Добивај вести на Viber
Вторник, обичен ден како и секој друг, лето Господово 2015-то, топло и жешко, впрочем како и деновите што претходеа, но и ден кој во својот датум крие симболика. И овој 15-ти септември не би бил ништо поразличен од претходните, се разбира само различен од историскиот во 2002, да не беа одредени новости кои не изместија од удобното и симплифицирано кажано монотоно секојдневие. Пиејќи голтка од утринското кафе и уживајќи сладострасно во прекрасното овошно смути, се загрцнав од две слики кои ми го обзедоа сиот сетилен простор. Зграната немо седев пред екранот и без збор, ги посматрав двете слики, паралелно, и не можев да останам рамнодушна на сликите кои говорат за идентичен феномен, но ги покажуваат двете крајности на истиот.
Се е труло и се распаѓа
Слика прва - урнисан плафон на студентски дом во нашата метропола, паднат ѕид во домот кој згрижува стотици студенти, млади луѓе кај кои желбата за едуцирање е голема, но можностите ограничени и затоа нивната скромност е доблест и прифаќаат и услови кои се на работ на доброто и просечното и тоа само со една цел-да се надградат, да го збогатат и оформат своето знаење и да ја стекнат дипломата, со која се надеваат дека во иднина ќе си го обезбедат своето место под сонцето. Згрозувачки и мизерно се почуствував тој миг кога ги гледав сликите од урнисаните ѕидини на култниот студентски дом Гоце Делчев, солзи ми навреа кога ги видов сликите на мувла и распаднати санитарии, сликите кои ни ги покажуваа просториите каде престојуваат идните академски граѓани, слики кои кога ги гледате навистина треба да имате силен желудник. Со неверица и згрозеност, повторно и повторно се навраќав на тие слики и вџашена гледав како се распаднати креветите, скршени прозорите, со еден збор кажано - се е труло и се распаѓа.
Библиотека чиј книжевен фонд е благослов за секој студент
Слика два - современ студентски дом во Загреб, пуштен во употреба тие денови, студентски дом кој наликува на современ и урбан простор, модернистички и стилски перфектно скроен и реализиран, студентски дом за кој дел од научната фела се изјаснува дека е меѓу најубавите, најопремените и најдобрите во Европа.
Внимателно ги разгледував сликите од тој студентски дом и емоциите во тој миг беа максимално позитивни, насмевка ми го прекри лицето и останав без зборови од убоста и практичната намена на истиот. Секое катче приказна за себе, совршен спој на современото и корисното, почнувајќи од модерната уредена библиотека чиј книжевен фонд е благослов за секој студент, а и не само за него туку и за секој вљубеник во науката и книгата, соби кои во минималистички стил максимално наменски се искористини, современи читални, места за рекреација и одмор, места за дружење и кујна и трпезарија кои кога ќе ги погледнете ви застанува здивот.
Уф ви доаѓа просто да му заблазнете на студентите кои ќе бидат дел од тој студентски дом и кои навистина ќе уживаат во секој миг поминат таму и на моменти навистина посакав да се вратам во моите студентски денови и повторно да ги почуствувам убостите на студирањето.
Разликата е во образовните политики
Две слики, две спротивности на еден феномен, слики кои говорат за мизеријата на студентското домување од една страна и сосема спротивното, слики кои ни ја покажуваат сета убавина на сместувањето во студентски дом. И во тие мигови роеви мисли ви се вртат во главата, ги гледате двете крајности и не можете да сфатите една едноставна работа-а што се македонските студенти помалку заслужни од нивните хрватски колеги...
Одговорот е едноставен, ништо не се различни и едните и другите сакаат да го збогатат своето знаење и едните и другите сакаат да се оформат како личности и да стекнат професија која ќе биде нивна животна определба. Разликата е единствено во образовните политики и образовните шанси кои им се нудат и им се сервираат на студентите, на нашиве услови за преживување, а на другите услови за научно оплотување.
Симнете ги розовите очила и видете каде домува младината, видете каде учи и живее иднината на ова општество
Пелин ми ја обзеде душата и навистина ми се згади од сета таа хипокризија која се сервира од надлежните кои со сета сила сакаат да ни сервираат една убава слика за образованието. Навистина длабоко сум разочарана и згрозена од млаката и несоодветна реакција, па добро бре луѓе имате ли малку чиста совест, симнете ги розовите очила и видете каде домува младината, видете каде учи и живее иднината на ова општество, свртете се малку подалеку од раскошот кој ве опкружува и видете ја реалноста, младите, таа авангарда и движечка сила во кои услови живее и твори, па нели ви е грев и страм да ги погледнете тие млади луѓе и уште да им говорите за образовни реформи?
И да ИМА РАЗЛИКА-новиот студентски дом во Загреб чини 5 милиони евра, а панорамското тркало цели 18 милиони евра, сепак се врти нели, ама до кога?
Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: