26 Април, 2024
0.0251

Моја најголема среќа е што постојано создавам нови работи: Интервју со Џијан Емин

Објавено во: Стил 07 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Џијан Емин ја започнал музичката кариера како член на рок-групата „Архангел“. Подоцна, станал прв хорнист на Македонската филхармонија и нејзин диригент, а истовремено работи и како оркестратор. Негови поважни музички настапи се: концертите „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“ во рамките на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ (заедно со Дерек Меј и Македонската филхармонија), настапот со Белградскиот симфониски оркестар и Хуан Аткинс, концертот „Париз, те сакам“, мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“.. Успешната приказна од соработката на Џијан Емин со Огнен Узуновски Оги од продукциската куќа „Излет Мјузик“, започната во 2014 година со спектакуларниот концерт на пионерот на техно сцената Дерек Меј, кој го преселија во Гент (Белгија), Париз и Ница (Франција), Детроит (САД) и Мелбурн (Австралија), продолжи и ова лето, а овој пат на сцената со Џијан беше Хуан Аткинс.

* Вие сте мултиталентиран музичар, свирите на повеќе инструменти, а Вашите музички почетоци се врзани за повеќе еминенти состави од нашата земја и странство. Дали може да се навратиме на тие времиња, раскажете ни го мотивот и она што беше пресудно да влезете во музичката индустрија?

- Со музика се занимавам цел живот. Претпоставувам животот бил добар кон мене, можеби и јас кон него и така некако работите се случуваа по некој природен пат, без многу долгорочни планови и некакви посебни желби. Секако се чувствувам почестен на вниманието кое го добивам во поново време и сум многу среќен што имав прилика да работам со прекрасни луѓе и врвни музичари во текот на моето созревање од кои научив многу за музиката и за животот воопшто. Терминот музичка индустрија звучи малку грубо во мојата глава бидејќи сметам дека се занимаваме со уметност или барем се трудиме (се смее). Тоа секако не значи дека музиката која ја правам е само за одредена публика, напротив многу сум среќен што имав прилика во изминатиов период да работам на големи хибридни проекти кои спојуваат симфониски оркестар со електронска, џез, афробит и поп-рок музика. На овие настани продефилира публика од најразличен профил и од најразлични возрасти. Во овој контекст ме радува фактот што на некој начин помагаме и во едукација на публиката. Како последен пример ќе го земам концертот со Феми Кути во Градскиот парк Скопје, каде имаше публика која уживаше на концертот, а голем дел од нив никогаш не слушнала за овој извонреден музичар од Африка, Нигерија, кој воедно има и една номинација за Греми награда.

* Вашата кариера како диригент на Македонската филхармонија ја одбележаа музички настапи како „Скопје за Боуви“ и „Пинк Флојд“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ заедно со Дерик Меј, концертот со Феми Кути, како и мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“. Какво беше Вашето искуство врзано за овие настани кои беа новитет за македонската публика, па по нивното одржување долго време се зборуваше за музичкото доживување што го предизвикаа?

-Секој настан има своја посебна тежина најмногу поради тоа што сите овие проекти се различни од жанровски аспект. Се работи за различна музика; популарна во случајот со Дејвид Боуви или Пинк Флојд, електронска во случајот со Дерик Меј и Хуан Аткинс, афробит со Феми Кути, џез со ЗЏМ, …а многу често сум и сам композитор на музиката што се изведува како што беше случајот со „Neuland Sensorium“ или на мојот авторски електро-акустичен концерт кој се случи оваа година во април во соработка со ЗЏМ и Македонската филхармонија каде што публиката имаше прилика да слушне нова музика со уште покомплексна естетика и мешање на разни жанрови и стилови. За мене како музичар е најголема среќа што постојано работам различни и нови работи. Тоа ме мотивира и на некој начин ме обврзува секој нареден проект да биде уште подобар од претходниот. Не можам да кажам дали успевам во тоа, но се трудам од срце.

Целото интервју прочитајте го на Женски Магазин.


Можеби ќе ве интересира

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти

Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти