На 15 студенти од техничките факултети „Дрекслермаер Македонија“ ќе им додели стипендии
Објавено во: Мои пари 29 Август, 2013
Стипендии на 15 студенти од техничките факултети ќе додели компанијата „Дрекслермаер Македонија“. Основен услов за добивање на стипендијата е студентите да имаат завршено прв семестар, а дополнителните критериуми за избор ќе бидат објавани во конкурсот кој ќе биде објавен наскоро.
„Првпат една странска компанија се одлучува и обврзува да стипендира студенти“ – рече министерот за образование Спиро Ристовски, кој смета дека овој потег на компанијата е вистински придонес кон развој на образованието и создавањето кадри според потребите на пазарот на работна сила.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак, пак, смета дека одлуката за стипендирање на студенти на странската компанија е индиректен ефект од привлекувањето странски инвестиции.
„Една од директните придобивки од влезот на странски инвестиции е отворањето нови работни места. „Дрекслермаер“ веќе има вработено 1.000, а планира во наредните 1,5 година да достигне до целосната планирана бројка од 4.000 вработени“ рече Самак.
Меморандумот за соработка го потпишаа ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и претставникот на „Дракслермаер Македонија“, Ѓорѓи Тренкоски.