19 Април, 2024
0.0292

Не сум јас виновен, другите се!

Објавено во: Колумни 09 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Колку пати до сега сте признале дека сте виновни за нешто.? Да можеби ќе признаете за вината, но секогаш постои оправдување за вашето однесување. Тажно е што луѓето најчесто го гледаат лошото кај другите, а при тоа никогаш нема да го видат кај себе. Кога дозволуваат работите да ги гледаат преку сопствениот страв, бес и ограничувања, кога не можат да ги контролираат своите емоции. Стануваме агресивни во ситуација кога треба да бидеме смирени, а најжално е што нашиот бес го гледаат нашите деца.  Така на пример, пред некој ден се вратив од работа преморен, а син ми на врата едвај ме дочека. Ајде тато да играме! Чекај бе тато да се измијам, да здивнам малку му велам, но тој нетрпеливо оди по мене и ајде па ајде. И кога на крајот почна ептен да запнува му се развикав, ама убаво му се развикав. Детево се растажи, легнав да се пружам малку но не можам да се опуштам, мака ми беше што му се развикав. Живи луѓе сме, и нормално е некогаш да го повишиме тонот во разговорот, во афект да кажеме нешто што не треба, но лошо е ако тоа често ни се повторува. Тоа не е добро за најблиските, а богами ни за себе. Таквото однесување ни ја црпи енергијата и не влече надоле.  И секогаш се наоѓа оправдување, имав напорен ден, ми се случи тоа и тоа..итн.  А во суштина нема оправдување и изговор за ваквото однесување. Прашањето е зошто тоа го правиме кога на крај Ние ќе се чувствуваме лошо, неубаво...а многу малку треба тоа да се спречи. А уште почудно и понеприфатливо е што во текот на денот ќе бидеме толерантни кон еден куп небитни луѓе во нашиот живот, а за оние најблиските не . Некој ќе рече, да дома си опуштен се ослободуваш па и можеш да кажеш се и сешто, но на крај на денот зошто така да биде. Зошто мојот син да се чувствува отфрлено, зошто да губиш време и нерви за небитни луѓе, а да немаш трпение за своите деца. Не ретко среќавам гневни луѓе на кои сите им се виновни, кои никогаш грешката нема да ја побараат во себе, секогаш е некој друг крив за нивните проблеми. Можеби самиот начин на живот не прави да бидеме нетолерантни кон другите луѓе. Затоа денес и не изненадува фактот, дека луѓето многу полесно знаат да критикуваат отколку да пофалат. Вината за одредено случување да ја префрлат на друг.  Раската во туѓото око ќе ја видат , а даската во своето не ја гледаат. Знаат да коментираат се и сешто за другите, а многу малку да водат сметка за своето однесување. За жал тоа го прават многу луѓе! Гневот најчесто не им дозволува да ја видат реалната слика. Така и јас дента кога се вратив дома, се напоив со негативни енергии,  и веднаш толеранцијата ми беше на ниско ниво. Од едно мало дете очекувам да разбере дека јас сум уморен. Дури и ако се следи комуникацијата на социјалните мрежи неминовно се забележува дека луѓето побрзо и полесно се одлучуваат да кажат нешто лошо, како тоа да им стои на врвот на јазикот, а за позитивно најчесто да се воздржани. Денес, во услови на недостаток на дебата, на конструктивни разговори, и пред се кога сме бомбардирани со различни информации,  најверојатно потребен ни е  некаков вентил за ослободување на негативната енергија, духовна храна за смирување на темпераментот. Затоа најдобро е да се избегне гледање телевизија, од која најчесто нема никаква корист, наместо тоа подобро е времето да се помине со своите деца, да им се посвети внимание, да се прочита книга, посадете дрвце..направете нешто добро за себе и своите блиски. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок