19 Март, 2024
0.0256

Надворешен долг на македонската економија (нето vs. bruto)

Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Како знак на изразување на сочувство, за денес, се одлучив да цитирам две убави мисли од првиот афроамериканец, државен секретар во историјата на САД (кој деновиве почина) - Колин Пауел, и тоа едната на почетокот, а другата на крајот од од денешново писание: „Нема тајни кога станува збор за успехот. Тој е резултат на подготовката, напорната работа и учење од неуспехот“. 

Како што и најавив претходно, за оваа недела ќе ја елаборирам состојбата со надворешниот бруто и нето долг vs. јавниот долг на државата. На почетокот, ајде да го поставиме прашањето:

Што се подразбира под надворешен долг на македонската економија? 

Надворешниот долг на македонската економија ги претставува тековните обврски помеѓу резиденти и нерезиденти врз основа на должнички инструменти, на одреден датум. Ако, на ова се додаде и статистиката, во анализите на стручната јавност се појавуваат два значајни извештаи за бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања. Одам понатаму. Во меѓународната пракса, јасно се забележува дека најчесто користен показател за надворешен долг на македонската економија е бруто надворешниот долг. Што значи тоа? Ако се гледа временски, тоа, го сочинуваат износите на долгорочните и краткорочните обврски. Додека, пак, ако се гледа изворот т.е. видот на долгот, бруто надворешниот долг го сочинуваат јавниот и приватниот долг или кажано со еден збор „ALL IN“ на тековните и безусловни обврски во македонската економија коишто бараат плаќања на главнина и камата од страна на должникот во некое идно време и коишто се должат кон нерезиденти од страна на резидентите на економија.

Тука, сакам да истакнам уште еден поим за надворешната задолженост, а тоа е нето надворешниот долг. Практично, тоа е разликата помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања на резидентите на македонската економија.  

Од ова, чинам дека ги дефиниравме на јасен начин категоризациите за определување на надворешната задолженост во една земја, од аспект на меѓународната стручна јавност.  За таа цел, ако ги погледнеме официјалните извештаи и соопштенија на експертската јавност, може да се забележи податокот дека надворешниот долг на македонската економија, под поимот бруто надворешниот долг, за првата половина од 2021 година изнесува над 10,1 милијарди евра или 87,6 отсто од БДП. Во овој износ, мора да се обележи дека спаѓаат сите долгови на јавниот и приватниот сектор, во форма на тековните и безусловни обврски коишто бараат плаќања на главнината и каматата од страна на должниците во домашната економија во некое идно време и коишто се должат кон нерезидентите. Сум на мисла дека за читателите ќе биде значајно да го диверзифицирам од целото количество на надворешен долг (10,1 милијарди евра), износот кој претставува јавен долг на државата, како и оној преостанат износ на приватен долг. Оттука, јавниот долг на македонската економија во првата половина од 2021 година изнесува нешто повеќе од 5,4 милијарди евра или 47,1 отсто од БДП. Ова, ако се спореди со состојбата на крајот од 2020 година, каде тој изнесуваше 4,3 милијарди евра или 40 отсто од БДП, значи дека сме го зголемиле јавниот долг за 7,1 отсто или 1,1 милијарда евра. Остатокот до 10,1 милијарди евра му припаѓа на приватниот долг во македонската економија или во бројки тоа изнесува 4,7 милијарди евра (40,5 отсто од БДП). Во споредба со минатата година, приватниот долг за првите шест месеци од 2021 година се зголемил за 465, 5 милиони евра или за 1,2 отсто.

На крајот, со цел да го произведеме конечниот ефект за македонската економија, а во стручната јавност познат како нето надворешниот долг, кој, треба да се добие како разлика помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања на резидентите на економијата, потребно е да ги погледнеме состојбите во во позицијата на побарувањата.

Имено, тоа значи дека во првото полугодие од 2021 година бруто надворешните побарувања забележаа зголемување за повеќе од 1,5 милијарди евра во споредба со претходната година и истите изнесуваат 6,76 милијарди евра (58,3 отсто од БДП). Ваквата состојба во побарувањата ќе се одрази поволно во нето надворешниот долг. Ова значи дека нето надворешниот долг на македонската економија ќе биде нешто над нивото на состојбите од минатата година, каде изнесуваше близу 3,3 милијарди евра или 30,6 отсто од БДП. Што значи, за првите шест месеци од 2021 година, иако бруто надворешниот долг на македонската економија се зголеми за 8,3 отсто или за повеќе од 1,6 милијарди евра во споредба со лани (31.12), сепак, таквата разлика се компензира (читај: се топи) со зголемувањето на бруто надворешните побарувања за 9,7 отсто (или за нешто повеќе од 1,5 милијарди евра) во споредба со претходната година.

Според тоа, конечниот производ за македонската економија ќе биде НЕТО надворешен долг во првата половина од 2021 година, помал за 1,4 отсто како процент од БДП во споредба со лани (на 31.12), а како резултат на зголемените побарувања. Тоа, во бројки изнесува близу 3,4 милијарди евра или 29,3 отсто од БДП. Ова, како што обележав погоре, ако се спореди со состојбата на крајот од 2020 година се добива намалување на процентот од БДП во споредба со лани за -1,4 отсто (каде, нето долгот за минатата година изнесувал близу 3,3 милијарди евра или 30,6 отсто од БДП).

„Не е толку лошо колку што мислите. Наутро ќе изгледа подобро.“(Колин Пауел)

ПРОДОЛЖУВА...

P.S. Во наредната колумна за „Фактор“ ќе ги анализираме состојбите со профитабилноста на македонските банки за 2021 година, со посебен осврт на економскиот раст на македонската економија.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?