29 Април, 2024
0.0382

Надежите на Русите останаа во Иванов и опозицијата

Објавено во: Колумни 13 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Грчкото треснување врата на руските обиди да се влијае врз договорот меѓу Македонија и Грција со кој се отвора патот на Македонија кон НАТО и ЕУ, предизвика вистински шок во Москва. Да се протераат двајца руски дипломати и на други двајца да им биде забранет влез во земјата е навистина невиден потез во долгогодишните руско-грчки односи. И згора на тоа во пресрет на Самитот на НАТО во Брисел. Неслучајна грчка порака до традиционалниот партнер.

Поранешни руски дипломати велат дека не очекувале такво нешто од Грците. Особено, прво објавување во печатот, а потоа официјална потврда од министерството за надворешни работи.  Кога се случуваат такви работи, тогаш тоа има политичка оценка. Ако тие сакале да протераат некого без демарш, тоа би го направиле тихо, без привлекување на медиумите, велат дипломатите. Според некои грчки новинари „тивко“ протерување имало пред некоја година. Но, очигледно на Грците им дошло преку глава мешетарењето на руски дипломати.

Димитрис Ѕанакопулос во официјалната изјава вели дека „сите држави треба да го почитуваат меѓународното право“ и дека „не е можна согласност со однос кој не пројавува почит кон грчката држава“. Весникот „Катимерини“ кој ја објави веста за протерување на дипломатите забележува дека „овој случај покажува на напнати односи меѓу двете земји што се развиле во изминатите две години и се поврзани со општата ситуација во регионот. И на тој начин Атина одлучи да одговори на некои чекори за ширење на влијанието на Русија во Грција“. Инаку годинава Русија и Грција одбележуваат 190 години од воспоставувањето на дипломатски односи и 25 години од Договорот за пријателство и соработка мешу двете земји. Инаку меѓу нив активни се повеќе од 50 договори.

Реакцијата од страна на Русија не изостана. Тамошното министерство за надворешни работи најави симетричен одговор на грчкиот потег. Освен тоа вчера стана јасно дека се прекинуваат подготовките за посетата на министерот за надвоешни работи Сергеј Лавров на Грција. Тој доби покана за посета на Атина во март годинава и таа беше планирана за есенва. Соговорник од руското министерство за надворешни работи за руските медиуми изјави дека со оглед на „тековната ситуација“ во дипломатската мисија „нема разбирање за тоа врз кој принцип таа посета може да се оствари“. Иако грчкиот министер Никос Коѕиас неодамна беше во Москва и тогаш беше соопштено дека се водат подготовки за посета на Лавров на Грција.

Инаку во јуни на страниците на Фактор веќе пишувавме за едно истражување на ZEIT- ONLINE за улогата на руското лоби во Грција. На една е-адреса на поранешен вработен во руската амбасада во Атина најдени се стотици пораки кои зборуваат за тоа колку биле блиски контактите меѓу руски олигарси и идеолози, како Алексадар Дугин, од една страна, и важни грчки политичари од друга страна. Според ZEIT- ONLINE, пораките документираат врски со грчки поединци и политичари. Почнувајќи од министерот за одбрана Панос Каменос, па бизнисмени, адвокати...Се споменува и Никос Коѕиас, министерот за надворешни работи, кој во меѓувреме се „оддалечил“ од соработката.

Инаку, Каменос е упорен во своите ставови, па деновиве од Брисел порача дека Преспанскиот договор нема никогаш да се имплементира, зашто како што оцени, нема шанса да биде ратификуван во грчкото Собрание, ниту да го преживеел македонскиот референум. Тој таму пред грчките новинари изјавил: -Можат да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат се додека го користат терминот Македонија. Тој смета дека македонскиот парламент нема да ги направи неопходните уставни промени. Оваа изјава ја пренесоа некои руски медиуми, како некаков грчки ултиматум до Македонија.

Руските медиуми понекогаш емитуваат и пишуваат не она што е точно, туку тоа што сакаат да го чујат или да го прочитаат читателите. Па така се пишува и за т.н. грчки ултиматум. Или пак ќе прочитате наслов: „Македонците ќе платат со животите за НАТО. Демек во жешките точки припадници на армијата на Македонија ќе гинат наместо американските војници. Па се посочува Авганистан, каде што недостигаат околу 7.000 војници, па македонските би биле добродјдени таму, бидејќи Американците немаат намера да го зголемуваат својот воен контингент. Демек тие би биле „топовско месо“ за да се исполнат амбициите на „Големиот брат“. Или пак се поставува прашање, а што ќе добие Македонија за возврат од влегувањето во НАТО? И одговор: „Кога ќе стане полноправен член ќе може да смета на пар воени бази и центри за обуки, малку западноевропско оклопно „железо“ и вкусни воени оброци“. Нема никаде да прочитате дека Македонија ќе стане полноправен член на НАТО.

И додека медиумите им подаваат на читателите четиво какво што тие сакаат да им подадат, од руското министерство за надворешни работи доаѓаат сериозни коментари кои одат во прилог на досегашната руска линија во поглед на ширењето на НАТО и членството на Македонија во Алијансата. -Во практика Алијансата ја обновува атмосферата на епохата на блоковска конфротација, во која, по се изгледа, се чувствува многу покомфорно отколку во услови на повеќеполарен светски поредок. Неодделив елемент од таквата линија е возобновувањето, под измислени предлози, на курсот на воено-политичко „одвраќање“ на Русија. Со тоа е условен и стремежот на блокот механички да се шири. Тој стремеж не му ја зацврстува никому неговата безбедност, тоа е очигледно, туку само ја продлабочува линијата која ја дели и ја засилува напнатоста во Европа. Форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека „политиката на отворени врати“ се претвора во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор. Станува збор, всушност, само за едно – за постигнување воена предност – изјави вчера Марија Захарова, портпаролот на министерството..

Потегот на Грција и реакциите по него зборуваат дека Русите сега во однос на некакво компликување на влегувањето на Македонија во НАТО единствено можат да се надеваат на внатрешните противници во земјава. Во прв ред претседателот на државата Ѓорге Иванов, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и политичарите-маргиналци како Јанко Бачев и некои мешетари. Впрочем во руските медиуми уште по потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција  се нагласуваше фактот дека претседателот Иванов не го потпишува договорот и дека за него постои силна опозиција во државата. Па дека документот е ратифициран во парламентот на Македонија, меѓутоа претседателот Иванов Георге Иванов не го потпишал. Тој сметал дека иницијативата противречи на уставот и е закана за националната безбедност на републиката, пишуваат медиумите. Колку и дали ќе можат Русите да ги координираат противниците на Договорот е прашање, но сепак нема да се откажат од последниот обид да се направи нешто околу референдумот.  

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД