26 Април, 2024
0.0255

Мојата приказна за Мице

Објавено во: Колумни 06 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

До времето на процутот на рок музиката предземјотресната младина стаса солидно подготвена со гледање музички филмови. По којзнае колку пати ги гледавме „Бал на вода“,„Мајко слушај ја мојата песна“, „Продавачка на синолички“, им се восхитувавме на Катерина Валенте, Пет Бун, Марио Ланца, кои како познати пејачи глумеа во филмови(на чии наслови веќе не се сеќавам). Со „добри оценки“ ги положивме и Сафет Исовиќ, Силвана Арменулиќ, Тозовац, Цуне Гојковиќ, Муарем Сербезовски и Јонче Христовски и ептен потковани се исправивме пред предизвикот на музичкото цунами што го предизвикаа не само „Битлси“ и „Стоунси“, туку и стотици други состави и солисти, во светот и кај нас.

Првите лекции ги добивме во Работнички дом, а предавач беше кој, ако не Михаил Бошковски-Мице дискџокеј. Во салата што не беше ни налик на музички простор, ниту диско-сала седевме како во кино во неколку реда, а на бината, како на состанок на СК или Синдикат, (во работно претседателство) седеше Мице со неколкумина „дискофили“ и на скромно грамофонче („супрафон“ или нешто појако, со звучки кои едвам се слушаа долу) ни ги пушташе најновите хитови со коментар симнат од англиските списанија (Њу мјузикл експрес) и од домашниот таблоид (Џубокс). Тука како тазе бурек во Ванила ги добивавме најновите хитови, само неколку недели од појавувањето во Европа и емитувањето на топ листата на Радио Луксембург.

Набргу потоа сите хитови ги исполнуваа домашните состави,некои успешно, некои  дури и комично, но на игранките и летните бавчи и на матурските прослави беа главни точки (англискиот беше посебна приказна, но кој ти гледа на тоа).

Мице имаше многу посетувани настапи со својата пребогата диско-колекција во „Мусандра“, диско во кое израснаа генерации млади скопјани. Ние, една посебна група вљубеници во овој вид музика од не знам кои причини не одевме во ова култното место, но маестрото не следеше со години. На секоја прослава од матурирањето тој беше нашиот единствен забавувач, потоа по разни поводи и со преноси на Радиото во Клубот на новинарите (место што ја започна ерата на кафулињата и долгочасовното шетање на релацијата Камел, кај Саво и назад) до пречеците на Нови години кај Мравка во Алтан (биртија во која беше забранета народна музика и во која настапуваа, на пример, Џафер, Силви и Гранит).

Со посебна страст и стрпливост, професионално и со знаење на голем познавач ги задоволуваше желбите на посетителите на значајните збиднувања, не баре сме на свадба или сред село на оро. На една прослава на годишнина од матура ја доби опкладата со мене кога рече дека ќе пушти чочек и дека тука ќе заврши меракот по Битлси. Само што екна саксот на Феруз моите соученици се качија по маси и столици и јас како попче ја платив опкладата со Мице.

Неговите музички емисии на Радиото се чекаа „со душа“ (нестрпливо) и се преснимуваа и пуштаа по домовите. Стана препознатлив по прилозите во утрата по прославите на Нова Година. Имам од него оригинални снимци на двајца козаци, емигранти во Америка, кои свирејќи на балалајки раскажуваат впечатливи музички приказни од земјата на нивните родители. Имам и ден денешен, кога ги слушам Светланови, впечаток дека нивните инструменти разговараат.

Не случајно во почетоците на мак-рокот свое место си има и песната „Мице дискџокеј“. За нас тој, сепак, остана музички новинар „педагог“ од кого ги примивме сите музички знаења и љубовта спрема овој вид музика.... 


Moјсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД