29 Април, 2024
0.1229

НАДВОРЕШЕН ДОЛГ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА vs. РУСКО-УКРАИНСКАТА КРИЗА

Објавено во: Колумни 24 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

На почетокот на ова писание, сакам да го цитирам Бенџамин Френклин, кој ќе истакне: „Никогаш немало добра војна или лош мир.“

После секоја пандемија и глобална криза, следува време за стабилизација или прелевање на таквите шокови во друга насока. За жал, денес, таа насока не е добра за источниот регион, истата се обележува како лоша и ја навестува новата војна која е на повидок, а тоа е руско-украинската криза. Имено, таквата ескалација ако заземе високи размери, во што јас не верувам, му доаѓа како надополнување на продолжениот ковид период и состојбите, таму, па и во регионот кај нас. Тогаш може да преовладуваат одредени неповолни состојби. Тоа, од стојалиште на македонската економија, имајќи го во предвид фактот дека како земја, ние, сме во пикот на енергетската криза, може да има зголемени негативни ризици за прелевање на рестрикциите во однос на енергенсите и цената на електричната енергија.  

Од друга страна, ако се следи вчерашната одлука на американскиот претседател Џозеф Бајден, каде тој вчера објави дека САД воведуваат санкции против руската елита (читај: олигархија), нивните семејства и две големи руски банки, може да се претпостави дека во периодот што следува може да преовладуваат високи и неповолни ризици на глобалните финансиски пазари. Денес, веќе се чувстуваат циклични промени на берзите ширум светот. Дополнително на ова, мора да се анализира и одлуката на германскиот канцелар Олав Шолц, каде тој нареди да се стопира отворањето на гасоводот „Северен поток 2“. Оттука, со право, треба внимателно да се набљудуваат ваквите можни сценарија во руско-украинските немири и да се биде претпазив во контекст на планирањето и одржувањето на добар еквилибриум во македонскта економија. Ова е така, ако се имаат во предвид и ланските проекции од ЕЦБ, каде се констатираа одредени ревидирања нагоре во инфлаторните стапки и цикличните движења на БДП за време на пандемијата и потоа (2020-22). Затоа, тука би рекол дека треба да се биде внимателен во давањето на цврсти анализа и проекции.

Во контекст на релативизација на актуелностите, кои имаат влијание врз македонската економија, особено со препорака - да не се шири паника кај населението, на почетокот од ова писание сакам да го анализираме следново прашање:

Што се подразбира под надворешен долг на македонската економија (нето vs.бруто концепт)?   

Надворешниот долг на македонската економија ги претставува тековните обврски помеѓу резиденти и нерезиденти врз основа на должнички инструменти, на одреден датум. Ако, на ова се придодаде и статистиката, во анализите на стручната јавност се појавуваат два значајни извештаи за бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања. Одам понатаму. Во меѓународната пракса, јасно се забележува дека најчесто користен показател за надворешен долг на македонската економија е бруто надворешниот долг.

Што значи тоа?

Ако се гледа временски, тоа, го сочинуваат износите на долгорочните и краткорочните обврски. Додека, пак, ако се гледа изворот на долгот, бруто надворешниот долг го сочинуваат јавниот и приватниот долг или кажано со еден збор, тоа се сите тековни и безусловни обврски во македонската економија коишто бараат плаќања на главнина и камата од страна на должникот во некое идно време и коишто се должат кон нерезиденти од страна на резидентите на економија.  

Оттука, сакам да сублимирам дека надворешната задолженост на македонската економија, согласно последните официјални податоци на стручната јавност, се изразува преку нето надворешниот долг (разликата помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања на резидентите во македонската економија). Сега, кога веќе ги диверзифициравме поимите, логично е да се постави следново прашање:

Колкав е нето надворешниот долг на македонската економија?

За надворешната задолженост на македонската економија, од аспект на последните официјални податоци на стручната јавност, може да се забележи дека за 2021 година, БРУТО надворешниот долг изнесува 9,87 милијарди евра или 83,5 отсто од БДП и забележува намалување во однос на крајот на претходната година (2020) од 1,3 милијарди евра или пад за 15,6 отсто. Дека состојбите во поглед на макроекномијата се подобриле, на крајот од 2021 година, говори и податокот што истиот овој бруто надворешниот долг, за првата половина на 2021 година или три месеци порано, во екот на пандемијата изнесуваше над 10,1 милијарди евра или 87,6 отсто од БДП. Во овој износ, мора да се обележи дека спаѓаат сите долгови на јавниот и приватниот сектор, во форма на тековните и безусловни обврски коишто бараат плаќања на главнината и каматата од страна на должниците во домашната економија во некое идно време и коишто се должат кон нерезидентите.

Според ова, сум на мисла дека за читателите ќе биде значајно да го диверзифицирам од целото количество на надворешен долг (9,87 милијарди евра), поточно, кој дел од износот претставува јавен долг на државата и оној преостанат износ на приватен долг.

Оттука, за јавноста е значаен јавниот долг на македонската економијаво 2021 година, кој изнесува нешто повеќе од 5,2 милијарди евра или 43,6 отсто од БДП и забележува зголемување во однос на крајот на претходната година (2020) од 856 милијарди евра или раст за речиси 20 отсто. Лини, истиот изнесувал 4,3 милијарди евра или 40,4 отсто од БДП.

Остатокот до 9,87 милијарди евра му припаѓа на приватниот долг во македонската економија или во бројки тоа изнесува 4,7 милијарди евра (39,9 отсто од БДП). Во споредба со минатата година, приватниот долг за 2021 година се зголемил за 478,4 милиони евра или за 11,3 отсто.

На крајот од анализата за долгот на македонската економија, а со цел да го произведеме конечниот ефект, а во стручната јавност познат како НЕТО надворешниот долг, кој, треба да се добие како разлика помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања на резидентите на економијата, потребно е да ги погледнеме состојбите во позицијата на побарувањата.

Имено, тоа значи дека во 2021 година бруто надворешните побарувања забележаа зголемувањеза повеќе од 1,3 милијарди евра во споредба со претходната година и истите изнесуваат 6,53 милијарди евра (55,3 отсто од БДП). Ваквата состојба во побарувањата ќе се одрази поволно во нето надворешниот долг. Ова, укажува на тоа дека НЕТО надворешниот долг на македонската економија ќе биде нешто над нивото на состојбите од минатата година, каде изнесуваше близу 3,3 милијарди евра или 28,2 отсто од БДП. Што значи, за 2021 година, иако БРУТО надворешниот долг на македонската економија се зголеми за 15,6 отсто или за повеќе од 1,3 милијарди евра во споредба со 2020 година, но сепак таквата разлика се компензира (читај: се топи) со зголемувањето на бруто надворешните побарувања за 24,7 отсто (или за нешто повеќе од 1,3 милијарди евра) во споредба со претходната година.

Според тоа, конечниот производ за македонската економија ќе биде НЕТО надворешен долг во 2021 година, поголемза 1,2 отсто како процент од БДП во споредба со 2020 година, а како резултат на зголемените јавни и приватни задолжувања. Тоа, во бројки изнесува нешто над 3,3 милијарди евра или 28,2 отсто од БДП. Ова, како што обележав погоре, ако се спореди со состојбата на крајот од 2020 година, се добива намалување на процентот од БДП за -2,8 отсто (каде, нето долгот за минатата година изнесувал близу 3,3 милијарди евра или 31 отсто од БДП).

На крајот, ќе го цитирам поранешниот американски претседател Роналд Реган, кој меѓу другото, ќе рече: „Историјата учи дека војната започнува кога владите веруваат дека цената на агресијата е евтина.“

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД