17 Мај, 2024
0.0313

НБРМ: Монетарна поставеност е соодветна, благајничките записи непроменети

Објавено во: Економија 11 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на вчерашната редовна седница ги разгледуваше состојбите во домашната економија и земјите во регионот, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Oцената на економските и финансиските услови покажала дека постојната монетарна поставеност е соодветна, и било одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.

„Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви“, велат во соопштение за Фактор од НБРМ.

Од НБРМ известуваат дека најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, високофреквентните податоци за последниот квартал и понатаму упатуваат на раст на домашната економија, со веројатно, слично темпо како и во претходниот квартал.

Континуитетот на растот на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, коишто при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад. Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за нешто поголем раст во 2014 година од очекуваниот.

Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на 2015 година, промените во надворешните претпоставки продолжуваат да упатуваат на надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2015 година. Овие оцени ги одразуваат февруарските ревизии на светската цена на нафтата коишто предвидуваат значително подлабок пад на цената на нафтата во 2015 година споредено со октомвриската проекција. Сепак, треба да се има предвид големата неизвесност околу идното движења на светските цени на нафтата и можноста за нагли промени кај оваа категорија. Воедно, во меѓувреме се појавија фактори на ризик коишто делуваат во нагорна насока, односно неповолните временски прилики во домашната економија, но засега е тешко попрецизно да се оцени нивниот ефект.

„Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст од почетокот на годината, при поволни движења на девизниот пазар, каде што во континуитет на декемвриските остварувања и во јануари НБРМ реализира нето-откуп на девизни средства. Промените кај девизните резерви од почетокот на годината се во рамки на октомвриската проекција, а показателите за адекватноста на резервите и натаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови. Сепак, ризиците околу идното движење на девизните резерви и натаму остануваат и тие главно се поврзани со неповолното надворешно окружување.

Во однос на кредитниот пазар, првичните декадни податоци за кредитниот пазар во јануари покажуваат мало намалување на кредитите на месечна основа, што доаѓа по силниот кредитен раст остварен во последниот квартал на 2014 година, особено во декември. Месечното намалување на кредитите резултира од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, што не е невообичаено за првиот месец од годината, и навестува можна привременост на ваквите поместувања. Кредитите на домаќинствата продолжија да растат на месечна основа со слична динамика како во претходниот месец. Со оглед на силниот кредитен раст во последното тримесечје на 2014  година, годишната стапка на раст на вкупните кредити во јануари е околу 9% и е над проекцијата за првиот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, вкупните депозити продолжија да растат со солидно темпо и во текот на јануари, при што и нивната годинашна динамика на раст во јануари е над очекуваната за првото тримесечје во рамки на октомвриската проекција.

Во јануари, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголеми, така што банките имаа зголемен интерес за пласирање на вишокот ликвидни средства во депозити кај НБРМ. Во такви услови, тргувањето на пазарите на пари беше релативно ниско. На девизниот пазар, беа регистрирани стабилни движења, а НБРМ интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи.

Почетокот на 2015 година на меѓународен план беше одбележан со зголемување на пазарната неизвесност како резултат на заострување на односите помеѓу Грција и евро-зоната во пресрет на вонредните парламентарни избори. Во втората половина од месецот главни двигатели на пазарните движења беа мерките на централните банки, при што силно влијание врз пазарите имаше одлуката на централната банка на Швајцарија да отстапи од таргетот на швајцарскиот франк во однос на еврото. Исто така, во функција на заживување на економијата на евро-зоната, ЕЦБ најави дека ќе отпочне со дополнителен откуп на хартии од вредност во март.

Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар, и покрај променливоста во одделни месеци, веќе подолг период главно се поволни, навестувајќи релативно ефикасна трансмисија на досегашните монетарни мерки врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки.

При вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на движење на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и променливоста и неизвесноста околу динамиката на светските цени на енергијата и храната, којашто во последниот период е особено изразена. Дополнителен ризик се и лошите временски услови во земјата, што може неповолно да се одразат врз дел од домашното производство и цените“, стои во соопштението на НБРМ.

Од НБРМ велат дека ќе продолжат внимателно да ги следат идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособуваат монетарната политика.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

Меѓународните туристи добиваат подобро искуство за патување со преференцијалните мерки на Кина

Меѓународните туристи добиваат подобро искуство за патување со преференцијалните мерки на Кина

ЗА ДОБРА ГОЛТКА ВИНО СТРАНЦИТЕ НЕ ЖАЛАТ ПАРИ, „ТИКВЕШ“ СО ПРИХОД ОД НАД СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА - еве колку е чистиот профит за три месеци

ЗА ДОБРА ГОЛТКА ВИНО СТРАНЦИТЕ НЕ ЖАЛАТ ПАРИ, „ТИКВЕШ“ СО ПРИХОД ОД НАД СЕДУМ МИЛИОНИ ЕВРА - еве колку е чистиот профит за три месеци

СЕ БЛИЖАТ ОДМОРИТЕ: Уживањето на плажа се плаќа на рати

СЕ БЛИЖАТ ОДМОРИТЕ: Уживањето на плажа се плаќа на рати

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА

АЗЕСКИ НА СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО НА „КОСТАЛ ГРУПАЦИЈАТА“ ОД ГЕРМАНИЈА