19 Март, 2024
0.0268

Неделен Фактор: Хохштаплери, преваранти, мафија

Објавено во: Колумни 11 Април, 2021

Добивај вести на Viber

На толку „материјал“ продуцентите на популарната серија Narcos на Netflix нема што да се мислат, и слободно следниот серијал може да го снимаат во Македонија, новиот „картел“ кој одекнува и во светските медиуми. Зарем дочекавме во државава акција да спроведува ДЕА, најмоќната американска агенција за борба со дрогата која вообичаено „оперира“ во Латинска Америка.

ДЕА му стави крај некогаш на нарко-терористот Пабло Ескобар кој предизвика граѓанска војна во Колумбија и уби речиси 4.000 луѓе. Е таа ДЕА, овој пат спроведе акција и во Македонија. Ваквиот ангажман сугерира дека зад заплената на дрога вредна 800 илјади евра стои многу поголем картел, некоја помоќна меѓународна организација која мора да биде срушена.

Е, на тоа се сведе Македонија. Да се претвори во држава која наликува на нарко земјите како Колумбија и Мексико. Како џокер на покер излезе и аферата со доделување на над 200 пасоши на белосветски криминалци, сите со заверен „печат“ од МВР. Пробушен систем како фенерџија на Бернабеу.

Хохштаплери, преваранти, мафија. Кум 1, Кум 2 може го..а да јадат. Вака намачениот Илко од култниот филм „Тетовирање“ ја почнува својата несвесна голгота. Пијан будала, со малку зголемена храброст во кафеана го критикува системот, кој мисли дека може да се сруши малку по малку, гриц, гриц и гриц и оп. Ама Илко на суров начин сфати дека „комунистите не се откажуваат така лесно од власта“.

Во моментиве сите ние сме Илко. Малку ќе се поднапиеме, ќе се заседнеме во кафаните, и со пријателите од муабети за животот ќе се префрлиме на политиката. Ама, време е да се отрезниме. Ваквите афери се доволни и во нашиот мамурлак, да не освестат и покажат каде всушност ние тоа живееме.

Кога ќе ни текне дека нашиот пасош го носат слободно низ светот најголемите нарко босови, најбарани меѓународни криминалци и политички моќници. Кога на секоја следна пасошка контрола ќе не прегледуваат како потенцијални кримоси и бандити.

Начинот на кој ќе се справи државата, или тоа што останало од неа во институционална смисла со кредибилитет и интегритет ќе покаже дали ќе прераснеме во „земја на картелите и мафијата“ или навистина ќе го заслужиме местото во европското семејство.

Да не ни падне само мрак пред очи, тогаш може сешто да се случи, или сепак не?

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?