28 Април, 2024
0.0329

Не ги потценувајте граѓаните!

Објавено во: Колумни 29 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Враќањето на земјата на демократскиот колосек се повеќе се доведува во прашање. Ако се суди според крајот на годинава и развојот на настаните, оптимизмот спласнува  со „тврдиот став“ изграден на јавната седница на владата дека државен испит ќе има, а хонорарците ќе плаќаат и придонеси, без, притоа, да се образложат предлозите со валидни  анализи и проценки. Ваквите потези се влечат во услови кога граѓаните протестираат со цел да се преиспитаат предложените решенија. Власта не почувствува потреба да разговара со заинтересираните, во најмала рака барем за да ја надмине конфузноста во јавните настапи на надлежните во одбраната на предлозите. Ни се случи школски пример на демонстрација на сила спрема граѓаните за да се покаже кому каде му е местото. Јасно е ставено до знаење дека нема што граѓанинот да мисли за општествениот развој. Владата е избрана за тоа и  нема потреба било кого да консултира во извршувањето на своите функции. Барањата за почитување на демократските процедури во донесување на законите, за владата  е само пречка за остварување на нејзино поефикасно работење, независно што во процедурите е демократијата. Граѓаните треба само да продолжат да бидат посматрачи на 24/7 напорите на владата. Немаат и не треба да имаат шанса да ги изразат спротивните мислења и ставови, дури и кога е очигледно дека се работи за нестручно, несовесно, па дури и незаконско однесување. Ваквото небулозно практикувања на демократијата  власта  ја оправдува со спроведување на благородни идеи како што се  ефикасноста,  автономијата на универзитетите, грижа за граѓаните и тн. дури и кога е очигледно дека се работи за манипулации, за противзаконито работење, притисоци од позиција на власт, па и насилство. Со ваква завршница на годинава, со која се подгрева стравот дека во развојот на демократските процеси нема да има ништо добро, нереално е да се очекува подобрување на состојбите во наредната година. Ќе бидиме сведоци на реприза на 2014 година, се разбира, доколку внатрешните противречности не се заострат, а меѓународното окружување не се влоши. А шансите за тоа не се исклучени. Меѓутоа, и без тоа, како е планирано, и покрај силните странски инвестиции кои се најавени или се очекуваат за наредната година, заедно со зголемената градежна активност на неколкуте инфраструктурни објекти, нема да донесат пресврт во развојот. И покрај очекуваниот пораст на стапката на растот (4,1% во однос на годинешната 3,7%)  таа е се’уште   далеку од потребните 6% за да отпочне да се  намалува јазот во развиеноста со развиените економии, а притоа се ангажирани средства како никојпат досега. Без враќање на демократски колосек тешко е да се очекува  пресврт во економскиот развој. Факт е дека растот се очекува да се оствари  врз основа на работата на странските инвеститори и врз основа на ангажираноста на градежништвото во изградбата на патната и железничката инфраструктура во земјата. Веројатно, можно е тоа и да се случи. Но, тоа не се трајни основи за одржлив развој. Не може да се очекува толкава градежна активност и во наредните години. Нема патни правци кои би ангажирале огромни инвестиции и работа за градежништвото, се разбира, ако не градиме заради градежништвото, што би било бессмислено. И најпосле, што ќе се превезува по автопатишта и со брзи железници, ако производството расте со сегашните стапки. Впрочем, не сум слушнал дека некој имал проблеми со пласманот заради лоши патишта. Проблем е што нема што да пласираме. Место да се динамизира сопствениот развој во производството, земјата со големи кредити гради автопатишта и брзи пруги, кои ќе го поттикнат растот во некои од соседните земји (туризмот во Грција). Инфраструктурата  не им е пречка ниту на странските инвеститори. Нив пред се ги привлекуваат можностите за остварување на високи екстра профити, поради ниските плати на вработените и ниските даноци дополнети со бројни олеснувања. Во овој контекст, загрижувачки е што во проекциите, како и во изминатите години, никаде го нема домашното стопанство. Тоа и натаму е само предмет на исцицување на „животниот сок“ за остварување на „повисоки цели“.  Во оваа смисла тоа ја доби и „новогодишната честитка“ со стапувањето во сила на законските одредби за плаќање на придонеси од страна на сите „хонорарџии“. Тоа значи дека она што се очекува како прилив во буџетот (60-70 милиони евра) ќе треба да го платат бизнисмените (за да не се намалат хонорарите) или хонорарџиите (ако сакаат да работаат за пониски хонорари). Во првиот случај страда и онака ниската акумулативна способност на домашните стопанственици, а во вториот случај, им се задира во полупразните џебови на поголемиот број вработени или невработени работници, кои преку дополнителната заработка обезбедуваат врзување на почетокот и крајот на месецот. Ваквата неизвесност, а уште повеќе и евентуална потреба за пораст на некој од ниските даноци не може, а да не се одрази врз економските текови и врз расположението на населението во земјата. Особено што се знае дека  владата на странските инвеститори им нуди бројни олеснувања и ослободувања од даноци и придонеси, а тие не придонесоа   да се зголеми просекот на палтите. Од стопанството, на кое не му се верува и не му се создадаваат услови за подинамичен развој, дополнително се земаат средства за да се стимулираат странците да инвестираат во земјата. Владата има право кога тврди дека дел од хонорарците би обезбедиле поголеми пензии доколку законите би се спроведувале како што е замислено. Меѓутоа, сигурно мора да биде свесна, со оглед на состојбите во стопанството, дека добар дел од активно вработените, работодавачите ќе ги трансфромираат во хонорарци со цел избегнување на правата од работен однос, а добар дел од хонорарните работници ќе се откажат да работаат за пониски хонорари. Оттука, голема е веројатноста владиниот есап во 2015 година да се покаже како не точен. А, се  ми се чини дека грешка во есапот ќе  се направи и со студентите. Не знам зошто ги потценуваат, со оглед на фактот што и самите се свесни дека се  работи за најпрогресивната сила во еден општествен систем, без разлика дали тој бил повеќе или помалку демократски. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД