03 Мај, 2024
0.0249

Не сме патриоти

Објавено во: Колумни 27 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Веројатно не постои термин кој доби толку многу јавност во изминатите 9 години, колку терминот „патриотизам“. Од толку фреквентната употреба, имам чувство дека го лишивме од неговата содржина. А тој прилично едноставно се дефинира; во скоро сите речници ќе најдете ваква или слична дефиниција: „љубов и посветеност кон својата татковина.“ Прилично едноставно, зарем не!?. Сепак, она околу што се раѓаат проблемите, се обидите да се прецизира, да се „измери“ таа љубов и посветеност. И воопшто - што значи во конкретна смисла таа љубов и посветеност? Но, не само што е тешко поблиску да се одредат овие „чувства“ на љубов и посветеност, туку и кон самиот концепт, самата идеја на патриотизам, може да се има различен однос. Еве на пример два екстрема во разбирањето на концептот патриотизам, на кои можам да се сетам:
  1. Првиот е на Семјуел Џонсон, англиски писател, но и провокативен политички ум кој во добата во кое живеел (1709-1784), бил прилично прогресивен лик и кој меѓу другите умни работи го рекол и следново за патриотизмот: „Патриотизмот е последното прибежиште на битангите“.
  2. Вториот екстрем е на „херојот од Конектикат“, војникот од ерата на американската Војна за независност, Нејтан Хејл (1755-1776), кој во мигот на погубување извикал: „Единствено што жалам е што имам само еден живот да го дадам за татковината“.
За првиот, патриотизмот е само изговор со кој си ги покриваме нашите гнасотилоци и го повикуваме само за да имаме „голема идеја“ зад нашите мали криминали. За вториот, патриотизмот е автентично чувство за кое вреди да се положи животот, впрочем, вреди да се положат два. Првиот го отфрла патриотизмот како илузија, вториот го прифаќа како апсолутна вредност. Првиот го смета за недостоен, вториот за единствено достоен за човечкото суштество. Првиот го изрекол својот став со ладна глава, вториот и со премногу жешка. Каде е вистината? Веројатно на средината помеѓу овие два екстреми. Од една страна, не е можно суштество што живее во заедница (zoon politikon), да нема никаков однос и чувства кон таа заедница. Така што, не ќе да е прав првиот - Семјуел Џонсон - дека патриотизмот е само лажно покритие за злоделата на криминалците, дека е илузија со која нè замајуваат битангите. Но, од друга страна, не ќе да е прав ниту вториот - Нејтан Хејл - затоа што поединецот во прв ред и ја формирал заедницата за да си помогне себе си, што значи заедницата е тука за мене, не јас за заедницата, така што да се даде не еден, ами „два“ живота за заедницата го обесмислува самото постоење на заедницата. Вистината, од една страна би била дека чувството на припадност кон заедницата не е илузија, туку дека е вистинско и дека е вткаено во човечката природа, но од друга страна дека ниту една заедница не е вредна да се положи ниту половина живот, а камо ли два. И во таа потрага по вистината за патриотизмот, драги мои, јас сум прилично едноставен. Тој е на средина помеѓу овие два екстрема. Впрочем, патриотизмот го разбирам како едноставен акт на почит кон себе си и другите. Овој став не бара жртва ниту од поединецот, ниту од заедницата. Впрочем, Платон во обидот да ја дефинира идеалната држава, дојде до следниот заклучок: секој да си ја врши својата работа. Ете, толку е едноставно, би рекол Платон: работниците да работат, војниците да чуваат, владетелите да владеат – тоа според него е доволно за да се реализира идеалот на правда во државата. Да се сака заедницата, да се има однос кон заедницата во која живеете не бара од вас големи, надчовечки напори и жртви. Нека не ве залажуваат! Но, немојте ниту себе си да се залажувате дека да се живее во заедница, значи дека нема потреба да чините ништо! Затоа, ако сте доктор, не сте патриот ако одите пијани на работа, ако заради вас умираат луѓе кои не мораат; не сте доктор, ако работите без свест и одговорност, затоа што ви е мала платата, оти повеќе ве обврзува Хипократова заклетва од сите пари на светот; ако сте наставник, не сте патриот ако не подучувате со страст и не воспитувате и љубите како тоа да се вашите деца; ако сте судија, не сте патриот ако праведно не судите, ако немате свест дека одговарате пред идеалот за правда, а не пред партискиот штаб, уште повеќе, не сте патриот, ако го паркирате возилото на сред пешачки и ја злоупотребите судиската легитимација, закачена на шофершајбна, за да не ве казнат за прекршокот; ако сте службеник, не сте патриот ако не ù службувате на заедницата, оти и таа ви службува вам; ако сте студент, не сте патриот ако не учите, оти друга работа и немате; ако сте...што и да сте, ако сето тоа не го правите посветено, чесно и со љубов, одите и против интересите на заедницата, но и против сопствените интереси. Ете, според мене таму завршува патриотизмот, ниту помалку, ниту повеќе. Тоа е елементарен чин на почит кон себе си и заедницата. Од друга страна, не се патриоти ако од нас бараат да бидеме жртва на заедницата. Не се патриоти, ако мислат дека вреди да положиме макар и половина човечки живот во име на поголемото добро на заедницата. Не се патриоти, ако мислат дека се доволни само „големи“ идеи, а мали дневници. Не се патриоти, ако градат големи приказни како уточишта на битангите, а нас нè тераат да живееме во колиби. Не се патриоти ако ни го ставаат товарот да бидеме „велики“, како Александар, а катадневно нè третираат ситнодушно. Не се патриоти ако „градат“ здравствен систем, а во него умираат поединци. Не се патриоти ако син ви учи по Кембриџ, а урнирира по „селски“ во тоалетот на Тито. Не се патриоти, ако лустрираат, а не го прочитале Славко Јаневски. Не се патриоти ако со репресија го бришат минатиот репресивен систем. Не се патриоти ако преведуваат книги, а ни веќе преведените не ги читаат, за да знаат дека преводот е ѓаволски тешка и творечка работа. Не се патриоти кога нагрдуваат, мислејќи дека градат. Не се патриоти ниту кога градат, само за да крадат. Не се патриоти ако барат од тебе дури и да не плачеш кога тепаат. Не се патриоти ако бараат да ги почитуваш, а не те почитуваат. Не се патриоти ако од тебе бараат професионализам и посветеност кон работата, а тие ставаат на позиции „нивни деца.“ Не се патриоти ако мислат дека за градење спортски дух се потребни само убави реклами, а ладни сали. Не се патриоти ако мислат дека Академија за судии е доволно реформаторски за да продолжат истите да ги назначуваат по телефон... Да резимираме: не сте патриоти, не се патриоти - не сме патриоти. Да не ве лажат, да не лажете, да не се залажуваме. Во нашиот случај, патриотизмот е оној првиот, на Семјуел Џонсон – прибежиште на битангите, со кој само ги покриваме нашите ситни злодела со „голема идеја“. После сè што ни се случуваше овие недели, не сме патриоти – обични битанги сме, сите до еден! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина