25 Април, 2024
0.0275

Музичка приказна

Објавено во: Колумни 21 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Мошне се израдував кога помалата ќерка и зетот помпезно ми најавија дека купиле грамофон и оти сакаат да земат од кај нас некоја лонгплејка(во денешно време на разни аудио чудесии ова ми заличи како да купуваш магарешка запрега место турбо автомобил,на пример).Избраа неколку од солидната збирка на ЛП љубоморно засоленети на таванот на сеќавањата и спомените,што патем речено сега го нема заедно со бараката и доградбата.Сигурен сум само дека ја бендисаа на прв поглед „Недај се Инес“ на Арсен Дедиќ со Раде Шербеџија - почетокот и крајот на секоја седенка,со романтични песни и поезија од Есенин,со свеќа и црвено вино, во далечните седумдесетти.

Ива,ќерката на моја другарка од детство стуткана до мене со своето мало телце ми признава - кога ќе се мажам не сакам друг подарок за свадба туку комплет на плочи од Битлси(мислејќи малечката на музиката што до бесвест ја слушавме кај нас дома).Поминаа години и јас за еден нејзин роденден,на Петровден,зедов убаво ги спакував ЛП-ките со Ленон и компанијата бубачки од Ливерпул и и ги подарив. Радоста беше неизмерна,искрена,младешка и растреперена.Ива ја нема веќе меѓу нас, но знам дека небесните ангели и ги пејат често Јестрдеј и Јелоу сабмарин.

Ме изненади пред годиништа со телефонски повик Данута,Украинка,македонска снаа,подоцна амбасадорска сопруга на дипломатскиот претставник на РМ во нејзината родна земја.Ме замоли,знаејќи дека работам во Радиото,да и ја најдам и снимам по можност нумерата „Очи чорње“ што ја слушала вчера околу 9 ипол.Знаев дека тоа е „Музички омнибус“ страшно популарна и многу слушана емисија што ја подготвуваше Михаил Бошковски-Мице дискџокеј.Здраво Јо-мен(така меѓусебно се ословувавме)таква и таква работа,те молам направи нешто за да не ја разочарам Данута.А тој по извесно време ми дава касета 90-ка ТДК(демек супер квалитет) со снимка на руската песна што ја испеал и отсвирел кој друг ако не Сачмо,Луј Армстронг и да не биде полупразна касетата во продолжение истата варијација на тема на црните очи со оркестарот на Мантовани,Бостонпопс оркастарот и неколку исполненија со руски цигани(страотен студиски перформанс,а Сачмо симнат од плоча со карактеристичниот шум на винилскиот носач на звук што и ден денес малку кој не сака да го слушне за да му загребе по сеќавањата).Не лези враже(како што милуваат да кажат северните соседи)од другата страна следува снимка на исполненија на балалајки на двајца браќа Светланоф,емигранти во САД од пространите руски степи.Имаш впечаток дека балалајките разговараат меѓу себе и така една до друга до крајот на вторите 45 минути за кој ти е жал што воопшто дошол.Данута беше распаметена,не од вниманието на мојата новинарска маленкост,туку од изборот и професионалноста на Мице кого, патем, таа не го ни знаеше(тој пак заедно со касетата спакувал и список со изведувачи и траење на нумерите,како да сме во студио-боже прости ми).

Ја чувам оваа реликвија, но немам на што да ја слушам(системот го дадов некому кога се селев),но често се сеќавам на се како вчера да беше. Музиката понекогаш и живот значи!


Мојсо Мојсовски 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД