18 Април, 2024
0.0284

НАЈДОБРАТА ПОЛИТИКА ЗА НАС - паралела со германските покраини

Објавено во: Колумни 17 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Во функција на работни средби, неделата што измина имав прилика да посетам неколку градови во Германија, поточно делови од сојузните покраини: Баден-Виртемберг, Хесен и Рајнска област-Пфалц. Сите три покраини опфаќаат население од 21,3 милиони жители, а најголемата меѓу нив е Баден-Виртемберг со 11 милиони, потоа следува Хесен со 6,2 милиони жители. Во таа насока, сакам да се осврнам на неколку значајни аспекти поврзани со овие две германски покраини.

Имено, најкарактеристично за Баден-Виртемберг, покрај другото, е тоа што, покраината е првата во Германија, која го осмислува и имплементира дуалниот систем во средното и високото образование. Со тоа, можам да кажам дека таа е првата држава во глобални рамки, од каде, таквиот модел на дуално образование се зема како пример. Но, она што е уште позначајно од ваквите фантастични образовни реформи е податокот кој се појавува во економијата. Внимавајте, БДП (номинален) на Баден-Виртемберг изнесува близу 480 милијарди евра или во споредба со македонскиот БДП, тој е 44 пати поголем, што се должи на големиот број на производствени капацитети во фармација и здравство, како и дел во автомобилската индустрија. За ова, секако дека најзаслужни се оние кои се создавачи на човечки ресурси - квалификувани работници за соодветните работни места т.е. дуалните средни и високи образовни институции во Баден-Виртемберг. Да, токму тие се основата на развојот во Штудгард, Манхајм и Хајделберг.

Како помала од претходната, ајде, сега во анализата да ја земам покраината Хесен. Таму, се гледа дека БДП (номинален) изнесува близу 240 милијарди евра. Имено, тука, носечки град е Франкфурт - финансиски и транспортен центар во Германија и најголем финансиски центар во континентална Европа. Тој е седиште на Европската централна банка, Германската сојузна банка, Франкфуртската берза и на Франкфуртскиот саем, како и седиште на уште неколку големи комерцијални банки. Овде, основата на развојот повторно лежи во квалитетно и насочено образование. За таа цел, во Визбаден и Франкфурт германците формирале силни центри за стручно високо образование за банкари и финансисти. Во оваа насока, логично се поставува прашањето:

Зошто е важна паралелата со две од германските покраини?

На прв поглед, ако се чита воведот на писанието се добива впечаток дека текстот мотивира, македонските млади лица засилено да размислуваат во насока на интеграција во германската држава. Што, ако се имаат во предвид условите на домашниот систем, секако, може да се каже дека тоа е оправдано. Но, од друга страна, пак, ако се погледне подлабоко во анализата, може да се препознае дека целта на писанието е да упати еден поинаков правец на гледање во нашиот систем. Текстот сака да поттикне промена, да поттикне надеж.Како велат: „За да постигнеме големи нешта, не треба само да дејствуваме, туку и да сонуваме. Не треба само да планираме, туку и да веруваме.“  Имено, за тоа да се случи, најпрвин, сите ние треба да се свртиме кон себеси. Така, за милиметар ќе почнеме да го менуваме системот на подобро. Сега, се поставува уште едно важно прашање: Што со политиката како главен креатор на системот? За ова, сретнав една мудра мисла од Џорџ Нејтан, кој вели: „Лошите политичари се избрани од добрите граѓани кои не излегуваат на избори.“ На ова, Кин Хабарт би рекол: „Сите би сакале да гласаме за најдобриот човек, но тој никогаш не е кандидат.“

Оттука, сум на мисла дека најдобра политика за нас ќе биде онаа, која ќе се изгради врз принципите на германската филозофија. За почеток, мораме да се согласиме дека е потребно реформирање на образованието. Во тие напори, нема да кријам дека јас сум силен поддржувач и промотор на германскиот образовен систем. Не велам дека е најдобар, но е најприменлив и многу потребен кај нас. Имено, ако Германија е наш најголем трговски партнер, а така е, тогаш ајде да дозволиме една реформа во образованието согласно нивниот модел, а во насока на поддршка за нивните намери да направат нешто, тука, во Скопје. Како? Ајде, за почеток да внесеме германски продукти - образовни профили, тука, со наши и нивни експерти од германските компании од Баден-Виртемберг и Хесен, преку кои, потоа, ќе ги образоваме нашите деца уште од средно и додипломски студии, а во согласност со тамошните принципи на дуалното стручно образование. Имено, во напорите и постапките за привлекување на нови компании од Германија, освен државните агенции за таа намена кај нас, една од најважните улоги ќе ја играат и образовните институции. Па замислете, кога ќе се етаблира, а ќе се етаблира секако (тоа се новините кои на почетокот на новата година ќе станат јавни) една силна образовна институција во Скопје, со себе ќе понесе најмалку 100-тина влијателни професори и уште толку клиничари од праксата - истакнати директори на германски компании. Тука, се поставува прашањето: Кој добива? Сите. Прво, младите, потоа државата и економијата. Кој губи? Само лошите образовни институции.

Ми велат: „Со тоа, младите уште повеќе ќе ни заминат надвор.“ Добро, велам јас, но тие и без тоа, денес, ни заминуваат во земјите од ЕУ, при тоа, истите се помалку спремни со практични вештини (компетенции) и со помала почетна работна позиција, во споредба со колегите од таму. Во таа насока, ајде да ги прашаме владите на Хрватска и Бугарија.Како е состојбата со миграцијата на младите после зачленувањето на нивните држави во ЕУ? Одговорте ќе бидат во некаков, ваков облик: „После три години од зачленувањето, во Хрватка и Бугарија, се појавува фаза 1, во која, опстојува засилено и интензивно иселување на младите во развиените западно-европски земји, но потоа, кога ЕУ фондовите ќе почнат да пристигнуваат назад, после третата година од членството е фаза 2, во која, дел од младите се враќаат дома и состојбите почнуваат да се стабилизираат. Исто така, ако зборувате со пријателите од Бугарија, тие ќе ви кажат дека во нивната економија, по разни основиза развој, внесени се околу 20 милијарди евра, како поддршка од ЕУ и НАТО за целиот тек на времето од денот на зачленувањето. Ете, затоа, мора да се ослободиме од минатото и од стегите на минатата држава (мислам на таа од пред 90-тите) кои уште постојат. Носталгијата е добра работа за емоцијата на човекот. Но, долгорочната носталгија ни го троши времето, не прави тажни, а највеќе ни ги брка нашите деца надвор. Затоа, јас сакам да верувам и сонувам за Берлин, Брисел и Вашингтон. Тоа време од пред 90-тите, за жал, не се враќа. Младите, денес, па и јас, многу малку се сеќаваме на тој систем. Од тоа време, само познавам едни исти ликови, кои, во јавноста се континуирано во овие 30-тина години и зборуваат за економија, образование и иднина… и така, само зборуваат...Денес, за силна едукација и образование во земјите членки на ЕУ, потребно е многу поддршка од државата, стопанството, банките и коморите. Имено, мора да се направи еден модел на НОВИ образовни јавно-приватниустанови, со цел, да се привлечат германски професори и експерти-предавачи (директори на германски компании).

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ ИнститутвоСкопје


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок