29 Ноември, 2024
0.1315

Мукаетов за „Профит“: Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето

Објавено во: Мои пари 23 Мај, 2023

Добивај вести на Viber


1. Што научивте од пандемијата на КОВИД 19 која го зафати сиот свет и колку таа го забрза развојот на нови вештини, креативност и иновативност во компанијата?

КОВИД-пандемијата беше здравствена криза на која ѝ требаше човечки одговор. Од почетокот на кризата „Алкалоид“ беше првата компанија која ѝ донираше 200.000 евра на државата. До крајот на 2020 година таа сума достигна до 1,2 милиони евра донирани на здравствени установи, разни здруженија и поединци во Македонија и во регионот. Во време на криза од каков било вид учиме дека компаниите и поединците мора да покажат солидарност и високо ниво на емпатија. Оперативниот менаџмент беше подигнат на највисоко можно ниво во сите сегменти. Во секојдневните процеси превладуваат рационалноста и смиреноста, а изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со вработените, потрошувачите и со акционерите, како и одржливото приспособување кон промените и, пред сѐ, истрајноста беа главните карактеристики на секојдневното функционирање. Особено ми е драго што во специфичните услови на работење, особено во последните три години, успеавме да обезбедиме пласман на сите пазари каде што сме присутни и да останеме доверлив партнер на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по пристапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали.

2. Кои нови технологии ги користите во производството за да го подобрите квалитетот на производот? Колку инвестирате во модернизација на софтверот и колку е важен стручниот кадар кој раководи со процесите? Какви се плановите за идните инвестиции и за натамошниот развој? Во кои производствени капацитети компанијата најмногу инвестираше во последно време во согласност со идниот развој?

Една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар.

Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор.

До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми.

3. Србија седум и пол децении е дел од 87-годишната приказна на „Алкалоид“. Што претставува српскиот пазар за вашата компанија не само извозно, туку и стратешки?

Србија е дел од успешната приказна на „Алкалоид“ веќе осум децении, што доволно зборува за пријателството, разбирањето, блискоста на јазикот и за културата, како и за нашата заедничка традиција на овој пазар. Според српските фармацевти, лековите на „Алкалоид“ никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар (на лекови). За нас Србија е домашен пазар и првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата има сопствено производство и веледрогерија, кои вработуваат повеќе од 150 луѓе. Тоа, исто така, доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Производствената програма на „Алкалоид“ во Србија опфаќа над 300 производи од областа на фармацијата и на медицината, а, секако, би го споменал и нашиот бренд Becutan, со кој растеле и растат генерации во регионот.

4. На кои пазари ги извезувате вашите производи? Кои производи се најзастапени во извозот?

Во првиот квартал од 2023 година 72 % од нашиот пласман беше наменет за извоз, а земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари, при што генерации пораснаа и растат со нашите производи. За 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“ историјата на компанијата ја поставивме во Музејот на град Скопје. Во текот на подготовките добивме сапуни Becutan со прекрасна порака од човек од Босна, кој претпоставува дека нашите производи ги купил во осумдесеттите години од минатиот век. Имаше и писмо напишано на рака во кое пишуваше: „По сето ова време го задржаа својот квалитет. Ќе продолжиме да бидеме ваши верни купувачи“. Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето, нешто во што веруваат со години и чиј квалитет ја оправдува нивната доверба. Но, кога една приказна ќе успее во помали размери, тогаш е нормално да продолжи натаму. Освен во земјите од регионот, извезуваме и во Европската Унија, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари кои ги додадовме на списокот во последните неколку години. Глобализација на брендот „Алкалоид“ е патеката на која планираме да останеме фокусирани.

5. Какви деловни резултати остваривте во 2022 година? Дали и колку тие се разликуваат од очекуваното? Дали и колку кризата во која се најде целиот свет влијаеше врз вашето работење и врз вашите планови?

Минатата година беше особено тешка на економски план и исполнета со многу предизвици: здравствени, воени, логистички, енергетски и економски. И покрај сите тешкотии, успеавме да ја завршиме со вкупна консолидирана продажба од 239,1 милиони евра, бележејќи раст од 12 % и раст на консолидираната нето-добивка од 12 % во однос на 2021 година. Во однос на функционирањето во кризни услови, продажбата на „Алкалоид“ во 2007 година изнесуваше 69,29 милиони евра. Секоја наредна година беше обележана со различни кризни предзнаци, а успеавме да постигнеме четирикратно зголемување на пласманите. Се диференциравме преку квалитет, знаење и преку развој на производи со додадена вредност, преку специјализација во одредени портфолија на производи, како и преку стратешко позиционирање на компанијата надвор од рамките на земјите во развој.

6. Каква е регионалната соработка?

Поединечно, сите пазари во регионот на Западен Балкан се мали, но ако зборуваме за регионот во целина, тогаш зборуваме за пазар од околу 20 милиони жители. Како компанија која е еден од столбовите на македонската економија, „Алкалоид“ цврсто се залага за изнаоѓање различни синергии во регионот, па дури најдовме и форми на соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и во Босна и Херцеговина. Го поврзавме регионот со производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и со тим за корпоративни правни работи во Загреб. Создадовме регионална фузија која го поддржува деловниот развој кој самите го создадовме. Генерално, бизнисите се оние кои треба да изнаоѓаат начини за поделотворно промовирање на регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и повисок животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации.

7. Успехот во работењето на „Алкалоид“ е, пред сѐ, одраз на квалитетот на човечките ресурси кои работат во компанијата. Колку се важни континуираната едукација и зголемувањето на стручниот кадар за развојот на компанијата?

Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни при регрутирањето кадар во „Алкалоид“, а одговорноста е уште поголема кога се работи за кадар од професионалните области. Мојот личен впечаток е дека образовниот систем, за жал, не ги води студентите кон пошироки хоризонти! Недостигот од обука и од мотивација е сè поочигледен кај студентите на државните универзитети, но ние се обидуваме да одржиме одржлива позитивна промена во однос на овие горливи општествени прашања, барем во нашата непосредна околина. Преку соработка со образовните институции во нашата земја, воведовме различни програми за образование – дуално образование и практикантска работа – кои успешно се спроведуваат веќе четврта година во нашата земја, а формиравме и локален едукативен центар. Во насока на квалитетно образование и на производство на иден компетентен кадар во областа на здравството и на фармацијата, работи и нашата Фондација „Трајче Мукаетов“, која од своето формирање во мај 2007 година стипендираше 619 студенти по фармација и по медицина на државниот универзитет. На основа на стипендии и на еднократни парични награди за најдобрите во генерацијата досега инвестиравме околу 2 милиони евра. Постојано инвестираме во стручно оспособување на нашиот кадар, пред сѐ во областа на фармацијата и на фармацевтската технологија, при што еден од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград.



* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Повеќе од 400 дипломирани студенти на церемонијата за доделување дипломи на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк СИТИ Колеџ во Солун

Повеќе од 400 дипломирани студенти на церемонијата за доделување дипломи на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк СИТИ Колеџ во Солун

ТИТАН УСЈЕ и Градежниот факултет потпишаа меморандум за соработка за новиот проект „Знаење + CO₂ -“

ТИТАН УСЈЕ и Градежниот факултет потпишаа меморандум за соработка за новиот проект „Знаење + CO₂ -“

ОТВОРЕНА РЕНОВИРАНАТА ЕКСПОЗИТУРА ЦЕНТРАЛА НА ШПАРКАСЕ БАНКА

ОТВОРЕНА РЕНОВИРАНАТА ЕКСПОЗИТУРА ЦЕНТРАЛА НА ШПАРКАСЕ БАНКА

Giving is the new black: Купувајте во dm и направете добро дело!

Giving is the new black: Купувајте во dm и направете добро дело!

BREITLING X TRIUMPH СОЈУЗ НА ПРЕЦИЗНО ИНЖЕНЕРСТВО И СТИЛ

BREITLING X TRIUMPH СОЈУЗ НА ПРЕЦИЗНО ИНЖЕНЕРСТВО И СТИЛ

НОВИ МОЖНОСТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО СЛОВЕНИЈА

НОВИ МОЖНОСТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО СЛОВЕНИЈА

Избрани тројца членови на Одборот на директори на АмЧам и доделени признанија за најдобри практики на општествена одговорност

Избрани тројца членови на Одборот на директори на АмЧам и доделени признанија за најдобри практики на општествена одговорност

Конференција на Меѓународната организација на трудот: Недостигот на работна сила може да се надмине со системски решенија и преку трипартитен социјален дијалог

Конференција на Меѓународната организација на трудот: Недостигот на работна сила може да се надмине со системски решенија и преку трипартитен социјален дијалог

ВИДЕОЛОТАРИЈА ДЕЛ ОД ГЛОБАЛНАТА КАМПАЊА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ ЗА РИЗИКОТ ОД ВКЛУЧУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ ПОД 18 ГОДИНИ ВО ИГРИТЕ НА СРЕЌА

ВИДЕОЛОТАРИЈА ДЕЛ ОД ГЛОБАЛНАТА КАМПАЊА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ ЗА РИЗИКОТ ОД ВКЛУЧУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ ПОД 18 ГОДИНИ ВО ИГРИТЕ НА СРЕЌА