02 Мај, 2024
0.0276

Најстариот ќе го предводи ли светот, кон подобро утре?!

Објавено во: Колумни 29 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Со појавата на вакцините за Ковид-19 вирусот, во надеж дека ќе се спречи понатамошното неверојатно ширење на светската пандемија, во новата 2021-ва, промената на политичката моќ во Белата куќа, и инаугурацијата на Џозеф Бајден, за 46-ти претседател на најмоќната држава во светот, донесе еден вид на нова надеж, но со претпазливост и измешани чувства. Апологетите на трампизмот, насекаде во светот, прво до крај веруваат дека изборите за претседател на САД, пред три месеци, беа целосно лажирани, и победникот однапред се знаеше, така што тие веруваат во тезата дека Д.Трамп бил поразен од „сеприсутната длабока држава“. Следствено на тоа, тие сметаат дека со официјализирањето на Џ.Бајден, светот ќе продолжи во предизвикување на воени кризи, и отворање на нови воени жаришта, како добропозната стара владејачка одлика на Демократите. Поддржувачите на Бајден, или уште повеќе најревносните антитрамписти пак, можат да здивнат, бидејќи конечно институционално беше поразен и тргнат „најголемиот лудак кој управувал со САД“, во изминатите 250 години.

Духовите на трампизмот уште ќе бродат низ Америка!

Оваа како со нож пресечена поларизација, помеѓу двете крајности на политичкиот спектар во Америка, и сите изведени нијанси на помалку или повеќе радикални поддржувачи на про и анти Трампизмот, ќе биде една од најтешките и клучните задачи на новоизбраниот американски претседател. Најстариот, впрочем, тоа и го докажа уште со чинот на инаугурацијата, кога официјалните лица се појавија облечени во виолетова боја, па политичките колор ПР експерти, одгатнаа дека тоа е бојата која симболизира единство, па оттука, Џ.Бајден, и порачува на нацијата дека со сите сили ќе се бори за единство. Единството ќе го покажува и преку номинација на разно раснобојни/ЛГТБ  високи функционери на различни политички функции, од која највисоката под него веќе автоматски ја зазеде првата жена, и првата афроамериканка-индијка Камала Харис, како избрана потпретседателка на САД . Тој калеидоскоп од шаренило ќе биде одлика на внатрешното помирување на поделената Америка. Но, дали е тоа можно, доколку Трамп остане и понатаму политички активен, најави своја кандидатура за изборите во 2024-та, или пак најави формирање на свој политички субјект? Многу тешко.

Во внатрешните односи, освен работењето на единство на распокинатата по сите шевови американска нација, Бајден ќе мора да се справи со последиците од Ковид-19 пандемијата на здравствен, но и на економски план, бидејќи САД, иако се една од најразвиените земји во светот, сепак се и меѓу најтешко погодените. На надворешен план, јастребите од администрацијата на Џ.Бајден, ќе имаат потешкотии во балансирањето на односите со Кина (кои беа исклучително лоши со Трамп), новата ера со Путин, иранската нуклеарна програма, односот кон улогата на автократите како Ердоган, Орбан, па дури и Качински, израелско-палестинскиот нерешен конфликт, етничко-гасоводните проблеми и  испреплетениот интерес  на Кавказот, односот со Северна Кореја, но и возобновувањето на односите со старите трансатлански партнери, отаде Пацификот, особено во година на промена на ерата на Ангела Меркел, како водач на најсилната европска држава. Што значи, дипломатијата на Џ.Бајден, распределена по сите светски меридијани, и тоа како ќе има полни раце работа.

Продолжување на политиката на Трамповата администрација на Балканот!

Што може да очекуваме ние тука на Балканот, од демократската администрација? Многумина, побрзаа да истакнат во своите „екпертски“ изјави, дека секогаш, кога Демократите се на власт во САД, Албанците најмногу печалат. Особено на фонот на несреќната изјава на Рамуш Харадинај, дека доколку не се најде решение ( читај: признавање на независноста на Косово од страна на Србија), Косово „природно преку референдум, ќе побара обединување со Албанија“. Ова веднаш ги разбранува, балканските националистички духови, а оваа изјава беше дадена во(н) контекст на претстојните парламентарни избори на Косово, каде што партијата на поранешниот косовски премиер и ветеран од ОВК, има исклучително низок рејтинг. Што би значело, несреќна изјава за спас од изумирање на својата партија, губење на политичката моќ и соочување со правдата во Хаг. Воопшто не верувам дека Демократите, кои се „благонаклонети“ кон албанското прашање на Балканот, ќе се впуштат во такви дипломатски  „екскурзии“  на Балканот, од поттикнување и аминување на создавање на „Голема Албанија“, бидејќи тој процес би довел до неминовен обид за создавање на „Голема Србија“, поттикната и дипломатски менаџирана од Руската Федерација, преку референдумско припојување на Република Српска кон матицата Република Србија, што значи ќе имаме неверојатно ново прекројување на балканските граници, кое тешко може да пројде без пролевање на нови литри крв. Во мандатот на Трамп, кој важеше за суверенист и човек кој се сврте навнатре кон американските проблеми (барем декларативно), се реши тридеценискиот македонско-грчки спор околу нашето уставно име, со конечен влез во НАТО, како највисок американски интерес (Трамп беше против НАТО како воено-политичка организација) , под тежок американски булдужерски притисок, и со американска заднинска логистика, и буткање на процесот кон конечно  решение, што укажува дека без разлика на тоа кој е на власт во Вашингтон, САД одат кон целосна пацификација на балканскиот регион ( тоа не е поддржување на создавање на некакви обединувања за создавање на големи држави, туку  напротив). Во оваа насока, може да очекуваме зголемен притисок за решавање на „новиот спор“, меѓу Македонија  и Бугарија, и откочување на европристапните перспективи за Македонија, притисок за нормализација на односите на Србија  и Косово ( до конечно решение), и притисок за нормализација на односите во Босна и Херцеговина ( создавање на пофункционална држава, и барем де факто напуштање на Дејтон, но не де јуре,  укинување на Република Српска). Во таа насока, кон таа дипломатска линија, и на тој фон, може да ги очекуваме потезите на Бајденовата администрација, во однос на поширокиот регион кај нас (Југоисточна Европа), но со задршка, дека во ерата на пандемијата и огромните внатрешни проблеми со кои ќе се соочува новиот американски претседател, заинтересираноста за решавање на децениските балкански замрсени клопчиња и проблеми, нема да биде на приоритетната листа на Стејт Департментот.

Благојче Атанасовски -  политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина