03 Мај, 2024
0.0299

Митовите на капитализмот?

Објавено во: Колумни 20 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Деновиве налетав на два интересни текста кои се повод за оваа колумна. И двата доаѓаат од таборот на науката. Едниот текст вусшност е интервју на најпознатиот физичар на денешницата Стивен Хокинг, а другиот е истражување поврзано со мравките. Да, со мравките, објавено во научен журнал за биологија и бихејвиоризам (Behavioral Ecology and Sociobiology). Прво за првото - за Стивен Хокинг. Одговараќи на прашање на Reddit Ask Me Anything, Стивен Хокинг изнесе едно тврдење кое не е толку ново и невообичаено, колку што е чудно кога доаѓа од устата на таков авторитет и при тоа физичар. Имено, тој вели дека опасноста која е надвисната над модерното човештво не лежи во брзиот напредок на техниката и технологијата, туку во редистрибуцијата на тие добра што таа техника ги произведува. „Ако машините произведуваат сè што ни е потребно“ – вели Хокинг – „тогаш резултатот зависи од тоа како тие нешта се дистрибуирани“ Има две можности, смета тој: првата е позитивна ако „машински-произведеното“ добро правилно се споделува, тогаш секој ќе може да го ужива луксузниот живот произведен од тие машини; втората е негативна ако оние што ги управуваат и контролираат тие машини за „производство на добра“, се себични и не ги дистрибуираат истите, тогаш голем број луѓе ќе живеат во мизерија. И заклучува: „Сега за сега, изгледа дека трендовите одат во полза на втората опција – нееднаквост поттикната од технологијата“. Значи и покрај сиот техничко-технолошки напредок, човештвото како да не напреднало. Напротив, нееднаквоста се зголемила, а јазот помеѓу богатите и сиромашните се продлабочил. Тој толку восфалуван „напредок“ всушност да ти бил „слепа улица“ за едните, а „автопат“, за другите. Каде води и за кого воопшто тој напредок е напредок? Изгледа дека нè лажат драги мои!? Нè лажат дека утописката визија за општество и свет на општа благосостојба е скоро на дофат, дека само што не се случило. Додека нè лажат, капитализмот аздисува и како лаком аждер ги ждере поединците, третирајќи ги само како средство за една цел – богатење на богатите. Капитализмот, драги мои, има една иманетна недоследност – имено ги уништува можностите за благосостојба што самиот тој капитализам – преку науката и новите технологии - ги создава! Лажги со опшаки се дека тој ќе го произведе утопиското општество базирано на благосостојба, солидарност, хармонија... Капитализмот може само да создаде повеќе богатство за богатите, а повеќе сиромаштво за сиромашните. И ништо повеќе! И тоа, во исто време додека техниката напредува и реално овозможува урамнотежен развој и правилна редистрибуција на создаденото добро! За да нè убедат дека капитализмот е идеалното устројување, меѓу другите аргументи, се повикуваат и на нашата наводна „природа“. Капитализмот да ми ти бил согласен со човековата природа и затоа тој е најприродниот економски систем. Дури, уште повеќе, принципите од природата – натпревар, соперништво, борба за опстанок, самоодржување и одржување на видот, ги префрлаат на теренот на општеството и економијата. Тоа им овозможува да тврдат дека оваа животинска битка на живот и смрт едноставно се пресликува и во економијата и на пазарот. Па претприемаштвото и економијата се сведуваат на тоа – борба и победа на посилниот. А послабиот? Па тој во природата заслужува да умре, зошто да не умре и во општеството!? И затоа нè буткаат во бесмилосна битка на еден против друг. На беспоштедно глодање едни со други до истебување – се разбира, како и во природата, најсилните на пазарот ќе преживеат. Се промовираат вредности кои упатуваат само на тој дел од нашата природа. Неолиберализмот продуцира и дистрибуира „вредности“ кои треба да ја маскираат едноставната вистина дека богатите стануваат побогати, сиромашните посиромашни. Ни ги полнат главите со симболи кои ги голтаме како вистина. Станува модерно да се работи 24/7; дури и тоа е малку, сега треба да се „сака компанијата“, та дури да се „љубат“ производите, па ги продаваме и ни ги продаваат со емоции; сега треба да знаеме и учиме заради економијата, а не заради вистината; сега треба да сме посветени на работата „од лулка до гроб“ оти да се биде „воркохолик“ и не е толку страшно, пострашно е да се биде бездомник; нè уверуват дека сè зависи од личниот напор и труд (како да живееме сами на овој свет), а ништо од објективните нееднакви социјални можности, па затоа и измислија разно-разни „позитивни психологии“ со кои нè убедуваат дека само треба „доволно силно да посакуваме“ и сиот космос ќе ни притекнел на помош (веројатно се во право оти попрво космосот ќе ви помогне, отколку капиталот); максима на денот е „прилагоди се или умри“ – без при тоа да се признае дека токму оние неприлагодените создаваат вредност, прилагодените само го мултиплицираат капиталот... Сè ова се митови, симболи што ни ја обликуваат свеста да му служиме на безличниот капитал. Па само сетете се, како од мали нозе ни е структурирана свеста - во басната за штурецот и мравката, драги мои, херојот е мравката – онаа која преместува семе од едно место на друго, а не штурецот – оној кој создава уметничка вредност. Штурецот, оној што создава музика (од ништо нешто), заслужува да умре, оти наместо да собира трошки како вредната, капиталистичка мравка, тој „безделничи“, музицирајќи! И тука се ползувам со вториот текст што ви го споменав на почетокот. Истражувањето на колонија мравки покажало дека некои мравки сепак „музицираат“! Имено подолго време е следена колонија мравки и замислете го шокот – само 3% од мравките во колонијата работеле постојано! 71.9% од нив биле повремено активни, додека 25,1% не биле воопшто активни – не работеле ништо за целиот период на набљудување! Музицирале веројатно! Мравките, кои имаат репутација на ефикасни и вредни работници и не се баш такви работици. Поточно, мравките на кои сакаат да нè направат да заличуваме, не се баш „воркохолици“. Или уште поточно, и меѓу нив има „болни“ воркохолици како и кај луѓето - 3% - и тоа не е единствената и највредната доблест на која капиталот инсистира. Има некои што повремено работат и некои кои само музицираат. За тоа дека е дојдено времето за „неработниците“ – левичарите, во следната колумна драги мои! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина