Недостигаат пари за колекторскиот систем и пречистителна станица во Пелистер
Објавено во: Мои пари 17 Август, 2013
Како дел од активностите на кампањата за чистење на националните паркови „Македонија без отпад 2013“, министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, и заменик министерот Стево Темелковски денеска ги посетија децата кои се на рехабилитација на Пелистер
Според Адеми, Владата вложува максимални напори да овозможи здрава животна средина, како предуслов за добро здравје и благосостојба за младото поколение. За таа цел, посочи, Министерството за животна средина повеќе од десет години, финансиски ја подржува активноста на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение од Велес за обезбедување климатска рехабилитација на деца кои боледуваат од болести на респираторниот систем, анемии, алергии и слично како последица на енормното индустриско загадување.
„Првите години ова беше привилегија на децата од Велес, но последниве години, на наше задоволство, активноста се прошири и се вклучија и деца кои живаат во село Осломеј, кавадаречкото село Возарце и село Миладиновци во непосредна близина на индустриските капацитети ОКТА, ОСЛОМЕЈ и ФЕНИ. Министерството ги покрива финансиските трошоци за еднонеделен престој на 240 деца и уште 22 помошен персонал“, изјави министерот Адеми.
Инаку, денеска се разговараше за повеќе прашања кои се важни за заштитата на Пелистер од еколошки аспект, вклучувајќи го и проектот за изградба на колекторски систем и пречистителна станица што е неопходно на оваа планина.
,,Штотуку дискутиравме и со градоначалникот и со директорот на Националниот парк околу ова прашање затоа што овој проект еднаш почна но од финансиски причини не можеше да се реализира. Разгледавме неколку опции. Јас не сакам сега да ги изнесам во јавноста затоа што после ќе треба истите и да ги оправдаме. Во соработка и со општината и со националниот парк и со централниот буџет ќе се обидуваме ова прашање да го решиме. Меѓутоа дали ќе успееме следната година да ги предвидиме се уште не можам тоа да го потврдам“, изјави Адеми.
Покрај „Пелистер“ во рамки на кампањата ќе се спроведат активности за чистење и на националните паркови Галичица и Маврово.