Добивај вести на Viber
Сеуште се трага по двете обвинети за несовесно работење во Македонски пошти на кои вчера во отсуство им беше изречена мерка притвор за случајот со грабежот на поштата во Чаир, кога беа украдени над 200 ооо евра.
Како што појасни министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, двајца од осомничените остануваат надвор од дометот на полицијата. Министерката побара вработените во овие институции да внимаваат на својата работа.
„МВР обезбеди докази за 10 лица, и заради тоа кривичната пријава ги опфаќа овие 10 лица. Секогаш кога станува збор за кривично дело ние одговорноста ја бараме кај оние кои требало да ја обезбедат условите тоа да не се случи и се разбира кај директните извршители“, рече министерката.
На прашањето дали МВР има сознанија дека имало вакви пропусти во останатите грабежи на Македонски пошти, Јанкулоска истакна дека пред поднесување на кривична пријава не ги коментираат сознанијата и оти за последниот случај тие се презентирани откако пријавите веќе биле поднесени.
Според информациите кои ги пренесоа повеќе медиуми, МВР распиша потерница по двете жени - едната сопруга на поранешен министер од редовите на ВМРО - ДПМНЕ, а другата ќерка на екс функционер од редовите на ДУИ.
Вработените во пошта сега се сомничат дека овозможиле неконтролирано влегување и излегување од службената врата, поради што им е изречена мерка притвор од 30 дена. Како што информираа од МВР, притвор добија управникот на поштата во Чаир, двајца контролори, главниот благајник и двајца соработници за безбедност, потоа шефот на обезбедувањето, двајца поштари и еден раководител на службата за внатрешна контрола.