МВР: Случајот со нападот пред штабот на ГРОМ е расчистен
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2017
Случајот со нападот пред штабот на ГРОМ е расчистен, доказите се испратени во обвинителство, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Од полицијата информираат дека на разговор во Полициската станица Карпош се повикани С.Р (51) и Е.Ш (36) од Скопје.
Инцидентот се случи во неделата додека се пребројуваа резултатите од гласањето на локалните избори. Според пријавата во МВР, на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, пред штабот на политичката партија ГРОМ имало нарушување на јавниот ред и мир, кога лица со ножеви се заканувале на група граѓани пред штабот.
„Настанот беше целосно расчистен и документиран и севкупниот доказен материјал со писмено известување е испратен до Основното јавно обвинителство Скопје, коешто согласно со ЗКП треба да даде насоки за натамошно постапување“- велат од МВР.
Стевче Јакимовски од ГРОМ побара надлежните да го расчистат случајот.