26 Април, 2024
0.0274

Нема аргентинско танго меѓу Трамп и Путин

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Неколку часа пред доаѓањето на претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Аргентина вчера дојде веста дека се откажува нивната двострана средба на Самитот на Г20. Како по обичај Трамп твитна. Напиша дека ја откажува средбата со Путин затоа што украинските морнари и бродови задржани од Русите во неделата на влезот во Азовско море не се вратени во Украина. Тој изрази надеж дека ќе има нови можности за самит на врвот.

Оваа изјава на Трамп дојде неколку часа по неговата најава пред новинарите дека ќе има  средба со Путин во Буенос Аирес на 1 декември. Но притоа додаде дека ќе ги изучи сите извештаи за инцидентот во Црно море, по што ќе донесе конечно решение. Не е јасно дали читал документи или не, но од САД соопштија дека имало консултации со Стејт департментот и неговите советници, по што тој сепак се одлучи за откажување на средбата. Стејт департментот решението на Трамп го нарече „Јасен сигнал до Москва“. Вашингтон бара враќање на Украина на екипажите и на бродовите задржани по инцидентот во Црно море. Во спротивно на Русија и се заканува изолација, се заканија од Стејт департментот, нагласувајќи дека за ова се направени консултации со европските партнери од НАТО, ОБСЕ, ЕУ, имало вонредни сесии на тие организации и сите истапиле со силни изјави.

Русите, како и Американците, оваа вест ги затекна во авион. Нивниот прв одговор беше лаконски. Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, потврди дека се во авион на пат за Аргентина и додаде дека ако средбата се откажува, тогаш претседателот Путин ќе има слободни неколку часови. За подоцна да додаде дека Путин „е подготвен за контакти со својот американски колега, без оглед на тоа што Трамп ја откажа средбата“. Песков изрази жалење поради решението на Вашингтон додавајќи дека „Тоа значи дека разгледувањето на сериозни прашања од меѓународен или обостран карактер се одлага на неопределено време“.

Ова е веќе втор пат да се одлага полноцена средба меѓу Путин и Трамп и нивните соработници. Таа беше подготвувана. Најавено беше дека двата претседатела во четири очи ќе разговараат околу 20 минути, а потоа делегациите на двете земји ќе имаат околу два часа на располагање за разговори. Беа најавени и темите за разговор. Но како што сега стојат работите ќе нема ништо од тоа. Можеби во кулоарите ќе се сретнат, ќе разменат некоја реченица. Првата нивна планирана средба требаше да биде во Париз на одбележувањето на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна. Но Емануел Макрон, францускиот претседател замоли таква средба да не се одржи. Причината беше да не падне настанот во сенка на средбата на врвот на двете супер сили.

Причината за откажување на средбата во Буенос Аирес, според Трамп, беше невраќањето на морнарите и бродовите на Украина запленети од Русите по инцидентот во Црно море.  Тој се случи на 25 ноември. Три украински борда во Црно море кои се обидуваа да влезат во Азовско море со 24 члена екипаж, според Русите, ја нарушиле границата. Дојде до престрелка и заробување на бродовите и екипажот.

За тоа што се случи има многу искажувања. Од тоа дека е направено намерно пред најавениот самит меѓу САД и Русија, дека зад него стојат западните држави кои ја поддржуваат Украина, па дека украинскиот претседател работи, односно провоцира да си го зголеми рејтингот, а тоа истото го прави и Путин. Па направено е Порошенко да воведе воена состојба за да, на некој начин, им покаже на своите соперници на претседателските избори во март догодина, кој е главен во куќата...

Инцидентот, односно однесувањето на Русите во него наиде на осуда од повеќе западни земји. Но нагласката беше ставена на тоа дека доколку постојат проблеми тие треба да се решаваат низ дијалог. Сето тоа им даваше на Русите чувство дека Запад конечно разбира дека станува збор за украинска провокација. Но како одминуваше времето реакциите беа поконкретни и поостри, но без намера да се воведат нови санкции кон Русија, иако тоа веднаш го побара Порошенко. Најконкретна реакција е оваа на Трамп и тоа на големо задоволство на украинскиот претседател. Ќе видиме дали нешто ново ќе дојде од Буенос Аирес.

Вчера германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин изјави: ,, Овде нема воено решение. Мора и натаму да се преговара. “  Таа побара од Украина да ,,ја задржи присебностa”. Германската канцеларка ја обвини Русија дека со изградбата на мостот кон Крим го отежнале влезот во Азовското Море. За тоа таа смета дека  целосно е одговорен претседателот Путин. Таа вети и дека во рамките на Нормандискиот формат заедно со Франција ќе се обидат со Русија и Украина да најдат долгорочно решение. Ова последново е повеќе флоскула отколку нешто конкретно што повикува кон решение кое ќе донесе резултат. Толку години се Минските договори и Нормандискиот формат, а не е направен ниту чекор напред. За тоа вина имаат и Меркел и Макрон.

Од друга страна во Русија паѓа рејтингот на доверба кон Путин. Тој е нарушен најмногу по протестите против пензиската реформа и економските проблеми од санкциите воведени од Западот. Кога Крим се присоедини кон Русија неговиот рејтинг на доверба беше речиси 80 проценти, а годинава е многу далеку од оваа бројка и се врти околу 40 проценти. Затоа некои сметаат дека тој сака повторно да ја игра истата игра.

А што да се каже за Порошенко? Тој побра воведување воена состојба од два месеца. Тоа би значело до крајот на јануари, а во земјата во март треба да се одржат редовни претседателски избори. Пратениците во Радата(украинското собрание) и не само тие, туку и други политички сили, кренаа узбуна. Демек, Порошенко намерно сака да воведе воена состојба за да влијае врз изборите. Дотолку повеќе што на рејтинзите сега далеку заостанува за Јулија Тимошенко, некогашниот премиер, и некои други кандидати. Во Радата при изгласување на воена состојба, на барање од пратениците од 30 дена, и закажување, уште од сега на изборите за 31 март, атмосферата беше експлозивна. Никој не му верува на претседателот дека тој има чесни намери да ја спаси земјата од руска агресија, која „натрупала“ армии на заедничката граница. Многумина му забележаа дека тие таму се веќе четири години, а нему не му текнало досега да воведе воена состојба. Дури и кога имало вистински причини за тоа.

Се јавија и поранешните украински претседатели, двајцата Леонидовци, Кравчук и Кучма, и Виктор Јушченко. Тие ја предупредија власта од непромислени решенија, кои можат да доведат до „катастрофални социјално-економски и демографски последици“. Трите поранешни претседатели во отвореното писмо до парламентот изјавија дека единствена причина поради која е покренато прашањето за воена состојба – тоа се наредните избори, па заради тоа „поголем дел од јавноста смета дека на тој начин ќе биде ограничена демократијата“.

Олигархот Игор Коломојски, кој вооружа цела армија доброволци во 2014 година да се спротивстават на тогашните сепаратисти, а кои и ден денес ги сметаат за негова лична армија, деновиве изјави дека „Сите разговори дека таму (во Донбас) седи Путин и командува со се', сето тоа е смешно. Знаејќи ја ситуацијата од внатре, тоа не е никаков Путин“. Коломојски смета дека следниот претседател на Украина може да го реши прашањето на Донбас од „чист лист“, но за тоа треба да се разговара со тие што се таму. Некои пратеници од опозицијата сметаа дека Порошенко забегал во националистички води и дека негово гесло сега е: „Јазик, вера, армија“. И очекува тоа да му помогне на наредните избори.

Во една анализа на CNN, NickPatonWalsh, ќе напише: „Украинскиот претседател Петар Порошенко нема стратегија. Искрено кажано, тешко е да си претставиш себе си, дека кој и да е на негово место би ја имал. Тоа веќе одамна и причинува болка на Украина. Тоа е болеста на власта во Киев. Корупција, олигарси, недофинансирана армија, меѓусебната борба во редовите на уморената елита. Сето тоа и пречи на Украина да дава отпор на инвазиите на Русија кои се повторуваат“:

Оставајќи ја настрана потрагата по причините за отказ на средбата меѓу Трамп и Путин и се она што можеби е блиску или далеку од вистината не може да се отфрли сомнежот дека на Трамп, во моментов, најмалку му е потребна средба со Путин. Иако тој го поврза одлагањето на средбата со судбината на морнарите и бродовите, мора да се каже дека тој си има мака и дома, па средба со Путин во моментов би му донела уште една главоболка. Специјалниот обвинител Милер ја води истрагата кон крај. Вчера поранешниот адвокат на Трамп Мајкл Коен призна дека лажел минатата година кога го сослушуваа во врска со плановите за изградба на Trump Tower во Москва. Во Сенатот и Конгресот има речиси единство меѓу републиканците и демократите во поглед кон Москва, па секој потег на Трамп на шаховската табла со Русија се следи со огромно внимание. По средбата со Путин во Хелсински, Трамп беше изложен на огромен притисок за разговорите. Многу негови советници му препорачуваат да го избегнува Путин и Русија.

Од друга страна на Путин нема да му е сеедно одлагањето на средбата. Тоа за него ќе претставува и мал удар. Но тој е непредвидлив. Велат не е далековид стратег, но затоа е многу прагматичен. Ако е така тој од ова што сега се случува ќе гледа да извлече максимум, знаејќи дека Трамп и онака има врзани раце во поглед на Русија. Заканата со изолација не е прва. И досега се зборуваше за такво нешто, но сепак Путин беше дочекува со помпа надвор, а примаше високи гости и дома. Едно е јасно дека Трамп и Путин нема да одиграат аргентинско танго. Ако си споменувате во Австралија на собир на Г20 по настаните во Украина, Путин не го дочека крајот на Самитот. Замина лут ден порано, зашто беше мета на критика за неговата политика кон соседната земја и тивка изолација. Веројатно тоа нема да се повтори и овој пат.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД