30 Април, 2024
0.0361

Насилството раѓа насилство

Објавено во: Колумни 11 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

“Целта ги оправдува сретствата” е синоним за  Макијавели, но и максима која често се користи сакајќи да се појасни ситуација или крајна солуција до која е дојдено на не толку чесен и транспарентен начин, односно, за да се достигне истата, моралните скрупули и етичките норми се потполно запоставени. Оваа сентенца можеби најсоодветно се вклопува во политичкиот дискурс, бидејќи и во рамките на научната елита, но и секој познавач и толкувач на политичките реални и секојдневни збиднувања умее да каже дека кога се отвора вратата на политиката во тој миг се затвора вратата на моралот. Токму затоа и се нагласува политичкиот момент на споменатата максима поаѓајќи токму од фактот што за политиката и моралот важи и правилото морал и политика-помалку реалност повеќе контрадикторност. Во тој контекст се изнедрува и поимањето на политиката како арена во која посакуваната цел е високо етаблирана и во мигови на неможност за да реално се достигне се посегнува и по сретства кои не се општествено посакувани и правилни. На целата и така тензична и непријатна ситуација се долева масло на огнот Деновиве оваа максима ми доаѓа на ум, а асоцијацијата ми се протестите по повод пресудата за случајот кај Смилковското езеро во кој згаснаа млади животи. Можеби премногу анализирам, но сепак развивајќи ја мојата социолошка имагинација не случајно правам компилација на посакувана и недостижна цел и сретства кои не се посакувани. Малку е збунувачки и зачудувачки фактот што се испреплетува судска одлука на која и се дава политичка конотација и сето тоа залеано со етнички предзнак. Апсолутно на целата и така тензична и непријатна ситуација се долева масло на огнот. Уште повеќе збунува фактот што се почнува и да се игра со чувства на верниците, кое само по себе е недвојбено опасно, бидејќи разгорувањето на верските чувства и играњето со чувствата на верниците е газење по тенок лед. Имено и во така кревката, етнички и религиски, состојба, да се инфилтрира религиска и етничка конотација на севкупното случување е навистина едно непосакувано и не би сакала да звучи премногу силно, но дефинитивно лошо сценарио. Она што навистина ме мачи е оправдувањето од страна на еминентни, признати и познати луѓе од јавниот живот, кои не само што индивидуално ги поддржуваат тие протести, туку и долеваат масло на огинот и јавно повикуваат на поддршка. Тоа навистина, барем за мене, е непосакувано и може да има далекусежни последици. Секој искрен родољуб не може да најде логика во повици за конфликт и насилство Насилството раѓа насилство, и тоа не е само теоретска парадигма, напротив, сите искуствени податоци токму ја потврдуваат тезата дека ако прокламираш насилство во континуитет, без оглед дали станува збор за вербално или физичко насилство, тоа само по себе зема замав и повторно ескалира на моменти и доведува до ситуација на вриење. Она што секој разумен и реален човек деновиве си го поставува како прашање е мотивот на таквиот начин на реагирање, односно посакуваната цел, а сретствата ни се во нашиот видокруг и токму соодветствуваат со гореспоменатата максима. Она што навистина го збунува секој добронамерник и човек кој по убедување е пацифист е потребата од насилно дивеење, потребата од агресија, потребата од радикализам и ескалирање на конфликти, посебно кај нас и денес, бидејќи се уште се свежи и недолечени раните од 2001 година. Секој искрен родољуб не може да најде логика во повици за конфликт и насилство, и сето тоа ставено во контекст на судска одлука која апсолутно нема и со право може да кажеме дека ниту е иницирана ниту може да и се стави етнички или верски предзнак. Не сакам да се омразувам со никој што е поинаков од мене по вера, култура и етничка припадност Ме тишти и ми ја гори душата континуитетот на насилието кое се случува кај нас и не само како научник, туку пред се како обичен човек и граѓанин кој искрено си ја љуби својата татковина најмалку што сакам е нестабилност и омраза. Па побогу не ни беше ли доволна лекција минатото, ниту една цел не смее да биде поважна од мирна и просперитетна иднина, ниту една цел не смее да биде посакувана а да е поврзана со насилство и тензии, ниту една цел не е вредна ако го наруши мирот и соживотот. Моќта на човекот е во неговиот ум и разум и рациото треба да надвладее во овие мигови, бидејќи ако емоциите преовладуваат тогаш немаме многу светла блиска иднина. Јас не сакам да се омразувам со никој што е поинаков од мене по вера, култура и етничка припадност, јас не сакам да гледам попреку мој сосед кој се разликува од мене по својата религија, јас не сакам да живеам во етнички чиста енклава, напротив, сакам да живеам во мултикултурна Македонија, во држава во која ќе царува мирот, дијалогот, интеркултурализмот, држава во која ќе се говори за просперитет и економски развој, а не за насилство и конфликт. Верувам дека  секој добронамерник  размислува слично на мене и затоа треба гласно и јасно да застанеме на патот на насилството, бидејќи ако тоа се одобрува и не се санкционира и превенира, не само што нема да донесе никаква добробит, напротив, ќе влеземе во еден маѓепсан круг од кој излезот е многу тежок. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД