23 Септември, 2020
0.0179

Неделен Фактор: Дивјаци и дивоградби на патот на Лудиот Макс

Објавено во: Колумни 06 Септември, 2020

Ако за час ги тргнеме големите политики, читај секојдневните шпански сапуници на македонските партии опседнати со сопствените наративи, тогаш може и ќе погледнеме во хаосот кој го живееме секојдневно, токму тој кој може да има и фатални последици.

Нема ноќ да не помине, на најголемите скопски булевари, а во последно време и на помалите улици да не се слуша дивјачко возење на мотори и трки со автомобили. Колкумина од нас биле сведоци на тешки сообраќајни несреќи на Партизанска, небаре е патот од Лудиот Макс каде под дејство на високите октани остатокот од човештвото се бори за последната канта бензин.

Сведоштвото на судијката Наташа Габер-Дамјановска која и посведочила на смртта во очи, за влакно спасувајќи се од манијак со бесна кола, сигурно го имате доживеано многумина од вас. Нервозни возачи, нетрпеливи да почекаат и една секунда, брзајќи во сопствената пропаст, за жал во смрт ќе однесат и невини учесници во сообраќајот.

Мора сериозно да се покрене прашањето на изречените казни за прегазени пешаци и велосипедисти, како и за судири со автомобили во кои има жртви. Трагедијата на адвокатката Наташа Апостолоска од Тетово и нејзиното потресно сведоштво по срамната пресуда, прави сите ние останатите да се чувствуваме како дивјаци. Нема правда која ќе може да и го врати нероденото чедо и усмртениот сопруг, но правосудството постои за да покаже дека пред словото на законот сите сме исти.

Тие што се огрешиле, колку и да има олеснителни околности, мора да одговараат за одземените животи во сообраќајот. Селективното изрекување на пресуди слично како и за прегазениот мотоциклист кај "Млечен" само им даваат мотив на дивјаците да нагазат на педалата за гас. Што е важно ако прегазиш и убиеш некого на булеварите и улиците ако не одлежиш ниту еден ден затвор.

Ќе се прашате па, каква врска има сето ова и со дивоградбите? Има и тоа голема. Можеби сеирџиите уживаа во преносот во живо од настанот на декадата кога по подолго време една брутална дивоградба конечно беше урната. Но, тоа верувајте не е доволно, не е ниту притворањето на локалниот охридски шериф Нефи.

Ако оваа власт сака да покаже дека сака да ја врати правдата мора да тргне да урива се по ред, неселективно, без никакво влијание на политиката или на партиите и интересите на коалициите. И правосудството да ги "урива" сите моќници и надлуѓе кои со бес, ароганција и свирепост тешко повредиле или усмртиле други во сообраќајот.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Данило нашиот здравичар

Данило нашиот здравичар

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море