Младите ќе учат како да штедат за пензионерските денови
Објавено во: Мои пари 08 Октомври, 2013
Учениците од завршните години од 75 средни училишта и студентите ќе добијат обука од министерството за труд и социјална политика, МАПАС и двете пензиски друштва со поддршка на Министерството за образование и наука за нивните права и обврски во пензискиот систем, нивната активна улога, носењето одлуки, како и со функционирањето на пензискиот систем, улогата на пензијата и значењето на пензиското штедење.
- По завршувањето на образованието тие ќе се вклучат во работниот процес и со тоа стануваат задолжителни членови во првиот и вториот пензиски столб. Едукацијата ќе се спроведува преку 20-минутна презентација во рамки на редовната настава. Заради поедноставно воведување на младата популација во капиталното финансирано пензиско штедење и нивните права и можности подготвена е брошура која на едноставен начин ја прикажува улогата на младиот човек во пензиското штедење, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Едукацијата на средношколците и студентите ќе се врши во рамки на кампањата „Моето друштво е мој избор, а штедењето мојата иднина“ која ќе добие поддршка и од МОН.
- Учениците од последните години на средното образование и студентите се први кои се вклучуваат во процесот на работни обврски. Затоа треба да бидат запознаени со сите бенефиции на системот, можностите и распределбата на нивните средства во државниот и приватниот пензиски столб, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување беше воведено во 2006 година, а во 2008 беше донесен и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Во вториот пензискиот столб кој функционира повеќе од седум години членуваат околу 342.000 членови и акумулирани 408 милиони евра, а во третиот има околу 18.000 членови и акумулирани нето-средства од околу 4,3 милиони евра.