Добивај вести на Viber
Старите и оштетени фасади во населбата Карпош наскоро ќе бидат минато, бидејки локалната власт во општината распиша оглас за изведувач што ќе ги реконструира фасадите на станбените објекти на нејзина територија. Рокот за пријавување е до 28 јануари годинава, пренесе Дневник.
Од општината информираат дека реконструкциите се дел од програмата „Да го вратиме сјајот на старите згради“, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност на колективните згради. Во нејзини рамки, во изминатата година беа обновени фасадите на четири објекти. Исто како и тогаш, сега е предвидено да се вградат термички материјали, а и да се постават ПВЦ-прозорци со соодветна изолација.
Изработен е и елаборат со кој се утврдува кои објекти ќе влезат на листата за санација.
- Основните критериуми за една зграда да биде избрана за реконструкција, се староста на објектот, состојбата на фасадата, бројот на жителите и местоположбата на зградата - изјавија локалните власти.
Точната бројка на објекти ќе ја соопштат по завршување на постапката. Дотогаш, во согласност со елаборатот, граѓаните може да ги пријавуваат објектите каде што живеат. Стручна комисија ќе изврши увид на терен за да ја утврди состојбата на зградата.
Реконструкциите ќе бидат финансирани од општинската каса, а цената ќе биде утврдена во зависност од типот на објектите и на потребните интервенции.