02 Мај, 2024
0.0251

На Македонија ѝ треба војна за спас од бедата, а не битка за изборите!

Објавено во: Колумни 26 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Додека „црните облаци“ сеуште се надвиснати над Клубот на пратеници, неможам, а да го прескокнам несериозното тврдење на премиерот дека битката во Македонија ќе се реши на изборите на 24 април следната година. Прво, од каде уверувањето дека на 24 април , ќе има избори, посебно доколку не се решат проблемите кои стојат на патот , а кои можат да предизвикаат поништување на договорот. Второ, од каде вербата дека и доколку има избори неговата партија ќе победи и ќе ја спаси Македонија од „агонијата која ја предизвика опозицијата“,  и трето, зарем може тие што ја раскрчмија, доколку и победат, да ја спасат Македонија!. И тоа, ваквото инфантилно толкување на развојот на настаните премиерот го промовира на  обраќањето на свеченоста по повод денот на револуционерната борба на македонскиот народ. Не дека тие што беа таму, што тој и да им кажеше немаше да му веруваат, но проблематично е што  и во таков момент длабоката општествено-економска и политичка криза во земјата се обајснува само со однесувањето на опозицијата. Ни збор критика за однесувањето на власта на што со месеци укажуваше опозицијата и  поради што, всушност, и дојде до заострување на односите со опозицијата. Ниту збор за проблемите  и слабостите во владеењето на актуелната власт кои треба да се надминат за земјата да излезе на патот на демократски развој. Како „пржинскиот договор“ да е последица на каприц  на опозицијата и на меѓународната заедница за да се премери моќта на власта и опозицијата, со цел да се утврди кој ќе ја врши власта во наредниот период. Ваквото вулгарно гледање на ситуацијата во земјата и мислењето дека во Македонија има „бааѓи слобода““ ја откриваат  заблудата на власта дека битката за Македонија ќе се реши  на изборите на 24 април следната година. Да не заборавиме дека завршија неколку парламентарни избори кои ги доби актуелната власт, а битките во Македонија не само што не се решија, туку и се заострија до ниво  на опстанок на државата, поради што дојде и до помош од нашите стратешки партнери. Што е гаранцијата дека партиските препукувања и оптужби ќе се надминат со наредните избори, особено ако се има предвид потценувањето на проблемите кои доведоа до сегашнава длабока криза и обидите да се заташка утврдувањето на одговорност за насилно, неуставно и незаконито работење на дел од врхушката на власт. Зарем е возможно да чекаме дека проблемите ќе ни ги решат, тие што не пикнаа во калта, тие кои во Клубот на пратеници повеќе дискутираaт за тоа како да не дојдат повторно до јавноста „лепените, сечените и монтираните“ снимки , отколку како побзо да се стави крај на агонијата за што е потребно само  да се испочутува „Пржинскиот договор“. На договорените избори кои треба да бидат фер и демократски (доколку се одржат) сигурно ќе се избере власт која ќе владее со земјата во наредниот период, меѓутоа, битката за спас на Македонија  може да се добие само со длабоки општествено-економски и политички реформи. Нив треба да ги направат избраните. Се разбира, доколку се свесни и имаат вистинска намера, а не само декларативни определби за асоцирање во евроатланските интеграции и за остварување на побрз и одржлив развој на земјата. Со оглед на кризата во која се наоѓа земјата очигледно е дека досегашните политики на актуелната власт  ги промашија овие определби. Далеку сме од ЕУ и НАТО, не само поради грчкото вето, туку и поради демократскиот дефицит на земјата, што конкретно ќе го осознаеме ако евентуално набрзо почнеме преговори за асоцирање во Унијата. Досегашните препораки за отпочнување преговори се само „морков“ на патот за да се одржи во живот желбата на граѓаните за приклучување во ЕУ. Условите за асоцирање допрва треба да ги остваруваме. Во корен треба да се сосече практиката на доминација и контрола на извршната врз законодавната и судската власт. Треба да се елиминира партизираноста на административните органи и институции. Судовите и медиумите треба да се ослободат од контролата на извршната власт. Треба да се организира и води постојана борба против корупцијата во сите сфери... Да не зборуваме за потребата за усогласување на стопанската регулатива на земјата со регулативата во Унијата, особено во сферата на конкуренција и  присуството на монополи. Ваквата потреба ја доведува во прашање  нагласената речиси дневна популистичка политика, наспроти подолгорочната социјална политика, како одраз и израз на развојната политика. Со влезот во Унијата на удар ќе се најдат и условите за работење во ТИРЗ-овите, бидејќи со нашите услови се нарушува конкурентската ползиција на субјектите на единствениот пазар. А тоа изнудува друг модел на развој од постојниот, ако за него може да се зборува како за конзистентен модел. Значи постојната власт ја испушти можноста да се фокусира на овие проблеми и затоа е несериозно, премиерот да тврди дека доколку би победиле на следните избори, тие би ги решиле сиве овие проблеми. Впрочем ,тие и сега  неместо да промовира здрави економски политики, поделени во групи шетаат низ Македонија и решаваат локални проблеми, што само ја потврдува сопствената неспособност и нефункционирањето на системот кој тие досега требаа да го имаат воспоставено. Упорното игнорирање на проблемите од страна на премиерот, повеќе од сигурно ве наведува на фактот да верувате дека доколку и победи неговата партија, состојбите во земјата не само што нема да се подобрат туку и ќе продолжат да се влошуваат до разнебитување на државата, на што упатува интензивната агресивна кампања за купување на гласачи. Се разбира, тоа ќе биде нашата реалност доколку не се направи пресврт во политиките и однесувањето на власта и во функционирањето на правната држава. Се‘ додека од владата и натаму најавуваат дека ќе работат 24/7 за да не‘ усреќат, а не создаваат погодни услови секој работно способен да може да се избори за пристојно живеење со лично ангажирање, Македонија и натаму ќе тони. Додуша, може да се надеваме дека набрзо ќе се крене маглата што ја создаваат бројните остварени, јавени и ненајавени проекти, кога ќе се открие колку чинат и какви се ефектите врз растот и вработувањето. За жал, вистинското отрезнување ќе дојде од сферата на односите со странство, во моментот кога расипничкото трошење   ќе го доведе во прашање одржувањето на   надворешната рамнотежа во земјата.  А веќе,   девизните резерви се намалуват и истите се пополнуваат со кредити од странство. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина