30 Април, 2024
0.0320

НЕ за самоволието на посилниот, па макар тоа била и државата

Објавено во: Колумни 16 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Граѓаните мора да ги исполнуваат своите должнички обврски, а државата нормално е долничко доверителските односи да ги  регулира, контролира и санкционира.  Но, во многу случаи, посебно изразени во последниот период, надлежните институции (управата за јавни приходи, судските извршители) ги преминуваат границите определени со прописите. Особено забораваат на правата на должниците во постапката за наплата на долговите. Без чувство на одговорност покажуваат  самоволие и силеџиство со кое го нарушуваат мирот и спокојството на граѓаните (со елементи на мобинг од позиција на власт), создавајќи им и материјални штети. Се блокираат трансакциски сметки без било каква информација или предупредување за неплатен долг. Шокантни се примерите во кои се врши присилна наплата од трансакциски сметки на даноци на имот без да постои и да се достави решение за кој имот се работи. Ниту правни, ниту правични се објаснувањата дека зад нестрпливоста во настапот за наплата на долговите лежи даденото право на надлежните да го наплатат долгот од должникот (се разбира, и да остварат награда за извршената наплата) и да ги задоволат барањата на доверителите. Имено, условите на задолжување се договараат однапред меѓу доверителот и должникот. Оттука, нема никаква основа тие да се корегираат во постапката за присилна наплата на долговите. А има многу работи кои надлежните, во напорите да ги остварат правата на доверителите или на државата, ги превидуваат и прескокнуваат во постапката, создавајќи револт кај граѓаните. Поради тоа, во изминатите десеттина дена, во печатените и електронските медиуми, се изнесоа случаи кои на проблемот му дадоа поинаква димензија. Се открија недопуштени постапки при наплатата на долговите кои се последица на неспособни и неодговорни службеници. И ако нешто треба да се менува во прописите за наплата на долговите од должниците треба да се предвидат и казни за незаконско, самоволно и силеџиско водење на постапката  за присилна наплата. Можеби ќе треба да се изврши и  дополнително „гиљотинирање“ на некои параграфи. Меѓутоа, се’ е поочигледно дека важна причина за неуредноста во плаќањата на обврските на граѓаните е и нередот во административните служби во претпријатијата и државните институции. Недопуштено е и треба да биде строго казниво присилното наплатување на долг за кој нема документ врз која основа е создаден и одговор на должникот дали го платил долгот, се разбира, со приложување на доказ за тоа. Запрепастувачка е информацијата дека некому му ја „истенчиле“ трансакциската сметка  со неколкукратно поголем износ од долгот, поради кој се направени дополнителните трошоци за наплата, а на крајот се покажало дека долгот бил платен. Прогледувањето „низ прсти“ на вакви случаи отвора простор за невидено самоволие и силеџиство на одделни служби и службеници. Тоа мора да се санкционира, бидејќи е последица на неуредно вршење на работата, а може да биде повод за изразување на револт кој би можел да доведе и до заострување на  тензиите во општеството. Таквите постапки не смеат да се простуваат за да не се повторуваат. Граѓанинот не смее да биде предмет на неоправдани и незаконски притисоци. Директно сум сведок за случај во кој и Управата за јавни приходи на Скопје од трансакциска сметка на граѓанин симнува околу 3.000 денари за наплата на данок на имот без било какво предупредување дека должи и за кој имот е долгот. Решение должникот добил во 2011 година, но за стан во општина Карпош кој не постои, а не за Аеродром, каде што всушност живее. И покрај тоа, го платил определениот износ и известил дека тој нема стан во Карпош и замолил да се упристои евиденцијата со неговиот имот. Администрацијата молчи до почетокот на годинава кога ги одзема споменатите 3.000 денари. Граѓанинот преку e-mail повторно известува дека знае дека должи по основ на данок за имот, меѓутоа, бара да му се достават решенијата со кои му се определува износот на данокот и за кои станбени единици се однесува тој данок за да го плати. Ова му е мошне важно поради тоа што во евиденцијата за данок на имот граѓанинот се води дека има стан во Карпош, Кисела Вода и Аеродром. Но, за самоволната администрацијата тоа не е прашање кое заслужува одговор. И без било што да каже, таа има сила да наплати од  трансакциската сметка на должникот, без да си ја заврши својата работа во врска со наплатата на долгот. Така и постапува. Од банката каде граѓанинот ја има трансакциската сметка  бара да му се блокира сметката заради наплата на данок на имот, но не се знае за кој имот, во која општина.... Граѓанинот и овојпат намерава „на слепо“ да го плати бараниот износ за да не му се блокира сметката. Меѓутоа, решен е дека доколку службите не ја упристојат евиденцијата со неговиот имот и не постапат според законските прописи за наплата на данок на имот ќе покрене постапка за утврдување на одговорност поради неоправдано вознемирување и притисоци. Како што сега стојат работите веројатно е дека службите нема „да се потресат“. Инерцијата е најголема сила во нивното однесување. Се разбира, додека, врвовите на власта не речат „стоп“ за нестручно и неодговорно однесување кое преминува во самоволие и силеџиство. Може само да се надеваме дека еден ден надлежните ќе сфатат дека во „деталите е ѓаволот“ и оти од нив зависи довербата во власта. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД