16 Април, 2024
0.0246

Нападот на Капитол не е американски подарок за Русија

Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Американскиот претседател, Доналд Трамп, по настаните во средата,  не го критикуваат само мрзливите. Речиси цела Европа, која има надеж во Америка е на страната на противниците на Трамп. Сите во име на демократијата која ја воспеваат, иако голем дел од нив не ја практикуваат. До вчера, изборите во ноември, му се плашеа од сенката, а денес не го ни споменуваат. Како попчиња, не од демократски побуди, ги прифаќаа  диктатите на Трамп и за НАТО и за кинеската Г-5 на Хуавеј, за гасоводите низ кои ќе треба да се транспортира американски течен гас. Барем да го остават на раат да се дави во фекалиите што ги направи. Нему дома над главата му е надвиснато отповикување, а можеби и судења.

Во таква атмосфера во САД и Европа, Русија засега спокојно ја чека разврската на ситуацијата со Трамп. Него го обвинуваа за човек на претседателот Владимир Путин, а тој кон Русија воведе најмногу санкции. Трамп не се откажа само од Парискиот договор за климата и од СЗО, туку разурна мостови со Русија, кои ја гарантираа безбедноста, разни договори за контрола на оружјето. Спокојството од официјална Москва се гледа и од коментарот на прес секретарот на руското МНР Марија Захарова за настаните во Вашингтон. „Тоа е внатрешна работа на САД. Одново обраќаме внимание на тоа дека изборниот систем во САД е архаичен, не одговара на современите демократски стандарди, создавајќи можности за многубројни нарушувања, а американските медиуми станаа инструмент за политичка борба. Тоа, многу, беше причина за раскол во општеството, кој сега се гледа во САД. На пријателскиот американски народ му посакуваме со достоинство да го преживее овој драматичен момент во сопствената историја“., изјави Захарова. А малку пред тоа, таа наместо коментар на својот ФБ го постираше постот на шефот на московското биро на CNN од деведесеттите години, Џил Догерти, сега професор, предавач на  Georgetown University и на Kennan Institute (Вашингтон), дека „Соединетите Американски држави никогаш повеќе не можат да му кажат на светот дека се пример за демократија“.

АНАРХИСТИЧКИ КРИМИНАЛНИ ТОЛПИ

И ако официјална Москва е молчалива експерти и сенатори дават свои погледи на работите. Новинарот и ТВ-водител, Владимир Познер, смета дека со нападот на Капитол од страна на приврзаниците на Трамп е нанесена штета на САД. Што е потврдено и со изјавите на највлијателни политичари во светот и тонот и погледите на светски медиуми. За него Америка сега е поделена и новоизбраниот претседател Џо Бајден нема да успее за четири години да ја обедини.

Околу поделеноста на Америка деновиве пишуваше и американскиот портал The National Interest. Авторот сегашната ситуација во САД ја споредува со триесеттите години во Германија. „Како што осетија на своја кожа германските социјалдемократи во Вајмарската република, кога на политичко насилство ќе одговориш со насилство, причините кои ја предизвикуваат првобитната жестокот не заминуваат никаде. Обратно, возвратеното насилство ја продлабочува првобитната навреда, а тоа раѓа се понова и понова жестокост“, пишува порталот.  Развојот на настаните во САД би бил како во времето на залезот на Римската република, кога Цицерон и Клаудиј имале свои бандитски групи кои се пресметувале буквално на улица. Во Вајмарската република истото тоа се повторило од почеток до крај. Разни партии, од нацисти, социјалдемократи до комунисти, имале свои военизирани одреди. Резултатот бил – делегитимирање на режимот на Вајмарската република. И доаѓање на Хитлер на власт.

Порталот пишува:„ Лидерите на обете партии во САД ги искористија анархистичките криминални толпи против своите противници. Демократите тивко ги поттикнуваа антитрамповските бунтови летото 2020 година. Притоа демократите дури спасуваа од казни некои вработени во НВО, финансирани од фондови, криејќи ги своите вистински имиња и облечени во униформа на активистите на движењето „Антифа“. А сега истата тактика на поттикнување на насилство ја применува губитникот и несреќен демагог Доналд Трамп. Тој ги нас'ска своите сопствени егозтично костумирани приврзаници на Капитол“. Неизвесно е во таква ситуација дали ќе успее Бајден, кој ветува „воспоставување на правила на добро однесување во Америка. „Време е да се собереме заедно како нација и да ги залечиме раните на раздорот“, го цитира порталот Бајден. Прашувајќи, дали нападот на Капитол е последна сцена во драмата на омраза која ја опфати целата земја или пак нападот е предвесник на нешто уште потемно?

ХЕЛЕНА И ПАВЛИК

До каде оди поделбата во американското општество зборува и настанот на едно семејство во САД. Како што пренесе руската НТВ младата американка Хелена Дјук напишала во Twitter дека во вестите ги видела својата мајка вујко и тетка, кои учествувале во немирите во Капитол. На тој начин девојчето се „осветила“ на семејството за тоа што тие и забранувале да оди на акциите на Black Lives Matter. 18 годишната Дјук публикувала видео како темнокожа жена-полицаец ја удира по лице нејзината мајка, Тереза Дјук. „Здраво мамо се сеќаваш кога ми забрани да одам на протести на BLM, затоа што можат да бидат жестоки?, напишала Дјук на Twitter. Сега мајка и' може да ја очекува и некоја казна.

Во СССР со децении учеа и се воспитуваа генерации деца на делото од пионерот Павлик(Павел) Морозов кој помогнал сопствениот татко, претседател на селскиот совет, да се најде пред суд  во 1932 година. Во СССР учеа дека Павлик е пример за добар пионер, кој сакал да учи, а таткото е донесен пред справедлив суд. Таткото и не бил цвеќе за мирисање. Во време на раскулачувањето  го присвојувал имотот на раскулачените, правел фалисификати... Го осудиле, лежел затвор...За неговиот криминал знале речиси сите. Павлик само ја потврдил истрагата. Но братучедот по една година го убива. И Павел  бил прогласен за млад херој на советската држава, кој не го жалел ни сопствениот татко за слава на колхозниот систем. А братучедот за непријател на советскиот систем.  Се разбира оваа приказна подоцна пред распадот на СССР е разгледана одново, па и до ден денес во Русија има спорови дали Павлик бил информатор или пак совесен граѓанин на своето време. Што е заедничко и за Хелена Дјук и Павел Морозов? Дали се херои или предавници? Некои би рекле дека не се херои ниту предавници  Тие се жртви на безумното време.

КРАЈ НА ГРАЃАНСКИОТ МИР

Ричард Хаас, прв човек на Советот за меѓународни односи во САД, Хаас вели дека не верувал дека САД ќе почнат да паѓаат на меѓународно ниво. „Гледаме кадри кои јас би ги гледал во други главни градови – да, но не овде, напишал Хаас во својот Twitter. За него сега почнува постамериканската ера. Рускиот сенатор Алексеј Пушков за изјавата на Хаас вели дека времето на безусловен глобален хегемон е поминато. Американскиот „еднополарен момент“ е зад нас и тој не може да се врати. Според Пушков, митингот кој заврши во влегување во Капитол не сведочи за почеток на граѓанска војна, но секако е крај на граѓанскиот мир во земјата. Процесот на разурнување беше започнат уште летово, кога ширум Америка се јавија немири и митинзи, а сега сето тоа добива закономерно продолжение, вели Пушков.

За „Њујорк тајмс“ начинот на кој во Русија ги следеа настаните од Вашингтон е дел од пропагандниот наратив на Кремљ, според кој САД се распукуваат по рабовите. Телевизиите под државна контрола даваат слики од окрвавени Американци, паралелно со преносот од Божикните прослави. Тоа за руската телевизија значи враќање на сеќавањата за поддршката на немирите во Украина во 2013  и 2014 година.  И дека „Сега  САД кај себе дома ги жнеат плодовите на насилството за тоа што се мешаа во работите на странски држави“, пишува весникот.

Други медиуми го истакнуваа цинизмот на Русите, кои ја споменуваат Викторија Њуланд од времето кога во Киев имаше немири, а таа беше главен актер меѓу демонстрантите, па дури и против мешањето на ЕУ во смирувањето на ситуацијата. Тогаш беше снимен и нејзиниот разговор со американскиот дипломат во Украина околу намерите на ЕУ со зборовите „Fuck the EU“, што предизвика незадоволство во ЕУ, а последиците од вмешувањето на САД се чувствуваат до ден денес. Крим замина во Русија, Донбас е под контрола на сили спротивставени на украинската власт, а украинскиот претседател избега во Русија. Њуланд велат дека сега ќе биде дел од администрацијата на Бајден. Ќе биде интересно како ќе соработува со Русите. Трет медиум пак го цитира твитот на рускиот земеник на постојаниот претставник во ОН, Димитриј Пољански. Тој твитнал до еден американски правник: „ Ги делам вашите емоции и го осудувам насилството од кој било вид. Но имам само едно прашање : „Зошто вие го нарекувате нападот на американскиот Капитол „внатрешен тероризам“, а сличните и покрвави настани во Киев во 2014 година „револуција на достоинство“? Со хаштагот #WashingtonDC # Double Standards.

ТВИТЕР –ПОЛИТИЧКО ОРУЖЈЕ

Некои руски циници велат дека демонстрантите во САД биле вдахновени од бројните случаи на поддршка од страна на САД и ЕУ со барањата за преразгледување на официјалните резултати од изборите. Под лозунгот “сопрете ја кражбата на гласови“  САД го поддржаа барањето за пребројување на гласовите после изборите во Украина во 2004, во Грузија 2003 и Белорусија лани. Но сега поддршката изостанала, а лидерите од ЕУ и од НАТО, па и Украина ги осудиле демонстрантите.

Немирите во Вашингтон, во Русија како да паднаа во сенка на блокирањето на Твитер-от на Трамп со 88 милиони потписници. Има и поделба во општеството. Едни поддржуваат, други критикуваат. До поделба дојде и во либералниот-опозициониот лагер. Русите не можат да сфатат дека во САД уставот ја ограничува цензурата од страна на државата, но не и од приватните компании. Па така и Твитер и Гугл и Ејпл и други , како приватни компании можат да кажуваат кој ќе има достап до мрежата, а кој не.  Значи власта не може да ја ограничи слободата на говор на приватно лице, не може ни да го натера приватното лице, поединец или компанија, било што да публикува. За разлика од Русија каде што власта и покрај уставот може да забрани било која публикација, се’ до забрана на медиумот. Тоа е направено последниве години со носење на редица рестриктивни закони.

За едно чудо мерката на Твитер за блокада на Трамп наиде на осуда од главниот руски опозицинер кој се наоѓа во странство, Алексеј Наваљни. „Решението за банирање на Трамп, ми се чини, е емоционално и засновано на лични и политички претпочитувања“, напиша Наваљни во Твитер. Тој забележа дека американскиот претседател навистина си дозволувал да пишува „неодговорни работи“, но тој веќе платил за тоа со губењето на изборите. Наваљни нагласува дека постојат множество примери, како приватни компании, такви како Твитер, кои стануваат „најдобри ругари“ на рускиот и кинескиот режим, а исто така и на помошниците што работат на цензура. „Со овој преседан активно ќе се користат непријателите на слободата низ целиот свет. И во Русија исто така. Секој пат, кога ќе треба нешто да се блокира, тие ќе велат дека тоа е светска практика, блокиран бил и Трамп во Твитер“, вели Наваљни. Тој побара од Твитер да формира комисија, која ќе носи одлуки во поглед на тоа кој може да пишува во таа мрежа, а кој не. „Треба да ги знаеме имињата на членовите на таа комисија, да разбираме, како работи, како гласаат нејзините членови и како може да се обжали нивното решение“, вели Наваљни.

МАНИФЕСТИРАЊЕ ЦЕНЗУРА

Но неговиот став е туѓ на други либерали во Русија. Па така се тврди дека блокирањето во социјалните мрежи не пречи на политичката активност. „Нека отвори Трамп телевизиски канал, дваесет весници, педесет радија, три национални мрежи. Слободата на говор никој не му ја ограничил и тој е сосема слободен да носи такви решенија и планови“, вели новинарот Сергеј Пархоменко. Но веднаш следии контра прашање од другата страна. А што му пречи на Наваљни да отвори свои весници и телеканали, зошто сака да влези во државните медиуми и се жали на информациона блокада? Политиколозите и менаџерите се повнимателни околу ова прашање и разбираат дека создадениот преседан може да се примени и против руската опозиција. Па така поранешниот прв човек на ЈУКОС, Михаил Ходорковски и главниот уредник на „московско ехо“, Алексеј Венедиктов веќе изјавија дека она што се случи со Твитер акаунтот на Трамп е јавно манифестирање на цензура. Односот на социјалните мрежи, врз примерот на Трамп, за некои руски политичари е повод да се извлечат соодветни заклучоци во поглед на социјалните мрежни-гиганти. „Веќе се гледа како тие дејствуваат и ќе дејствуваат во услови на политичка криза, во тие рамки и надвор од САД. Квазитоталната зависност од странски интернет-платформи е неспоива со суверенитетот на земјата“, велат политичарите.

 Што по сето ова? Јасно е дека Трамп останува без шанси за политичко враќање. Иако некои навестуваат дека Вашингтон и на денот на инаугурацијата на Бајден може да биде опседнат од приврзаници на Трамп. Тој да биде среќен, ако не оди во затвор или ако не биде ликвидиран. Многу знае. Некои велат дека динстијата Трамп ќе продолжи во политиката со неговата ќерка. САД веќе не се демократски лидери. Можеби ќе умеат со некои помали држави-протекторати или држави кои се плашат од Русија. Дали е дојден крај на демократијата? Растот на Кина, а и промените во САД после Трамп можат да водат кон доминирање на авторитарни режими.

ПОГЛЕД ВО ОГЛЕДАЛО

Како ќе владее Бајден? Тој наследува поделено општество. И не случајно велат дека цел мандат нема да му е доволен да го обедини. Ќе има проблеми во внатрешната политика. Но можеби тука е и шансата да направи нешто.  Правилото кога ти е лошо дома, барај непријатели надвор му е добро познато на Бајден.  Колку да ги мотивира сопствените граѓани и јавност да не мислат многу на домашните проблеми. Тоа што ова правило се користи од авторитарни политичари не значи дека и Бајден во одредена смисла може на биде склон кон таква авантура. САД не можат да егзистираат без непријатели. Во случајов тука се Русија и Кина. Бајден веќе најави формирање на „глобална коалиција на демократии“. Кои ќе бидат противници? Се знае тие што не се демократии. Во случајов Американците ги споменуваат Кина, Русија, Иран...Во битката со нив може да се вклучат и социјалните мрежи како политички оружја.

Конечно, спикерот на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси  настаните во Вашингтон, односно однесувањето на Трамп,  го нарече „подарок“ за Владимир Путин. „Овој претседател беше инструмент на Путин. Цел на Путин беше да ја намали улогата, репутацијата на демократијата во светот. Тој со тоа се занимава. А негов помошник, долго време беше Доналд Трамп“. Алал да му е на Путин, ако успеа да ја урне демократијата во САД. Држава која се гордееше со неа. Се разбира не мислам дека и САД ќе се распаднат скоро. САД не може да станат земја со криза на демократијата за четири години. Па затоа не може да стане збор за никаков подарок за Путин. Ако е точно тоа што го тврди Пелоси, тогаш можеме да очекуваме за Путин , односно Русија да биде обвинета за немирите во Вашингтон. Што е многу, многу е. Тогаш Русија е светски лидер број 1, а не САД. Американциве нека си се погледнат во огледало и да прашаат „кој навистина ни ја урна демократијата“? А, ако на Пелоси нешто не и е јасно нека го праша поранешниот државен секретар Колин Пауел, човекот кој ја разврза војната во Ирак. Пауел вчера за CNN изјави дека сега Вашингтон има помалку право да ги учи демократија другите земји, но тие права може да се вратат. Тој додаде дека Вашингтон сега во поглед на демократијата е ослабен. Со оглед на тоа дека беше дипломат, па и неговава изјава е дипломатска. Преведено на обичен јазик демократијата во Вашингтон во моментов е за жалење.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?