да нема пласирана информација зад која не стои некој интерес. Изложени сме на активности насочени кон нашата подсвест, на психолошки трикови ефективно спакувани, со цел да ни наметнат купување специфични производи, однесување, трендови... Затоа добро треба да се размисли пред да се голтне некоја информација. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД