19 Мај, 2024
0.0268

НБРМ: Економијата закрепнува солидно, без ценовни притисоци

Објавено во: Економија 13 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани најновите макроекономски показатели и проекции во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика.

Притоа беше констатирано дека последните проекции не упатуваат на поголеми промени во однос на амбиентот за водење на монетарната политика, при што беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.

Последните движења и прогнози потврдија дека економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Во вакви услови постои соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку досегашните преземени мерки на монетарната политика. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период главно ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Податоците за економската активност за 2014 година покажаа дека закрепнувањето на економијата е солидно и се одвива со очекуваното темпо. Во услови на задржување на претпоставките за понатамошно подобрување на глобалното окружување, зголемено искористување на потенцијалот на странските извозни капацитети, фискален стимул врз инвестициите и постепено закрепнување на потрошувачката, се задржуваат октомвриските оцени за дополнително забрзување на растот на домашната економија во 2015 година и во 2016 година. И покрај закрепнувањето на економијата и понатаму не се очекуваат поголеми притисоци од побарувачката преку забрзување на инфлацијата и влошување на надворешната позиција. Инфлациските изгледи за 2015 година се коригирани во надолна насока, како одраз на значително пониските увозни цени. За 2016 година и понатаму се очекува нормализирање на инфлацијата, како комбинација од растечката побарувачка и растот на увозните цени. Проекциите упатуваат на задржување на инфлацијата во следниот период во прифатливи рамки.

Во надворешниот сектор, и остварувањата и најновите проекции покажуваат помал дефицит во тековната сметка споредено со очекуваниот. Ваквите отстапувања главно се последица на помалите притисоци врз надворешниот сектор заради многу пониските цени на нафтата од очекуваните, но и на фундаментални подобрувања заради структурните промени во извозниот сектор. Гледано според динамиката во следните две години, и понатаму се очекува зголемување на дефицитот во тековната сметка, при оцени за стабилизирање на нивото на приватните трансфери, а делумно и заради увозните притисоци од инвестициите. Проекциите и понатаму покажуваат доволно капитални приливи за финансирање на дефицитот во следниот двегодишен период.

Проценетите показатели за адекватноста на резервите укажуваат на ниво на девизни резерви во наредниот период што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Поддршката на економијата преку домашниот банкарски сектор, којашто значително се зголеми во 2014 година, се очекува да продолжи и во следните две години, со идентично темпо, како и во октомвриските проекции. Овие очекувања се темелат врз претпоставките за  понатамошни позитивни движења кај приватниот сектор како главен фактор на страната на побарувачката на кредитите, како и на растот на депозитната база и задржувањето на стабилните перцепции на банките за ризикот како главен фактор на страната на понудата.

Ликвидноста на банките се задржа на релативно стабилно ниво. Во април, автономните фактори, втор месец по ред, делуваа во насока на пад на ликвидноста, што придонесе за понизок износ на пласирани вишоци на ликвидни средства од страна на банките во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарот на пари, поголем дел од прометот се реализираше на сегментот со меѓубанкарски необезбедени депозити, а тргување имаше и на секундарниот пазар со хартии од вредност. Во услови на висока ликвидност, во април продолжи трендот на намалување на меѓубанкарската каматна стапка, така што таа се сведе на ниво под 1%. На девизниот пазар, во услови на интензивна извозна активност на капацитетите од слободните економски зони, позитивни остварувања на традиционалните извозни сегменти, а воедно и забрзана градежна активност, поврзано со инфраструктурни проекти, продолжија позитивните движења. Така, од почетокот на годината понудата на девизи е повисока на годишна основа, а побарувачката е умерено пониска споредено со истиот период од лани, заради понискиот увоз на нафта и електрична енергија. Во такви услови, при истовремено подобрена девизна ликвидност на банкарскиот систем, привремените вишоци и кусоци на девизи се надоместуваат на меѓубанкарскиот девизен пазар, а девизниот курс се одржува на стабилно ниво.

На меѓународен план, Европската централна банка продолжи да креира ликвидност во банкарскиот систем преку спроведување на Програмата за квантитативно олеснување, при што се регистрираат одредени позитивни придвижувања. Годишната стапка на инфлација во евро-зоната забележа нагорна корекција, со што беше прекинат четиримесечниот период на негативни стапки, растот на паричната маса забрза, а кредитирањето на приватниот сектор продолжи да се зголемува на годишна основа. Сепак, неизвесноста од исходот на преговорите на Грција и меѓународните кредитори, кои влегоа во нова фаза по промената на преговарачкиот тим од страна на Грција, и натаму претставува фактор ризик за европската економија. Што се однесува на Соединетите Американски Држави, почетокот на нормализирање на монетарната политика од страна на ФЕД, и натаму е условен од индикаторите за американската економија.

Општо земено, последните макроекономски прогнози укажуваат на задржување слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции, со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и надворешна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму клучно се од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Надворешните ризици се сепак урамнотежени во однос на октомвриската проекција, пред сè заради подобрите очекувања за економиите од евро-зоната. Од друга страна, основната априлска макроекономска проекција е проследена со нови ризици, поврзани со домашни неекономски фактори - неизвесност околу политичките случувања - коишто може неповолно да се одразат врз домашната економија, стои во соопштението на Народната банка на Македонија.

Можеби ќе ве интересира

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Георгиева-Јовевска избрана за една од најуспешните жени менаџерки во земјата

Георгиева-Јовевска избрана за една од најуспешните жени менаџерки во земјата

Советничката Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

Советничката Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

ВАЛУТИ: Вредноста на доларот ослабе, а еврото зајакна

ВАЛУТИ: Вредноста на доларот ослабе, а еврото зајакна

СРЕБРОТО ПОЕВТИНИ: Златото и натаму поскапува

СРЕБРОТО ПОЕВТИНИ: Златото и натаму поскапува

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?