Добивај вести на Viber
Надлежните задоволни, пациентите збунети. Електронскиот систем за закажување прегледи „Мој термин“ ја подели јавноста. Надлежните се децидни, системот функционира успешно и се применува во цела држава, а издавањето електронски упати и електронски рецепти оди без проблем. Дел од пациентите пак се жалат дека иако имале закажано термин, се случувало да нема доктор на закажаното место.
Според проект-менаџерот на „Мој термин“, Милан Аризанкоски, во август биле препишани над 1.2 милиони електронски рецепти, а тој ги повика сите пациенти посовесно да се однесуваат кон електронските закажани прегледи бидејќи со недоаѓање на пациентите се дестабилизирала целата концепција на електронски систем. Најчести се пациентите на возраст од 60 до 70 години, а лекарите најчесто дале рецепт за еналаприл, лизиноприл, дијазепам, информира Аризанкоски кој додава дека најголем пик на креирање и посета на здравствени установи е од 09.30 до 11.30 часот.
Проект-менаџерот појасни дека ако пациентите не се во можност да дојдат на закажаниот термин треба или кај матичниот лекар или на бесплатниот телефонски број 15444, да го откажат својот термин и да ја развиваат културата на почитување на времето на другиот.
Надлежните исто така се пофалија и дека системот е стабилен, а ако има проблеми кај одредени матични лекари веднаш се решаваат.