На Cкопски саем започна „Технома 2013“
Објавено во: Мои пари 15 Октомври, 2013
Под мотото „Енергијата е убава и еколошка“ денеска на Скопскиот саем стартуваше 39. Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита „ТЕХНОМА 2013“.
На површина од околу 12.000 метри квадратни, свој изложбен простор имаат над 200 домашни и странски компании од Италија, Грција, Бугарија, Словенија и Хрватска.
Манифестацијата ја отвори извршниот директор на Скопски саем, Гвидо Омладич, кој оцени дека користењето на иновативни технологии ја подигнуваат свеста за важноста на квалитетот како најдобра бизнис практика за лансирање и промовирање на производите на саемските манифестации.
Паралелно со ТЕХНОМА 2013, која ќе трае до 19 октомври, на Скопски саем се одржуваат и 14. Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство, 33. Меѓународна изложба на иновации – МАКИНОВА, како и Изложбата на агромеханизација како сегмент на 63. Меѓународен саем за широка потрошувачка АГРОФУД.
Како заеднички дел од АГРОФУД и ТЕХНОМА, во дворот пред Управната зграда на Скопски саем во тек е изложба на агромеханизација.