„МОТИВАЦИЈА“ ЗА БИТОЛЧАНИ: Како вработените во „Кромберг и Шуберт“ ќе добијат mini cooper?
Објавено во: Економија 04 Август, 2018
Менаџментот на фабриката за производство на кабли за автомобили „Кромберг и Шуберт“ во Битола, која вработува неколку илјади работници, за интерната лотарија наплаќа по 50 денари за секој купен лоз со кој вработениот се стекнува со право да учествува во играта.
Наградна игра во која главна награда е половен автомобил мини купер од 2004 година во моментов е во тек во фабриката „Кромберг и Шуберт“, лоцирана во зоната во битолски Жабени. Секој има право да купи колку сака „талони“, ограничување нема.
Главната награда ќе се додели во септември.
„Некои купуваат неколку и така сметаат дека си ги зголемуваат шансите за добивка. Никој не сака да му ја препушти шансата на еден мал круг работници да дојде до наградата и повеќето сакаат да бидат во игра, иако јас не учествувам. Извлекувањето ќе биде во септември и добитникот треба да биде објавен на огласната табла“ - вели за „Фактор“ вработен во германската компанија.
Податоците на веб-страните за продажба на половни автомобили во соседството, покажуваат дека оние од сериското производство од 2004-та чинат до 4.000 евра.
Употребуван mini cooper ретко се наоѓа за купување во земјава.